МЗ: Нацрт текстот на Законот за лекарска дејност отворен за предлози од стручната фела, невладиниот сектор и граѓаните

Клучно во законот е што на лекарите им се остава можноста за саморегулација, што значително ќе го подобри квалитетот на услугите на лекарите.

Министерството за здравство информира дека за нацрт текстот за Законот за лекарска дејност, кој е поставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР, лекарската фела, невладиниот сектор и граѓаните може да достават свои забелeшки на текстот.

– Клучно во законот е што на лекарите им се остава можноста за саморегулација, што значително ќе го подобри квалитетот на услугите на лекарите, како и поголема контрола во рамки на системот на лекарската комора на лекарите и нивната практика. Со овој закон, во суштина се зајакнува степенот на издавање лиценци и ќе биде исклучено секакво влијание однадвор, се вели во соопштението од Министерството за здравство.

Посочуваат дека лиценците за вршење лекарска дејност ги издава Лекарската комора, која води регистар и е евидентирана во Централниот регистар како правно лице.

– Лекарите за полагање стручен испит спроведуваат пробна работа. На лекарите со завршени петгодишни студии, пробната работа им трае една година, а за завршени шестгодишни студии пробната работа трае шест месеци. Лекарите специјалисти имаат право на дополнителна дејност, согласно прописите за здравствена заштита. Лекарската комора ги одредува цените на лекарските услуги заради заштита од нелојална конкуренција, се наведува во соопштението.

Од Министерството за здравство истакнуваат дека со нацрт законот се утврдуваат сите права и обврски на лекарите, но и работата на Лекарската комора, издавањето и одземањето на лиценцата за работа, додавајќи дека со овој закон се прецизира и утврдува статусот на лекарите и лекарската професија, како и стручниот надзор на работата на лекарот, чување и унапредување на достоинственото и одговорно професионално однесување во работата со почитување на прописите, правилата на струката и кодексот на медицинската етика и деонтологија. Законот ги ограничува лекарите да не се дозволи нивно поврзување со комерцијални активности за лична корист.

– Изминатиот период, во неколку наврати се обезбеди значаен износ финансиски средства за зголемување на платите на здравствените работници. Во 2018 година се зголемени платите за 5%. Во јануари 2019 година, дополнително зголемување на платите – 5% за медицинските сестри, 10% за докторите специјалисти, а во септември 2019 година, 5% зголемување и за останатите здравствени работници. Зголемени се коефициентите за исплата на дежурствата, ноќен труд и дополнителна работа на медицинскиот кадар. Сето ова, даде слика во која вкупните месечни приходи се зголемени за 40%, а некаде и до 50% кај дел од лекарите, се вели во соопштението.

Од Министерство истакнуваат дека нивна заложба е платата на лекарите наредната година да достигне 100 илјади денари и дека само на овој начин, ќе го вратат достоинството на здравствените работници и ќе им овозможат фер услови за работа.

Министерството за здравство, се наведува во соопштението, со цел да ги подобри условите за работа на здравствените работници, но и со закон да ги заштити правата и обврските на медицинската фела го иницира донесувањето на овој закон, кој е во согласност со барањата на лекарите.

Изет Меџити од Берлин: Дијаспората ја совлада Југославија, ќе го совладат и ДУИ

Лидерот на Демократското Движење, истовремено и носител во изборната единица број еден, Изет Меџити, учествуваше во голем собир со дијаспората во Берлин на Коалицијата ВЛЕН.

Меџити од овој собир на дијаспората и се обрати со зборови каде им ја даде убавата вест дека на 8 мај пристигнува победата, но и за вредноста на учеството на дијаспората во овие избори кои многу добро знаат да казнуваат режими и тие кои го мразат Курти и Косово.

„Првите политички движења се отпочнати од дијаспората, како за совладување на Југославија, така и за независноста на Косово, а токму од ова дијаспора ќе пристигне и казната за ДУИ која се спротиставува на Косово и кокетира со Вучиќ".

Тој, исто така, додаде дека сега е историскиот момент за промени во албанската политичка сцена после децении, со обединетата опозиција и со Самоопределување.

Пендаровски: Ако не дај Боже победат, следуваат 15 години стоење во место и уназадување!

Kандидатот за претседател Стево Пендаровски вчеравечер беше меѓу жителите на Бутел од каде побара поддршка за втор мандат, за како што рече, граѓаните да добијат гаранција дека Македонија ќе биде напредна, европска држава.

„Кај мене овие пет години и најсиромашните и најбогатите, и младите и старите, и жените и мажите, секој кој посакал да дојде, да побара помош за решавање на било каков проблем, вратите на мојот кабинет му биле отворени. Секаде сум поминал, сум дошол во вашите домови да ве прашам што ве мачи, како можам да помогнам, таму каде што не сум можел да помогнам сум барал помош од моите другари кои биле министри, пратеници, кои биле вицепремиери, кои биле градоначалници и со нивна помош сме се обиделе да помогнеме секаде каде што сме можеле, без разлика дали некој нè гласал или не нè гласал. Затоа што вие сите сте еднакви“, рече Пендаровски.

Во однос на понудата на неговата противкандидатка Силјановска и партијата којашто ја поддржа, Пендаровски рече дека ако дојдат на власт ќе го поништат Преспанскиот договор и ќе изгубиме уште 10 или 15 години за нови преговори.

„Кога ги прашувате што не ви чини во договорот што го имаме со Брисел, европската преговарачка рамка. тие велат ќе го поништиме и тоа затоа што таму го нема македонскиот јазик. Тоа е најголемата можна политичка лага. Договорот што го имаме со Брисел за почнување на преговорите содржи клаузула за македонскиот јазик, вели прецизно целокупното европско законодавство, сите европски закони ќе се преведуваат на македонски јазик кога ќе станеме полноправна членка на таа организација. Меѓутоа, нив тоа не им одговара затоа што тие имаат интерес од сеење на политичка магла да им даваат лажни надежи на нашите граѓани“, додаде Пендаровски.

Во обраќањето пред присутните Пендаровски се осврна и на неопходните чекори коишто треба да ги направи државата за да стане полноправна членка на ЕУ.

„Македонија има добар Устав во кој сите етнички заедници се застапени, ќе ги ставиме и оние кои не се, меѓутоа и тие што не се имаат еднакви права како оние што се запишани во преамбулата. Ние немаме потреба да правиме нов Устав, немаме потреба да преговараме нови договори со Грција и со Бугарија, немаме потреба да ги репреговараме договорите со Европската Унија. Ние имаме потреба да ги извршиме тие обврски и за четири, до пет години да станеме полноправна членка на ЕУ, каде што одамна заслужувавме да бидеме“ рече тој.

Романо: Милан ќе го отпушти Пиоли на крајот од сезоната

Милан по крајот на сезоната ќе го отпушти тренерот Стефано Пиоли. Росонерите ќе почнат да се занимаваат со ова прашање во наредните недели, објави инсајдерот Фабрицио Романо.

Се пишуваше дека Пиоли би можел да го напушти Милан доколку биде елиминиран од Лигата на Европа. Росонерите во четвртокот загубија од Рома (1:2) во реваншот од 1/4 финалето (првиот натпревар беше 0:1).

По 32 кола, Милан се наоѓа на второто место во Серија А, со 14 бода помалку од Интер.

Пиоли пред две сезони му ја донесе шампионската титула на Милан.

Главни претенденти за наследник на Пиоли на тренераската позиција во Милан се Роберто де Зерби тренерот на Брајтон и Антонио Конте. /МИА

притисни ентер