Пуштена во употреба канализација и пречистителна станица во Трубарево

Населеното место Трубарево во Општина Гази Баба доби функционална канализација и пречистителна станица, со што е решен најголемиот проблем со кој се соочуваа жителите на ова место во изминатите 17 години.

На пуштањето на објектите во употреба се обрати градоначланикот на Општината Борис Георгиевски кој нагласи дека со тоа се исполнети ветувањата што ги дал дека ова населено место ќе добие функционална фекална канализација и пречистителна станица и тоа го исполнив.

-Иако проектот беше ветен уште во 2002 година но не исполнет, а жителите беа оставени на милост и немилост. Изградената фекална канализација не беше функционална, ниту некој се грижеше за неа. Конечно, ставивме крај на најголемиот проблем со кој се соочуваа граѓаните цели 17 години. Септичките јами ќе бидат минато, а со тоа ќе добијат достојни услови за живот, рече градоначалникот Георгиевски.

Тој им се заблагодари на жителите на Трубарево за трпението додека се градело и нагласи дека сите улици што беа ископани за да се постави мрежата, се повторно асфалтирани и вратени во целосна функција освен уште две до три улици на кои се работеше во изминатите месеци, а кои ќе бидат асфалтирани.

Системот е со вкупна должина од седум километри од кои примарни и секундарни линии се изведени во должина од пет километри и ќе овозможи голем број корисници да почнат да ја користат фекалната мрежа, а домаќинствата што не се дел од мрежата, да бидат приклучени.

Комплетниот проект за изградба на фекалниот колектор е реализиран со околу 35 милиони денари, средства на општината. Дополнително се предвидени и нови шест милиони денари за во наредниот период да се приклучат уште две маала во ова населено место кои не се приклучени на колекторскиот систем и тоа бесплатно од страна на општината до нивниот двор, наведе градоначалникот Георгиевски.

Тренчевска: Опфатот на децата во градинките 48 проценти, до 2028 година ќе изнесува 70 проценти

 Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика во техничката Влада, Јованка Тренчевска денеска информираше дека имаат таргет до 2028 година, 70 отсто од децата да бидат вклучени во градинките.

- Во 2017 година, кога се формира Владата предводена од СДСМ, опфатот на децата во градинките беше од 25 до 27 отсто од вкупниот број деца вклучени во градинките. Денес, тој процент е 48, дополнително ќе се зголеми со градинките што чекаат на отворање. Таргетот ни е до 2028 година, тој процент да се зголеми на 70 отсто деца опфатени во предучилишно образование и секако, тој број да се зголемува, одговори Тренчевска на новинарско прашање на брифингот со новинари во Клубот на пратеници.

Во однос на листите на чекање за прием во градинка, таа кажа дека најкритично е во скопските општини.

- На територијата на целата држава од 2017 година до денес, изградени се 84 градинки со вкупен опфат на над 8 000 деца. Во декември 2023 година, Владата додели четири милиони евра за изградба на нови градинки во општините Бутел, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Аеродром и во Карпош, подвлече Тренчевска.

Од 2018 година до денес во детските јавни установи вработени биле вкупно 2 881 лице, а бројот на лиценцирани негувателки и воспитувачки во овој период, изнесувал 740 лица.

НАТО ја одбележува 20-годишнината од своето најголемо проширување

НАТО денеска ја слави 20-годишнината од најголемото проширување на Алијансата, кога на пактот се приклучија седум земји.

„Денеска се навршуваат 20 години од приемот на Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија“, изјави портпаролката на НАТО, Фара Даклала.

„Оваа година се одбележува и 25-годишнината од првото проширување на пактот по Студената војна со пристапувањето на Чешка, Унгарија и Полска, како и 75 години од основањето на Алијансата“, додаде таа.

Претходно овој месец, НАТО објави податоци кои покажуваат дека повеќе од 80 отсто од граѓаните на земјите од пактот се на мислење дека земјите од Европа и Северна Америка треба да работат заедно за безбедноста.

Ѓоковиќ се уште не избрал нов тренер

 Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ изјави дека се уште не знае кој ќе му биде тренер. Пред тоа ја прекина соработката со Горан Иванишевиќ. Србинот истакна дека Хрватот е негова драга личност и нивното пријателство нема да заврши.

-Се уште не знам точно кој ќе биде новиот тренер и дали воопшто ќе има таков. Имам тренери уште од детството, сега се обидувам да се потпрам на моите чувства и самостојно да одлучувам што ми треба, што е позгодно за мене. Ако некој се приклучи на тимот, тоа ќе биде објавено, изјави Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ и Иванишевиќ почнаа да соработуваат од 2018 година. Покрај Ѓоковиќ, Иванишевиќ беше тренер на Хрватот Марин Чилиќ, Чехот Томаш Бердих и Канаѓанецот Милан Раониќ.

Од 2018 година, Ѓоковиќ четири пати ги освои Австралија Опен и Вимблдон, како и Ролан Гарос и УС Опен по два пати. /МИА

притисни ентер