Конгресот одби да го финансира ѕидот на Трамп , тој веднаш се закани со вето

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска доживеа голем пораз во Конгресот , каде беше одбиен неговиот предлог за финансирање на ѕидот на јужната граница на САД , за што гласаа и 12 републикански сенатори.

Бранејќи го еден од најзначајните проекти во неговиот мандат , Трамп најави вето на одлуката донесена од сенаторите. Тоа би значело дека градбата на ѕидот ќе може да продолжи.

,,ВЕТО!” , објави Трамп на Твитер веднаш по гласањето во Конгресот.

Тоа ќе биде прв пат Трамп да примени вето за да го исполни своето големо предизборно ветување , иако во Сенатот републиканците имаат мнозинство со 53 од 100 места.

Трамп се обидува да добие околу 8 милијарди долари за да го изгради ѕидот долж границата кон Мексико.

Прекршочна пријава од антикорупционерите доби в.д директорката на Клиниката за хематологија

Прекршочна пријава од антикорупционерите доби в.д директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска. 

 Иако имала обврска досега четири пати да поднесе анкетен лист за имотната состојба, бидејќи толку пати и се продолжувал мандатот вршител на должност, тоа не го сторила. Прекршочни оти не поднеле анкетни листови добија и десетици декани и ректори на универзитети и институти од Скопје, Тетово и Прилеп.

Антикорупционерите ќе испитуваат и како се трошат народните пари во државните и јавните институции. Во фокусот ќе бидат пратениците и користењето на патни трошоци.

По сознанија од медиумите, Антикорупциска отвори предмет со кој ќе се испитаат наводи за можни злоупотреби во Министерството за локална самоуправа со кое раководи Сухејл Фазлиу. Постојат сомнежи за вработување на блиски лица во Министерството и за користење на службени возила за приватни потреби.

Под закана од  кривична пријава е и поранешниот претседател на Скопскиот Кривичен суд Владимир Панчевски по наводите за вработувањето на неговиот внук Јордан Тасевски во судот.

Според  сознанијата на Антикорупциска, Тасевски прво го добил решението за вработување, а дури потоа ги поднел документите за конкурсот. Тој воопшто не се ни пријавил на огласот за вработување.

Владата разгледува нови модели за одржливост на граѓанскиот сектор

Владата разгледува нови модели за одржливост на граѓанскиот сектор. 

Граѓанските организации според премиерот Заев активно учествуваат во реформските процеси, и во нив вели дека гледа како коректив на власта и партнер за креирање на политики. Очекува до средината на септември да биде избран соодветниот модел.

Потребна е сериозна анализа и дебата за да се согледа на кој начин би се менувал веќе поставениот систем  – смета министерката за правда Рената Дескоска. Најави дека веќе се разговара за законски измени, со кој дополнително би се помогнале невладините.

За поранешниот министер за администрација на Словенија Борис Корпивникар, државата како партнер на граѓанскиот сектор, не треба да дава донации туку да инвестира во идеи кои имаат импакт врз општеството.

Од невладините во земјава се пожалија дека за разлика од државите во регионот, кај нас само три проценти од нивните приходи доаѓаат од државата. Најголема државна поддршка, граѓанскиот сектор има во Словенија со 24 проценти, а следна е Хрватска со 13 проценти.

Лани без објавување оглас склучени 596 договори во вредност од 33 милиони евра

Големи тендери, намалена конкуренција, склучени договори без објавување оглас, раст на бројот на поништени тендери, се дел од клучните наоди на мониторингот на јавните набавки спроведени во периодот јули-декември 2018 година.

Во извештајот на Центарот за граѓански комуникации стои дека зачестено се спроведуваат големи тендери што не се делат на делови, и со тоа се оневозможува конкуренција помеѓу фирмите, односно се доведува во прашање рационалното и ефикасното искористување на средствата.

-Конкуренцијата во јавните набавки во второто полугодие од 2018 година е влошена во однос на првото полугодие. Гледано на годишно ниво, во дури 32 отсто од мониторираните тендери е добиена само една понуда. Зголемена е примената на нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас. Во 2018 година се склучени вкупно 596 договори без објавување оглас, во вредност од 33 милиони евра, што е за 4 милиони евра повеќе од 2017 година, стои во извештајот.

Во него се наведува дека продолжува да расте бројот на тендери што се поништени, така што во 2018 година, целосно или делумно се поништени 27 отсто од сите постапки за јавни набавки, што претставува раст од три процентни поени во однос на претходната година.

Од Центарот во извештајот стои дека спроведувањето на јавните набавки од локално ниво се карактеризира со истите проблеми како години наназад: ниска конкуренција, многу тендери со по еден понудувач, висок процент на поништени тендери и стари, лоши, практики.

Фирмите во 2018 година доставиле 695 жалби до Државната комисија за жалби по јавните набавки, што претставува зголемување во однос на претходната година за дури 37 отсто.

Најновата анкета, пак, меѓу фирмите покажува дека најчест проблем со којшто се соочуваат фирмите во јавните набавки и натаму е "најниската цена" како единствен критериум

Ззадоцнетото плаќање, како што стои,  падна од втор најчест проблем лани, на осмото место годинава, иако сè уште просечно се чека по 6 месеци и 12 дена за наплата на побарувањата за завршените набавки.

Четириесет и осум отсто од фирмите сметаат дека "секогаш" или "често" има корупција во јавните набавки.

Просечната оценка на фирмите за процесот на јавни набавки во земјава изнесува 2,87, што, според извештајот, е незначителен пораст во однос на лани кога оценката била 2,85.

Мониторингот на јавните набавки се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста./МИА.

притисни ентер