Малиот Давид во септември 2015тата беше удрен од автомобил “Фиат Пунто” поминувајќи на пешачки премин додека на семафорите на раскрсницата не работеле, односно трепкале жолтите светла.
На денешната расправа за овој случај кој, по неколкуте смени на судечкиот совет, сега го води судијката Софија Лаличиќ беше испитуван еден од вештацитеод Техничкиот Факултет во Битола кои го изготвиле супервештачењето, во кое стои дека управувачот на возилото, обвинетата Маја Лукаревска, возела со прилагодена брзина од 43 километри на час, која е помала од максимално дозволената.
Според вештото лице, примарниот пропуст за несреќата е кај малиот Давид кој според, наодот, при минувањето на коловозот не внимавал дали на него поминуваат автомобили. Вештото лице наведе дека велосипедистот можел со минимално прикочување и насочување на велосипедот кон десно целосно да го избегне контактот со возилото.
Што се однесува до возачот на автомобилот, вештото лице рече дека обвинетата направила секундарен пропуст во тоа што не се посомневала дека може да се појави пешак или велосипедист на улицата.
Вештакот посочи дека обвинетата немала техничка можност да го избегне ударот, затоа што прв пат таа го забележала велосипедистот на 13 метри оддалеченост, поради попреченост на прегледноста од другите возила во сообраќајот.
Полномошникот на мајката на малиот Давид, адвокатот Јанаки Митровски смета дека обврските на возачот биле да внимава и соодветно да реагира согласно правилата во случај кога на семафорот трепкаат жолтите светла.
На следното рочиште кое ќе се одржи на шести мај во судница ќе бидат прикажувани снимки од камерите на системот “Безбедносен град”.