Нови рочишта за „Талир", „Трезор" и „Шпион"

Во Кривичниот суд во Скопје за денеска се закажани рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Талир", „Трезор" и „Шпион".

Во случајот „Талир" обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања" и „перење пари", како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари". За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.

На Елизабета Чингаровска нема да ѝ се суди бидејќи таа се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.

Според обвинението, тие незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни луѓе.

Во „Трезор" првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски.

Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.

Во судот за денеска е закажано и рочиште за предметот „Шпион". Во првостепена постапка за овој случај беа осудени сите 19 обвинети. Највисока казна затвор доби прво осомничениот Марјан Ефремов, а меѓу осудените за соработка со странски тајни служби се и екс генералот на единицата „Лавови", Горан Стојков, поранешниот директор на Управата за спречување перење пари, Ване Цветанов и поранешниот висок функционер во УБК, Александар Диневски. /МИА

Времето стабилно и потопло

Денеска ќе преовладува стабилно и потопло време со мала до умерена облачност.

Ќе дува и слаб променлив ветер кој во текот на денот од северен ќе премине во јужен.

 Максималните температури ќе достигнат од 16 до 22 степени.

Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен северен ветер  и со температура до 21 степен.

Отворена телефонска линија кај Омбудсманот за пријавување повреди на избирачко право

Граѓаните можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на беслатната телефонска линија: 0800-54321 која ќе функција од  7:00 до 19:00 часор во канцеларијата на Народниoт правобранител.

Граѓаните денеска на денот на одржувањето на првиот круг од Претседателските избори 2019, и предвремените избори за градоначалник за општините Охрид, Дебар и Ново Село ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на беслатната телефонска линија: 0800-54321 која ќе функција од  7:00 до 19:00 часор во канцеларијата на Народниoт правобранител.

Како што соопштуваат од канцеларијата на Народниот правобранител, отворени за граѓаните ќе бидат сите седум канцеларии на Народниот правобранител во: Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и во Штип, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните избирачки права. Покрај лично во канцелариите, како и на бесплатната линија, граѓаните ќе можат за заштита на своите права да се јават и на следниве телефонски броеви: Тетово 044 344-082, Струмица 034 329- 996, Кичево 045 228-586, Битола 047 242-310, Штип 032 389-701 и Куманово 031 431-488.

Народниот правобранител, се посочува, правата на граѓаните ќе ги штити со преземање итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права.

-И во оваа пригода, Народниот правобранител потенцира, дека, избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање и дека никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право, поради што не случајно повредата на слободата на определувањето на избирачите како и други повреди на избирачкото право се казниви дела, стои во соопштението. 

МВР и денеска ќе издава лични карти

 Одделенијата на МВР за управни работи ќе работат денеска, како и на 4 и 5 мај кога треба да се одржи вториот круг од претседателските избори.

Сите барања за издавање лична карта (оштетена, изгубена или украдена), по законски спроведената постапка, ќе се одобруваат итно во сите регионални Одделенија за управни работи при МВР и тоа само доколку подносителот не поседува биометриска патна исправа.

– Барањата за за лични карти ќе се примаат и одобруваат итно заклучно со сабота, 20 април. Веднаш по примањето на апликациите за лични карти, Одделот за информатика ќе ги изработува и ќе ги доставува до надлежниот сектор за навремена дистрибуција до Одделенијата за управни работи. На денот на претседателските и локалните избори, недела, 21 април 2019 година, Одделенијата за управни работи ќе работат само за издавање на лични карти. Истото ќе важи и за вториот изборен круг, соопштија од МВР. 

притисни ентер