Македонски државјанин уапсен во Приштина врз основа на потерница од Интерпол

Косовската полиција објави денеска дека постапувајќи според меѓунаордна потерница издадена од Интерпол, синоќа во Приштина уапсила државјанин на Република Северна Македонија.

Во редовниот 24-часовен полициски билтен, се наведува дека апсењето го извршила специјална полициска единица вчера околу 20:45 часот, а нема информации за идентитетот на уапсениот, ниту за делото за кое е распишана потерницата од Интерпол.

– Од страна на Единицата за избегани лица, „Фаст Косова", во соработка со специјалната единица, врз основа на меѓународна потерница издадена од Интерпол, уапсен е бегалец од албанска националност, македонски државјанин, се вели во полициското соопштение.

По налог на надлежен обвинител, на уапсеното лице му е одредена мерка притвор, соопшти полицијата./MИА

Владата разгледува нови модели за одржливост на граѓанскиот сектор

Владата разгледува нови модели за одржливост на граѓанскиот сектор. 

Граѓанските организации според премиерот Заев активно учествуваат во реформските процеси, и во нив вели дека гледа како коректив на власта и партнер за креирање на политики. Очекува до средината на септември да биде избран соодветниот модел.

Потребна е сериозна анализа и дебата за да се согледа на кој начин би се менувал веќе поставениот систем  – смета министерката за правда Рената Дескоска. Најави дека веќе се разговара за законски измени, со кој дополнително би се помогнале невладините.

За поранешниот министер за администрација на Словенија Борис Корпивникар, државата како партнер на граѓанскиот сектор, не треба да дава донации туку да инвестира во идеи кои имаат импакт врз општеството.

Од невладините во земјава се пожалија дека за разлика од државите во регионот, кај нас само три проценти од нивните приходи доаѓаат од државата. Најголема државна поддршка, граѓанскиот сектор има во Словенија со 24 проценти, а следна е Хрватска со 13 проценти.

Лани без објавување оглас склучени 596 договори во вредност од 33 милиони евра

Големи тендери, намалена конкуренција, склучени договори без објавување оглас, раст на бројот на поништени тендери, се дел од клучните наоди на мониторингот на јавните набавки спроведени во периодот јули-декември 2018 година.

Во извештајот на Центарот за граѓански комуникации стои дека зачестено се спроведуваат големи тендери што не се делат на делови, и со тоа се оневозможува конкуренција помеѓу фирмите, односно се доведува во прашање рационалното и ефикасното искористување на средствата.

-Конкуренцијата во јавните набавки во второто полугодие од 2018 година е влошена во однос на првото полугодие. Гледано на годишно ниво, во дури 32 отсто од мониторираните тендери е добиена само една понуда. Зголемена е примената на нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас. Во 2018 година се склучени вкупно 596 договори без објавување оглас, во вредност од 33 милиони евра, што е за 4 милиони евра повеќе од 2017 година, стои во извештајот.

Во него се наведува дека продолжува да расте бројот на тендери што се поништени, така што во 2018 година, целосно или делумно се поништени 27 отсто од сите постапки за јавни набавки, што претставува раст од три процентни поени во однос на претходната година.

Од Центарот во извештајот стои дека спроведувањето на јавните набавки од локално ниво се карактеризира со истите проблеми како години наназад: ниска конкуренција, многу тендери со по еден понудувач, висок процент на поништени тендери и стари, лоши, практики.

Фирмите во 2018 година доставиле 695 жалби до Државната комисија за жалби по јавните набавки, што претставува зголемување во однос на претходната година за дури 37 отсто.

Најновата анкета, пак, меѓу фирмите покажува дека најчест проблем со којшто се соочуваат фирмите во јавните набавки и натаму е "најниската цена" како единствен критериум

Ззадоцнетото плаќање, како што стои,  падна од втор најчест проблем лани, на осмото место годинава, иако сè уште просечно се чека по 6 месеци и 12 дена за наплата на побарувањата за завршените набавки.

Четириесет и осум отсто од фирмите сметаат дека "секогаш" или "често" има корупција во јавните набавки.

Просечната оценка на фирмите за процесот на јавни набавки во земјава изнесува 2,87, што, според извештајот, е незначителен пораст во однос на лани кога оценката била 2,85.

Мониторингот на јавните набавки се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста./МИА.

Арсовски: Царовска да не молчи за скандалот со тендерите на нејзиниот маж

Мила Царовска молчи за скандалот со нејзиниот невенчан сопруг.

Невенчаниот сопруг на Мила Царовска само три дена од вториот круг на претседателските избори, односно на 8 мај од Град Скопје и Петре Шилегов добил тендер вреден 967.600 денари за изнајмување на опрема за висинско набљудување.

Невенчаниот сопруг на Мила Царовска освен тендерите за летање дронови доби и набавки во 4 очи во вкупен износ од 1,5 милиони денари.

Георгиевски Горан кој е сопственик на фирмата ФЛАЈ КЕМ стана редовен добитник на тендерите и набавките од институциите додека неговата невенчана сопруга е министерка.

Дали Мила Царовска молчи за овој скандал каде што добивале тендери со нејзиниот маж затоа што можеби следи нов скандал за набавка за воспоставување на систем за следење на загадувањето на амбиенталниот воздух во скопската котлина?

Овој тендер е актуелен и тежи околу 5 милиони денари.

Дали можеби и овој тендер од над 80.000 евра ќе припадне токму во семејството на Мила Царовска и нејзиниот невенчан сопруг?

Останува да видиме како ќе се развиваат настаните и дали можеби и понатака ќе продолжи единствената фирма која лета дронови во државава да биде токму фирмата на невенчаниот сопруг на Мила Царовска, Горан Георгиевски односно ФЛАЈ КЕМ.

Се покажа дека СДСМ, Заев и неговите функционери немаат намера да се променат. Тие и понатака остануваат да бидат владетели на народните пари и да си ги делат прите на граѓаните помеѓу себе.

Веќе не помага ниту метла, ниту пак кадровски решенија како што би рекол Зоран Заев.

За сите овие матни зделки, тендери и бизниси еден ден ќе одговараат сите кои што се инволвирани, додека пак Мила Царовска да не молчи, да не се затскрива зад паушални проекти кои ги објавува деновите и да излезе да го даде својот коментар за овој скандал и да сносни одговорност.

Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

притисни ентер