Традиции за „Тримир" и голема хуманост

 Богата и долга традиција на чествување на денешниот празник Тримир на почетокот на Велигденските пости во Прилеп.

Прилепското здружение „Преродба" долго ги негува и ги одржува традициите и обичаите што се пренесуваат од генерација на генерација. Здружението го одбележува Тримир, денот посебен за младите невести, девојките, мајките и за свекрвите, но денеска продолжува и голема хумана акција на дарување за семејството на прилепскиот бранител Драган Спасоски.

Објаснувајќи ја традицијата, Љубица Трајкоска од здружението „Преродба" вели дека ова е посебен ден за младите невести и девојки кои одат на посна трпеза кај мајките.

– Овој ден е посебен за жените, невестите, за мајките, за свекрвите. Традицијата продолжува од генерација со генерација. Некои си држат Тримир што трае три дена. Денеска се оди в црква каде од свештениците се добива благослов, крстена вода, нафора. Потоа младите невести, ќерките одат кај своите мајки. Постите си продолжуваат до Велигден. Тримирот значи духовно и телесно испостување. Духовното постење е посебно. Потребно е да си чист во душата за да почнеш да постиш, објаснува Трајкоска.

Прилепчанката Цвета Рунеска објаснува дека мајките ги наградуваат ќерките за постењето.

– Младите невести одат кај мајките. Мајката, како награда што ќерката го издржала тримирот-постењето и приготвува посна трпеза, како зелник, грав, сарма, пченица, овошје. За да биде поголема свеченоста, мајката ја поканува свекрвата која во придружба на неколку жени оди на гости. Носи подароци: боза, кравајче и баклава. И се знае – со убава трпеза е и весела дружбата, вели Рунеска.

Менче Пејоска објаснува дека Прилеп има посебен и единствен специјалитет- бела пченица. Се прави од памтивек.

– Кога бевме деца, мајка ми почнуваше со подготовките, прво накиснувајќи ја пченицата одвечер. Изутрината се цеди, потоа се толчи и пченицата се става да се исуши. Лушпите се отстрануваат, а другото се вари. Се толчат и конопните зрна, се цедат детално додека не бидат бели. Сѐ се меша и ова е специјалитет само во Прилеп, објаснува Пејоска.

Годинава посната трпеза на здружението „Преродба" е поскромна, но со богата хуманост. Му даруваа пари, а вторпат сега и храна на семејството на прилепскиот бранител Драган Спасоски кој живее во крајно лоши услови. Поради влошената здравствена состојба, деновиве му е ампутирана и ногата.

– Годинава тримирската трпеза е поскромна. Одлучивме да му донираме пари на семејството на прилепскиот бранител Драган Спасески на кого пред два дена му беше ампутирана ногата. По овој настан, ќе одиме кај семејството Спасески за да донираме храна, што беше направено и минатата недела. А многу му треба на семејството. Живее во мизерни услови без вода, без можност да набави храна. Многу е тешка ситуацијата, вели Лиле Ацеска од прилепското здружение „Преродба".

Ердоган во Истанбул се сретна со лидерот на Хамас, Ханија

 Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во палатата „Долмабахче“ во Истанбул го прими Исмаил Ханија, лидерот на палестинската исламистичка група Хамас, јавија турските медиуми.

Не се соопштуваат повеќе детали за средбата која се одржува зад затворени врати во претседателската резиденција.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан пред неколку дена се сретна со Ханија во Доха, каде разговараа за последните случувања во конфликтот во Газа, соопштија дипломатски извори.

Фидан и Ханија, заедно со неговата делегација, разговараа за теми поврзани со хуманитарната помош во Појасот Газа, напорите за прекин на огнот и прашањето за заложниците, велат изворите. /МИА

Олимпискиот оган го продолжува патувањето до Париз

Од Акропол, преку Атина кон централна Грција – олимпискиот оган го продолжува патувањето до Париз.

Од Санторини на Акропол, од Акропол низ атинските улици, преку Министерството за одбрана, Грчкиот олимписки комитет и Олимпискиот стадион - олимпискиот оган откако во вторникот беше запален во античка Олимпија го продолжува штафетното патување низ Грција, за во петок и официјално да им биде предаден на организаторите на ЛОИ „Париз 2024“, јави дописничката на МИА од Атина.

Доцна синоќа, огнот од островот Санторини со траект пристигна на атинското пристаниште, а оттаму беше пренесен на Акропол, каде што остана во текот на ноќта.

Утрово, кусо по 7.30 часот на петтиот ден од штафетното пренесување, олимпискиот оган од Акропол, со повеќе попатни станици низ Атина се упати кон античкиот град Делфи, а оттаму и кон Волос и Ламиа.

Лошите временски услови и дождот што речиси континуирано врнеше на целата рута низ Атина, не претставуваше проблем за учесниците во штафетното предавање, а на Акропол беа поздравени и од туристите кои случајно се најдоа таму.

- Каква коинциденција! Ние дојдовме за да го видиме Акропол и воопшто не знаевме дека има вакво нешто. Убаво искуство во секој случај да се види и Олимпискиот пламен, рекоа во разговор со дописничката на МИА од Атина три девојки од САД кои чекаа да дојде осум часот за да се отвори Акропол, но имаа можност одблиску да го видат и огнот за ЛОИ.

Со сличен став беа и други туристи од различни земји од светот, кои не го криеја нивното позитивно изненадување и задоволство.

Олимпискиот оган, продолжи до Музејот на Акропол, оттаму низ атинските улици, помина пред античкиот олимписки стадион Панатенаик и со повеќе попатни станици стигна до Министерството за одбрана на Грција каде што се одржа и мала манифестација.

Денешното патување низ Атина, огнот го продолжи до Грчкиот олимписки комитет, Олимпискиот музеј, Олимпискиот стадион и се упати кон античкиот град Делфи, Ламиа и Волос каде што ќе ја помине ноќта.

Во текот на утрешниот ден ќе пристигне во Солун за да ја помине цела северна Грција и западна Грција, за во петок повторно да се врати во Атина.

Олимпискиот оган за 11 дена, ќе помине 5.202 километри и 563 наутички милји, а во петок, на 26 април во Атина на свечена манифестација отворена за јавноста на стадионот Панатенаик ќе биде предаден на Организацискиот одбор на Олимписките игри во Париз.

Манифестациите во Грција, како палењето, така и штафетното пренесување низ земјата и предавањето на организаторите во Атина, по пауза од четири години ќе се одржат регуларно, со оглед на тоа дека во октомври 2021 година и март 2020 година поради пандемијата сите свечености беа без публика, а олимпискиот оган за Зимските олимписки игри „Пекинг 2022“ и Летните Олимписки игри „Токио 2020“ од Атина замина без штафетното да патува низ Грција, туку директно им беше пренесен на домаќините.

Летните Олимписки игри во Париз ќе се одржат од 26 јули до 11 август. /МИА

Вуќиќ: Тоа ни е фала за се што направивме за Скопје

Тоа е германска идеја, поддржана од НАТО и од сите останати.

„Тоа е благодарност за сето она што го направивме за Скопје“,изјавил српскиот претседател александар Вучиќ коментирајќи го коспонзорството на Македонија за резолуцијата за геноцидот во Сребреница во ОН, како лична одлука на шефот на дипломатијата Османи.

Тоа е германска идеја, поддржана од НАТО и од сите останати. Ја најдоа и Руанда, ги најдоа и Нов Зеланд и Чиле. Пронајдоа и неколку земји кои отсекогаш биле спонзори на вакви проекти, како Малезија и Јордан. Кон нив им се придодава и Македонија, така што таму нема голема филозофија. Им благодарам за тоа, претпоставувам дека тоа е благодарност за она што го направивме за Скопје. Ја видов и Австрија тука, ништо чудно со оглед на сето она што Шаленберг го прави против нашата земја, изјавил Вучиќ во гостувањето во дневникот на ТВ Пинк.

Тој додал дека нешто што е во надлежност на Советот за безбедност е преместено во генералното собрание на ОН.

-Знаеја дека русите и кинезите ќе стават вето и затоа сега одат на генералното собрание на ОН, бидејќи очекуваат сигурно мнозинство и сакаат да им зададат удар на Србите и Србија.

притисни ентер