Нова дива депонија на патот од Тетово кон Фалише

Група граѓани кои имаат домови и фирми долж патот од Тетово кон Фалише реагираат дека се создава нова дива депонија. Поради складираниот смет на една оградена локација тие половина час го блокираа сообраќајот.

– Штетно е по здравје да имаш толку многу смет. Има многу погони и населба со нови куќи. Миризбата и чадот не дозволуваат нормално да се живее. Тука има над 10 погони со околу 200 лица кои работат, рекоа граѓаните.

– Да се отстрани сметот од овде итно, зошто е без наша согласност. Ние тука инвестираме многу пари, а од општината добиваме смет во соседството, рекоа стопанствениците.

Од јавното комунално претријатие Тетово соопштија дека ова место е за товарење како привремена мерка. Според нив нема да нема мирис таму бидејќи отпадот не се остава повеќе од 7 часа, по што се носи во депонијата Дрисла.

Огромните количини смет деновиве има и на претоварната станица на ЈКП Тетово што се наоѓа кон селото Требош. /МИА

Престанува мандатот на обвинителите на СЈО, Јовески може повторно да ги активира

Советот на јавни обвинители денеска треба да го констатира престанокот на мандатот на обвинителите од Специјалното јавно обвинителство.

Во саботата специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која во моментот е во притвор беше едногласно разрешена од членовите на Советот.

По одлуката на Советот, на потег ќе биде јавниот обвинител Љубомир Јовевски кој, доколку одлучи, има можност на обвинителите кои до сега ги водеа предметите да им ги додели повторно.

Од предметите за кои СЈО покрена над 20 обвиненија, само три се целосно затворени, неколку се вратени на повторно судење или се чека изјаснување на Апелациониот суд.

Откако Јавното обвинителство пред неколку дена ги побара предметите на СЈО, од Специјалното јавно обвинителство експресно одговорија дека се подготвени да ги предадат сите предмети по кои постапуваат со сите списи и докази.

Загриженост и неизвесност за својот статус пројавија и стручниот, административен и помошно-технички персонал на СЈО и  побара помош од меѓународната заедница која беше дел од процесите на формирање на ова обвинителство и од политичките чинители во земјава. Министерката за правда Рената Дескоска во изјава за МИА рече дека за време на разговорите за законот за Јавното обвинителство предложиле вработените во СЈО да бидат префрлени во републичкото Јавно обвинителство. /МИА

Почнува Европската недела за мобилност „Пешачи со нас"

Град Скопје од денеска почнува со одбележување на Европската недела на мобилност што годинава се одржува под мотото „Пешачи со нас – Сигурно пешачење и возење велосипед".

Во текот на оваа недела ќе бидат организирани низа настани со кои Градот ќе се обиде да ги поттикне граѓаните да ги променат навиките и почесто да користат активни начини на движење или да го комбинираат пешачењето и возењето велосипед со користење јавен превоз.

Ќе се организираат работилници и трибини посветени на активностите на Град Скопје кои придонесуваат за подобра мобилност во градот, за зголемување на безбедноста во сообраќајот, за придобивките од пешачењето и возењето велосипед, за електричните тротинети и за влијанието на транспортот врз климатските промени. Со одржлива туристичка тура до Матка ќе се промовира комбинираниот превоз до рекреативните центри, а во четврток попладне, улицата „Димитрија Чуповски" ќе биде затворена за сообраќај бидејќи на коловозот ќе се организира Вело фиеста – дружење и забава за граѓаните. Традиционалното велосипедско дефиле по градските улици ќе се одржи во петок.

Партнер на Град Скопје во реализацијата на овој проект е здружението на граѓани „Македонски зелен центар", а во организирањето учествуваат и Делегацијата на Европската Унија, Министерството за животна средина и просторно планирање, скопски општини, средни училишта и центри на култура на Град Скопје, GIZ, Црвниот крст, МВР, ЈСП, Републички совет за безбедност во сообраќајот, Македонската велосипедска федерација, Цементарница Титан, како и повеќе здруженија на граѓани, меѓу кои Прв до врв, Еко свест, Еко логик, Go green, Смарт Ап, Електромобилност и други./МИА

Османи во Брисел ќе ја реафирмира подготвеноста на земјата за старт на преговорите со ЕУ

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска во Брисел ќе се сретне со високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и потпретседателката на Европската комисија, Федерика Могерини.

Средбата ќе биде искористена за да се реафирмира подготвеноста на земјава за напредок во европските интеграции во пресрет на Самитот на ЕУ во октомври.

Од Секретаријатот за европски прашања информираа дека планирани се и средби на Османи со државната секретарка за европски прашања и претставничка на Хрватска во ЕУ, Андреја Метелко-Згомбич и со директорката за Западен Балкан во рамки на Генералниот директорат за соседство и проширување во Европска Унија – ДГ НЕАР, Геновева Руиз Калавера.

Работната посета на Брисел е дел од турнејата на вицепремиерот Османи за посета на метрополите на земјите членки на ЕУ. По Брисел, следат посетите на Берлин и Варшава кои планирано е да се реализираат кон крајот на неделата./МИА

притисни ентер