Вонредна состојба во БиХ

Поради поплави по поројните дождови, во Босна и Херцеговина е прогласена вонредна состојба во повеќе градови. 

Дождот кој не престанува од неделата предизвика големи проблеми во делови од земјата.

Реките се прелеани во регионите околу Приједор, Бања Лука, Бихаќ и Добој, соопштија босанските власти.

Поплавени се повеќе стотици куќи, како и стотици хектари обработливо земјиште. Продолжува и потрагата по шестгодишното дете кое вчера исчезна во надојдената река Мрачајска.

Амбасада на САД: Секој за кој се тврди дека ја злоупотребил довербата,мора да е одговорен

Секој за кој се тврди дека ја злоупотребил довербата на јавноста мора да биде одговорен, е ставот на Американската Амбасада,  по апсењето на Катица Јанева.

Американската амбасада ја поддржува одлуката на Обвинителството да ги испита сите наводи за корупција и да ги гони како оправдани, засновани врз законот и веродостојни факти.

„Секој за кој се тврди дека ја злоупотребил довербата на јавноста мора да биде одговорен“, е ставот на Амбасадата по апсењето на Катица Јанева. За градење трајни институции ,решавачки е да се донесе Законот за јавно обвинителство, сметаат од американската амбасада. Ова ќе осигура дека Специјалното јавно обвинителство може да продолжи со својата важна работа и да продолжи да ги следи своите случаи без прекини, што пак ќе и помогне на Северна Македонија како што напредува во интеграција кон НАТО и Европа“, соопштуваат од Амбасадата на САД.

Штетите од невремето во прилепско Канатларци и Тополчани проценети на 80 милиони денари

Штетата од невремето што на 24 јуни ги зафати селото Канатларци и околните населени места кога беа зафатени 642 хектари со земјоделски култури е проценета на 74 милиони денари.

Невремето од 4 јули во Топочанско направило штети од шест милиона денари, стои во извештаите од  комисија за процена на штети. Извештајите ги усвоија прилепските советници на денешната 30 седница на општинскиот Совет.

Според претседателот на Советот, Миле Талески, извештајот ќе биде испратен до Второостепената владина комисија.

-Со невремето кое на 24 јуни ги зафати Канатларци и околните населени места, се зафатени 642 хектара земјиште со проценета штета од 74 милиони денари. Советот го усвои и извештајот за второто невреме кое на 4 јули го погоди подрачјето на Тополчани и другите населени места, кое зафати површина од 76 хектари, а висината на проценетата штета изнесува околу шест милиони денари. Овој извештај Советот ќе го испрати до Второстепената владина комисија која на следната седница треба да го усвои извештајот и да изврши обештетување на жителите, изјави Талевски.

Универзитетот во Глазгов ќе плаќа обештетување зашто заработувало од трговија со робови

Универзитетот во Глазгов решил да исплати 20 милиони фунти обештетување , откако било откриено дека во минатото заработувал десетици милиони фунти од трговијата со робови.

Станува збор за прва британска институција што се реши на ваков потег. Парите треба да бидат собрани и исплатени наредните 20 години во рамки на Центарот за развојно истражување Глазгов- Кариби , за што овој универзитет ќе соработува со универзитетот Вест Индис.

Професорот Сер Хилари Беклс од Универзитетот  Вест Индис ја нарече одлуката на Универзитетот во Глазгов „храбар, морален и историски чекор“ во справувањето со минатото.

До одлуката дојде откако беше откриено дека голем број донации собрани од Универзитетот во Глазгов во 18-ти и 19-ти век, доаѓаат од луѓе вклучени во трговијата со робови.

Универзитетското раководство појасни дека и покрај тоа што никогаш не поседувале робови или тргувале со добра создадени со робови, универзитетот имал значителна финансиска поддршка од трговијата со робови.

Вкупната сума  собрана од Универзитетот преку трговијата со робови се проценува меѓу 16,7 милиони и 198 милиони фунти, а донациите собрани за изградба на кампусот во Гилморхил меѓу 1866 и 1880 година вклучиле 23 лица кои биле вклучени во трговијата со робови на американскиот континент, најмногу на Карибите.

притисни ентер