До петок предлозите за реконструкција на Владата во Собрание

 Планирам до петок да ги доставам предлозите за реконструкција на Владата зошто Парламентот на почетокот на идната недела планира седница.

 Ако тоа се случи во понеделник или вторник следната недела веднаш по изгласувањето на реконструкцијата продолжуваме со промената на директорските места и да ги завршиме кадровските промени, најави денеска премиерот Зоран Заев.

-Верувам дека до крајот на месецот СДСМ ќе ги донесе одлуките за избор на потпретседателите на партијата и мал дел на претседатели на општински организации кои останаа неизбрани, рече Заев во одговор на прашање на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека за СДСМ е прифатливо да се направат измени на Изборниот законик и земјава да биде една изборна единица или, пак, да има повеќе изборни единици со отворени листи.

-Денеска имав состноци со НДИ, Швајцарска амасада и со други кои даваат одредени сугестии за модели за Изборниот законик. Сметам дека во овој период треба да го отвориме Изборниот законик, бидејќи сме доволно далеку од редовните избори и можеме да направиме добар изборен законик со следење на препораките на ОБСЕ ОДИХР кои  се конкретни и прецизни, но и да воспоставиме нов модел. Наш став како СДСМ е зголемување на демократските аспекти на изборното право на граѓаните, потенцира Заев.

Верувам, додаде, дека и другите политички субјекти ќе направат исчекор за да имаме помодерни демократски права на бирачите и апелирам политичките партии, експертите и институциите да работат заедно за да донесеме нов изборен законик колку што е можно побрзо. 

ДВ: Макрон го поткопува кредибилитетот на ЕУ на Балканот

Македонија и Албанија нема да започнат преговори за пристапување затоа што францускиот претседател не го дозволува тоа. 

И тоа може да го остави Балканот во конфликти и на други сили, коментира Бернд Ригерт, дописник на Дојче веле од Брисел во авторскиот текст за случувањата на дводневниот Самит на ЕУ и неможноста на европските лидери да се договорот за преговори со Скопје и Тирана.

– „Разочарување има во Македонија и во Албанија. Тоа е разбирливо. Според Европската комисија, Европскиот парламент и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, двете земји од Западен Балкан ги исполниле условите за започнување на преговорите за ЕУ. Од 2003 година, тие и другите балкански земји добија еврпска перспектива. Македонија ги исполнува барањата уште од 2009 година, а Албанија од минатата година. Откако Скопје го реши спорот со Атина околу името, Македонците веруваа дека на овој самит на ЕУ конечно ќе им се даде зелено светло за почеток на преговори. Но, тоа експлицитно го одбива само еден европски лидер – францускиот претседател Емануел Макрон. Уште двајца, холандскиот премиер и данската премиерка, се сокрија зад Макрон и одбија разговори со Албанија.

Неразумното вето на Макрон ја втурнува Европската унија во двојна криза со кредибилитетот – едниот на Балканот, другиот во самиот Брисел.

Колку вредат ветувањата на ЕУ доколку не се исполнат дури и по реформите и напорите на кандидатите? Зошто експертите во Европската комисија, која знае да биде критична, со години ги проверуваат кандидатите ако на крајот е доволно „не" од Париз да ги направи бројните резултати од проверката безвредни?

Идниот претседател на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која се залага за евроинтеграција на балканските држави, ќе има големи тешкотии со француското противење. Не помага тоа што Макрон прво овозможи таа да дојде на таа позиција – а сега е навреден што не успеа да помине неговата кандидатка за Европската комисија. Макрон е лут на Брисел. Исто така, не помогнаа ниту гаранциите од канцеларката Ангела Меркел, која се залага за проширување на ЕУ.

Кредибилитетот на ЕУ и последиците во балканските земји – фрустрацијата и падот на подготвеноста за реформи – очигледно не се толку важни за францускиот претседател, како внатрешните аргументи што тој ги изнесе. Секако, зад вратот му е десничарската популистичка опозиција, која повеќе не сака имигранти во Франција и зборува против Европската унија. Но, тоа сигурно не би требало да ја поткопа заедничката политика на ЕУ.

И во Германија, десничарските популисти ги критикуваат настојувањата за проширување на ЕУ. Канцеларката, сепак, тоа досега не ја интересираше.

Шуплив е и аргументот на Макрон дека Албанија не може да ги започне преговорите затоа што многу Албанци бараат азил во Франција. Минатата година во Франција азил добија точно 74 Албанци. Останатите 8000 се економски мигранти и можат да бидат депортирани.

Поважното прашање е зошто економската состојба во Албанија е толку лоша што многу луѓе ја напуштаат земјата. Процесот на пристапување, што може да трае десет години или повеќе, може да се искористи за економски зајакнување на земјата и приближување до стандардите на ЕУ. Албанија и Македонија не би влегле во Европската унија утре и за нив не би важело веднаш слободното движење на работната сила. Работата е сосема обратна.

ЕУ несомнено извлече лекции од преговорите за пристапување со Бугарија, Романија и Турција. Денес, процесот е многу покомплексен и ригорозен. Понатамошните измени на овој процес, што со право ги бара францускиот претседател, можат да се случат и за време на преговорите, а не задолжително пред нив.

Процесот на пристапување никогаш не бил ригидна проверка, туку секогаш дава можност да се реагира на ситуацијата во земјите кандидати. Најдобар пример за тоа се 14-годишните преговори со Турција, кои се практично замрзнати поради автократското однесување на претседателот Ердоган.

Без перспектива дека еден ден ќе бидат дел од ЕУ, се загрозува мирот меѓу балканските земји. Влијанието на Русија, Кина и Турција би можело да се зголеми. Тешко е да се замисли дека тоа го сака францускиот претседател.

Аргументите на Франција се слаби. Макрон треба да го преиспита своето вето освен ако и тој самиот не сака да биде популист. Следната можност е самитот на ЕУ во декември", пишува Бернд Ригерт во авторскиот текст „Макрон го поткопува кредибилитетот на ЕУ на Балканот"./МИА

САД разочарани од неотпочнувањето преговори на ЕУ со Македонија и Албанија

Американскиот Стејт департмент изрази разочараност што Европскиот совет не ги прифати „многу силните реформски напори" на Македонија и Албанија и не постигна согласност за започнување пристапни преговори со двете земји.

– Позитивната одлука би го потврдила кредибилитетот на нивниот пат кон ЕУ и цврсто би се спротивставила на малигните надворешни актери, кои сакаат да ги поткопаат западните вредности и евроатлантската заедница, се наведува во реакцијата на Стејт департментот, по вчерашната одлука на Советот на ЕУ да го одложи стартот на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија.

Во соопштението се нагласува дека САД ја поддржуваат посветеноста на Македонија и Албанија на трансатлантска интеграција и нивните аспирации за влез во Европската Унија и се изразува надеж дека Европскиот совет ќе постигне консензус за позитивна одлука за преговори со двете држави пред самитот ЕУ – Западен Балкан во мај идната година.

Стејт департментот посочува дека САД ќе останат стратешки партнер на Македонија и Албанија се додека тие работат на зајакнување на владеењето на правото, справувањето со корупцијата, развојот на нивните економии и борбата против организираниот криминал.

– Ние ги охрабруваме двете држави да останат цврсто на патот на градењето на транспарентно, праведно и демократско општество во согласност со потребите на нивните граѓани. САД ќе продолжат да работат со европските партнери за да ги унапредат заедничките цели за стабилност и безбедност на Западен Балкан, се додава во соопштението на Стејт департментот по вчерашната одлука на лидерите на ЕУ. /МИА

Хорот на КУД „Стив Наумов" – Битола гостува во бугарскиот град Дупница

Мешаниот хор на КУД „Стив Наумов" од Битола денес и утре гостува во бугарскиот град Дупница, каде се одржува 10. Меѓународен фестивал на хорови „Свети Иван Рилски".

Според програмата, мешаниот хор на КУД „Стив Наумов" ќе одржи два концерти, на две различни локации во Дупница.

– Првиот концерт ќе го одржиме вечер од 18 часот во салата на општинскиот народен театар „Невена Коканова" и за публиката ќе понудиме македонска и музика на современи странски автори, а на вториот концерт кој ќе се одржи утре во Рилски Манастир, на барање на домаќините ќе приредиме концерт на духовна музика, истакна диригентот на хоровите на КУД „Стив Наумов" – Битола, Љубомир Трифуновски.

За време на фестивалот во Дупница ќе се одржи тематска тркалезна маса на која раководителите на хоровите од странство ќе дебатираат за развојот на хорското пеење, отворање школи за откривање таленти за пеење во хор, вмрежувања на хорови и уметнички друштва од Европа и Балканот. /МИА

притисни ентер