Со МРП вакцина досега вакцинирани 32.653 деца на возраст до 14 години, бројот на заболени од морбили намален за 30 отсто

 Министерството за здравство соопшти дека вкупниот број вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина, од почетокот на епидемијата со морбили (мали сипаници) во целата држава изнесува 32.653.

Од нив, 16.082 деца се вакцинирани на територија на град Скопје, додека пак, 16.571 дете е вакцинирано во останатиот дел од државата.

Во текот минатата недела (од 6 јули до 12 јули) се пријавени 11 сомнителни случаи. Од нив, 10 случаи се класифицирани како мали сипаници, што покажува намалување од 30 проценти, споредено со минатата недела. Од вкупниот број пријавени случаи, седум се од Скопје, а останатите тројца од Куманово. Според вакциналниот статус, девет од регистрираните случаи се невакцинирани, нецелесно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Оваа недела не се регистрирани нови случаи на мали сипаници кај здравствени работници, посочува Министерството.

Во целата држава остануваат уште 10.203 невакцинирани деца на возраст до 14 години. Потребно е да се засили спроведувањето на вакцинацијата, особено на предучилишните деца надвор од Скопје, каде од вкупно 19.494 невакцинирани, досега се вакцинирани само 11.130 деца, се додава во соопштението.

Во извештајот на Европската комисија се вели дека Министерството за здравство презеде чекори за контрола на ситуацијата со епидемијата, преку директна вакцинација во училиштата и детските градинки и со почнување голема кампања за вакцинација. Вакцинацијата е единствената мерка за заштита од мали сипаници. Сите деца што се невакцинирани, за да се заштитат од заболувањето, треба веднаш да се вакцинираат, стои во соопштението./МИА

Традиционално искачување до Караниколичко езеро на 2200 метри надморска височина

Планинарскиот клуб Тетекс во недела 21 јули го организира традиционалното искачување до Караниколичко езеро на 2200 метри надморска височина. 

Сите кои сакаат да учествуваат во недела во 6:30 часот треба да бидат пред Центарот за култура во Тетово од каде се оди до селото Вешала со организиран превоз. Од Вешала на 1256 метри надморска височина започнува искачувањето кон Караниколично Езеро.

-Караниколичко Езеро (Голем Ѓољ) претставува најубавото и најживописно глацијално езеро на Шар Планина. Патеката е со вкупна должина од 14.57 километи или отрилика 4 часа пешачење во искачување и 2,5 часа во симнување, зависно од групата. Патеката спаѓа во средно тешка со искачивање од 950 мнв. По патеката има вода на повеќе места. Заради променливите временски услови, се препорачува соодветна опрема според сопствени потреби. Планирано е подолг престој на брегот на самото езеро со можност за капење, информираат од планинарскиот клуб Тетекс.

Планирано враќање кон селото Вешала е за во 16:00часот.

Директорот на НАСА, откри зошто Американците само еднаш зачекориле на Месечината!?

Тоа се е поврзано со „политичките ризици“ објаснил директорот Брајденштајн, поради што дошло и до намалување на финансиските средства.

Директорот на Американската вселенска агенција НАСА Џим Брајденштајн изјавил дека американските астронаути веќе никогаш не се вратиле на Месечината, поради тоа што од тој момент никогаш веќе немало доволно средства за таква вселенска програма.

Тоа се е поврзано со „политичките ризици“ објаснил директорот Брајденштајн, поради што дошло и до намалување на финансиските средства.

-Да ги немаше тие финансиски ризици, ние веќе сега би биле на Месечината, би биле и на Марс, нагласил директорот на НАСА.

Брајденштајн појаснил дека НАСА од 1990 до почетокот на 2000 година се обидувала да се врати на Месечината и да слета на Црвената планета, но дека двете програми побарувале долга подготовка и сериозни трошоци.

Првиот човек на НАСА воедно укажал и на тоа дека од истите причини  можеби нема да се реализира ниту планираното слетување на Марс закажано за 2024 година.

Инаку, неодамна администрацијата на претседателот Трамп наложила да се забрза реализацијата на лунарниот програм, за во следните пет години да се оствари ново слетување на човек на Месечината , наместо до 2028 година, како што претходно било планирано , пренесе Спутник.

Ловците од Виничко пуштија 400 нови фазани во ловиштата, се најавува нов Закон за ловство

 Пред почетокот на ловната сезона на прелетен дивеч членовите на ловечкото здружение „Бел камен" од Виница пуштија 400 нови фазани во ловиштата во општината.

Птиците се набавени од сопствени средства на здружението и беа пуштени во ловните терени кај селото Драгобраште и во околината на Виница. Се работи за редовна акција чија цел е да се обнови и збогати ловниот фонд во регионот.

-Токму на Илинден почнува овогодишната сезона на прелетен дивеч, поради што пуштањето на подмладок и повозрасни фазани ќе им овозможи подобри шанси за улов на нашите членови. Исто така, се подоготвуваме и за почетокот на главната ловна сезона чиј старт традиционално е во октомври. Во моментот имаме околу 200 активни ловци, од кои поголем дел се вклучени во одржувањето на ловниот фонд на нашето подрачје, истакна Лазар Коцев, претседател на здружението „Бел камен".

Ловното здружение од Виница веќе деветта година е концесионер на две ловишта за крупен дивеч на период од дваесет години, како и на две ловишта за ситен дивеч на десет години.

На пуштањето на фазаните во Виничко присуствуваше и претседателот на Ловечката федерација на Македонија, Влатко Алексовски кој рече дека се подготвуваат нови законски одредби за ловството.

– Веќе разговаравме со надлежните во ресорното министерство и заеднички заклучивме дека се потребни итни измени на одредени решенија во законите за оружје и за ловство што се актуелни во моментот. Наша крајна цел е да се подготви целосно нов Закон за ловство,  почнуваме од понеделник и за еден и пол месец очекувам да биде донесен законот. Еден од приоритетите е укинување на електронската аукција при доделување на концесиите, затоа што се предвидува повеќе од 70 отсто од ловиштата за ситен дивеч се опфатени со аукцијата, па сметаме дека ќе настане класично разграбување на ловните терени од страна на поединци кои имаат поголема финансиска моќ. Со измените во Законот ќе овозможиме нов модел, при што предност ќе имаат старите концесионери, истакна Алексовски.

Во државата во моментот има 74 концесионери на вкупно 276 ловишта, од кои четири се државни, а едно е факултетско и кај сите е забележан брз пораст на бројот на диви свињи, поради што од Министерството за земјоделство ќе се бара да се зголеми квотата за нивен отстрел./МИА.

притисни ентер