РКЕ на 30 април ќе ја донесе последната одлука за цените на нафтените деривати по постојната методологија

Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика помина во Собранието вторпат и во оној момент кога ќе влезе во сила ние ќе ја донесеме новата методологија.

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) е во фаза на изработка на нова методологија за определување на цената на нафтените деривати, а на 30 април годинава ќе ја донесе последната одлука за цените на дериватите по постојната методологија, најави денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

-Во изминатите два месеца РКЕ формираше работна група, што работи на изработка на нова методологија, во која учествуваат претставници од најголемите трговци со нафта и нафтени деривати, Министерството за финансии и останатите државни институции што се поврзани со прашањата за нафтата и нафтените деривати. Очекувам новата методологија да биде донесена кон крајот на април и почетокот на мај, изјави Бислимовски на паузата на Генералното собрание и состаноците на Комитетот за цени и тарифи и Комитетот за лиценцирање и конкурентност на Регионалната асоцијација на енергетските регулатори (ЕРРА) што денеска и утре се одржува во Скопје.

Тој нагласи дека на 8 мај завршува обврската да се применува постојната методологија за цените на нафтата и нафтените деривати што е определена со Анексот на Договорот за продажба на ОКТА.

-Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика помина во Собранието вторпат и во оној момент кога ќе влезе во сила ние ќе ја донесеме новата методологија. Прерано е да се каже дали новата методологија ќе предизвика зголемување или намалување на цените, но очекувам дека ќе бидат тука некаде и дека нема да предизвикаме ценовни шокови, потенцира Бислимовски.

Прецизира дека новата методологија ќе се заснова на сосема нов концепт и нема да пресметува производна цена, туку основа ќе и биде цената на суровата нафта на светските берзи на која ќе се додадат определени трошоци како премии на трговците, транспортот од пристаништата до резервоарите во кои трговците ги складираат нафтените деривати, трошок за пренесување од складиштето до бензинските пумпи, трошок за маржа,…

-Во новата методологија ќе биде признаен и трошокот за складирање на нафтените резерви за кој имавме доста забелешки од Енергетската заедница. Воедно ќе се имплементираат и сите државни давачки што се однесуваат на крајната цена како што се акцизата, трошокот за купување и складирање на нафтените резерви, давачките за заштита на животната средина,…, рече Бислимовски.

Во овој момент, потенцира Бислимовски, трговската маржа за продажба на нафтените деривати изнесува 3,2 денари за литар, но трговците бараат да се зголеми на нешто повеќе од шест денари. 

Крвав Велигден во Шри Ланка, во бомбашки напад 50 загинати повеќе од 300 ранети

Најмалку 50 лица загинале, а повеќе од 300 се повредени во бомбашки напади на три цркви и три хотела во Шри Ланка.

Експлозиите се случиле за време на велигденската миса во црквите Свети Антонио и Свети Анте во Коломбо, како и во црквата Свети Себастијан во Негомбо, пренесува Ројтерс.

Цел на напади биле и хотели во Колумбо, Шангра Ла, Гранд и Кингсбури, информира ББЦ.

Специјален тим на полицијата на Шри Ланка е на местото на бомбашките напади и ги евакуира преживеаните и повредените. Засега никој не ја презел одговорноста за бомбашките напади.

За победа во прв круг потребни 904.066 гласови, во вториот 723.253

 Денеска се одржува првиот круг од претседателските избори.

 На изборите право на глас имаат 1.808.131 избирач, кои можат да изберат меѓу тројца кандидати Блерим Река, Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски. Во првиот круг победник може да биде кандидат кој освоил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 904.066 гласови.

Според член 81 од Уставот, доколку во првиот круг никој не го добие потребното мнозинство, во вториот круг одат двајцата кандидати кои освоиле најмногу гласови во првиот круг.

Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето, во случајов на 5 мај. За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи, што е предвидено со член 121, став 3 од Изборниот законик.

Доколку и во вториот круг ниту еден од двајцата кандидати не добил потребен број гласови, се повторува целата изборна постапка

Претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години. За претседател на Републиката исто лице може да биде избрано најмногу два пати. Претседателот на Републиката мора да биде државјанин на Република Македонија.

За претседател на Републиката може да биде избрано лице кое на денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот. За претседател на Републиката не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Република Македонија најмалку десет години во последните 15 години. Изборот за претседател на Републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. 

Времето стабилно и потопло

Денеска ќе преовладува стабилно и потопло време со мала до умерена облачност.

Ќе дува и слаб променлив ветер кој во текот на денот од северен ќе премине во јужен.

 Максималните температури ќе достигнат од 16 до 22 степени.

Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен северен ветер  и со температура до 21 степен.

притисни ентер