Децениските затворски пресуди за 27-ми април ги шокираа роднините и пријателите на осудените за крвавиот четврток. Едни со плачење, а други со жестоки реакции на неверување, внатре и надвор од судот, ги слушнаа донесените пресуди. Сите очекуваа ослободителна пресуда, но таква слушна само за еден, оперскиот пејач Игор Дурловски, кој на паузата од судењето беше пречекан со прегратки од неговите најблиски.
Тој не сакаше да проговори пред камерите, но тоа го сторија роднините на осудените Влатко Трајковски и Абдулфета Алими, кои денешната одлука на судот ја оценија како голема неправда.
Незадоволство од пресудата изнесоа и адвокатите на осудените. Бранителот на Митко Чавков, рече дека и тој и поранешниот директор на БЈБ очекувале драконска пресуда, за која најави и жалба.
За разлика од одбраната обвинителката Ивана Трајчева рече дека правдата е задоволена. Во однос на висините на изречените затворски казни, таа истакна дека ќе почекаат да им биде доставена пресудата по што ќе одлучат дали ќе има жалба
Со денешното рочиште заврши делот во кој се судеа извршителите на упадот во Собранието, а следува и процес кој е во фаза на истрага, во која ќе се бара одговорност од организаторите. Заега од обвинителството не откриваат детали за истражните дејствија за да не се наштети на истрагата, иако претходно како можни организатори на овој настан беа посочени Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Никола Бошкоски и Владимир Атансовски.