Утре пресудата за „27 април“ за 17 обвинети за упадот во Собранието

Седумнаесетмина обвинети за собраниските насилства од 27 април утре ќе ја слушнат пресудата. 

Меѓу обвинетите во предметот останаа екс шефот на БЈБ Митко Чавков кој завчера повторно беше спроведен во притвор поради сомнежи на обвинителството од бегство. Потоа собраниските службеници Митко Пешов, Душко Лазаров и Горан Ѓошевски – Леви, оперскиот пејач и еден од водачите на протестите за Заедничка Игор Дурловски, но и Игор Југ, Никола Митревски Кољо и Александар Василевски – Нинџа. Обвинителството за организиран криминал ги товари за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, дело за кое им се заканува казна затвор од минимум 10 години. Случајот го судеше судијката Добрила Кацарска која неколку дена пред финишот на судењето рече дека и треба подолго време од законски утврдениот од три дена за објава на пресудата.

По донесувањето на Законот за амнестијата во Собранието кој предизвика низа негативни реакции во јавност, 15мина од обвинетите беа помилувани и за нив беше прекината постапката. Не беше задоволна ниту обвинителката Вилма Рускоска.

Амнестирани беа и пратениците што ги отворија собраниските врати - Сашо Василевски и Крсто Мукоски. Но и нивните колеги Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов кои често ги избегнуваа новинарските прашања.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера пак во интервју за Сител ТВ утрешната пресуда ја спореди со Нирнбершките процеси.

На ова реагираа од Американската амбасада.

,,Воспалителна реторика од страна на политичките лидери предизвикува страв и поделби, особено кога неправилно ги користат минатите настани, како што се Нирнбершките процеси за политички цели. Таквиот јазик е опасен и не придонесува за продуктивен дијалог околу правецот во кој се движи земјата...пишуваат во реакцијата од амбасадата.

Пред еден месец обвинителството ја прошири истрагата на осомничените за организирање на насилствата меѓу кои се екс премиерот во бегство Никола Груевски и неговите министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, но и поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, екс директорот на УБК Владимир Атанасовски и агентот – бегалец во Грција, Никола Бошковски.

Хуманитарен концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска

Во Салон 19:19 во Скопје вечерва ќе се одржи концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска (1977-1994), која била ученик на пијано и харфа во училиштето „Илија Николовски-Луј”.

На програмата ќе бидат изведени дела од композиторите Сен Санс, Равел, Буланже, Штолцел, Пијацола, Хенсон, Капле, Форе и Шостакович.

На концертот ќе учествуваат музичари од нејзината генерација, Ема Абаџиева – обоа, англиски рог, Весна Ангелова Христов – пијано, Орце Ицковски – фагот, Гордана Јаневска – виолина, Тереза Крцоска – виолина, Јанинка Невчева – пијано, Јулија Нелковска – виолина, Надежда Рубен – сопран, Боро Станковски – виола, Елена Стојческа – флејта, Дарко Трајковски – виолина, Мерсиха Шукри – харфа.

Соученичката на Рафајловска, Мерсиха Шукри, која е единствената харфистка во земјава во изјава за МИА вели дека целта, меѓудругото, е и да се подигне свеста и поддршката за болните од рак.

- Климентина Рафајловска ни беше соученичка во музичкото училиште. За жал, за кратко време нѐ напушти, се разболе од леукемија. Оваа година се навршуваат 30 години од нејзината смрт. Во таа чест, генерацијата се собравме да одржиме концерт во нејзина чест. Воедно, да ја подигнеме свеста и поддршката за сите заболени од лошата болест, вели Шукри, додавајќи дека животот е непредвидлив и затоа е потребно многу повеќе љубов и разбирање.

Човекот е покршлив од стаклото и многу малку е свесен дека секому може да му се случи, вели Мерсиха Шукри.

Во чест на Рафајловска, од 1995 до 2008 година беше доделувана наградата „Климентина Рафајловска” за првенец на генерација, од страна на истоимената Фондација. Меѓу добитниците на оваа награда се и Симон Трпчески, Ирина Наумовска, Никола Атанасов, Александар Краповски и други.

Средствата собрани со продажба на билетите и од донаторската кутија, ќе бидат донирани на Здружението посветено на пациенти болни со рак и нивни негуватели ХЕМА-ОНКО, а наменети за потребите на пациентите на Универзитетска клиника за хематологија.

Единаесет лица се повредени во сообраќајка на бугарски автобус во Турција

Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.

Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.

На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.

Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници. /МИА

Сообраќајот тековно и без застои

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица од 01.04.2024 е пуштен за сообраќај за сите видови возила со вкупна тежина до 3.5 тони.

притисни ентер