Електричното Фиќо, пример за соработка меѓу проект финансиран од ФИТР и странски инвеститор

Презентацијата на автомобилот е точно она што ние го посакуваме да го видиме како резултат од програмите што ги има Владата и во ФИТР и во рамките на Законот за финансиска поддршка на инвестиции. 

Презентацијата на првиот македонски електричен автомобил создаден од ББ Класик карс е пример за одлична соработка помеѓу проект што е финансиран од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и странски инвеститор кој веќе почна активности за изградба на фабрика во ТИРЗ Бунарџик, оцени денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

-Презентацијата на автомобилот е точно она што ние го посакуваме да го видиме како резултат од програмите што ги има Владата и во ФИТР и во рамките на Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Мило ми е што денеска гледам дека веќе се случува во реалноста тоа што беше наша замисла да го видиме како резултат од програмите што ги спроведовме. Овој проект е еден од таквите позитивни примери, изјави Анѓушев.

Нагласи дека германската компанија Кеслер, која во изнајмена хала во населбата Илинден има воспоставено мал производствен погон со четириесетина вработени од кои голем дел се инженери, е испорачателот на електромоторот за првиот македонски електричен автомобил.

-Кеслер е една од компаниите која во ТИРЗ Бунарџик има закупено простор од 13.600 квадратни метри и планира да го прошири со нови 5.000 квадратни метри. Ја расчистуваат површината за да изградат високотехнолошка фабрика за производство на електромотори, електрични компоненети и електронски компоненти за ЦНЦ машини и за електрични возила. Таму ќе биде сместен и нивниот развоен центар, рече Анѓушев.

Изработката на првиот македонски електричен автомобил ЗАС Г 20 во рамки на проектот „Замена на мотор со внатрешно согорување на класичен автомобил Фиќо, со електричен мотор" ја поддржа ФИТР со седум милиони денари, а сопственикот на ББ Класик карс учествуваше со три милиони денари сопствени средства.

-Задоволство ми е што денеска може да презентираме еден од привите резултати од Планот за економски раст во третиот столб кој го започнавме 2018 година. Ова е добра идеја која е преточена во конкретен продукт, а одлично е што имаме додадена вредност на целиот проект, а тоа е германски инвеститор што ја препозна можноста во овој продукт да најде свој пазар и свој интерес, изјави директорот на ФИТР Јован Деспотовски.

Тој нагласи дека инвестицијата на Кеслер реално ќе помогне да заживее концептот на ББ Класик карс и додаде дека веќе се разговара како може покрај на Фиќо да се примени и на други возила што, потенцира, ќе придонесе во намалувањето на загадувањето на воздухот.

Сопственикот на ББ Класик карс, Милорад Китановски посочи дека македонскиот електричен автомобил се изработува заедно со уште 20-тина мали стопанственици, занаетчии, работилници и претпријатија.

Директорот на Кеслер, Патрик Тролие нагласи дека до крајот на годинава планираат да ја изградат нивната фабрика во Бунарџик.

-Имаме сериозни планови да растеме особено во делот на производство на електромотори и електро компоненети, рече Тролие.

Макрон: Г-20 треба да постигне согласност за поканата за Путин

Претседателот на Франција, Емануел Макрон вчера дека земјите-членки на Г-20 мора претходно да се договорат пред да го поканат рускиот претседател Владимир Путин да Самитот на групата во Бразил во ноември.

- Поентата на овој клуб е дека треба да има консензус со другите 19 земји. Ова ќе биде работа за бразилската дипломатија. Ако таков состанок може да биде корисен, тогаш треба да се одржи, истакна Макрон на заедничката прес-конференција во Бразил со неговиот колега Луис Инасио Лула да Силва.

Бразил, актуелниот претседавач со групата Г20, која сочинува 80 проценти од светската економија, е против напорите предводени од САД да се изолира и казни Русија за нејзината инвазија врз Украина, тврдејќи дека украинскиот претседател Володимир Зеленски и западните земји имаат вина за војната.

Путин не присуствуваше на минатогодишниот Самит на Г-20 во главниот град на Индија, Делхи, избегнувајќи можна политичка цензура и ризик од притвор по наредба на Меѓународниот кривичен суд (МКС).

Во септември 2023 година, Лула изјави „нема шанси“ Путин да биде уапсен доколку присуствува на Самитот во Рио де Жанеиро. Набргу потоа, тој се обрати и изјави дека одлуката за евентуалното апсење на Путин ќе ја донесе судскиот систем, а не неговата влада./МИА

Украина: Соборени 84 од 99 руски беспилотни летала и проектили, оштетени три термоелектрани

Воздушна тревога е прогласена во текот на ноќта на целата територија на Украина.

Руски беспилотни летала и проектили синоќа гаѓаа електрани во источна и централна Украина, изјави денеска украинскиот министер за енергетика, а воздухопловните сили на земјата соопштија дека Русите истрелале 99 дронови и проектили на украинска територија, од кои успеале да уништат 84.

Воздушна тревога е прогласена во текот на ноќта на целата територија на Украина.

Варшава објави дека го засилила надзорот на полскиот воздушен простор поради зголемената воздушна активност.

Украинското воено воздухопловство соопшти дека уништиле вкупно 84 истрелани руски ракети, од кои 58 биле беспилотни летала „Шахед“ од иранско производство и 26 ракети.

Украинската енергетска компанија ДТЕК соопшти дека во синоќешните руски удари биле оштетени три украински термоцентрали.

Како што е наведено утрово, опремата на трите централи била тешко оштетена, а по нападот веднаш започнало отстранувањето на штетите.

Министерот за енергетика Герман Галушченко изјави дека во „силен напад“ ноќеска нападите биле насочени кон енергетските постројки во регионите Днепропетровск, Полтава и Черкас.

Гувернерот на областа Днепропетровск, Сергиј Лисак, изјави дека во текот на ноќта силите за противвоздушна одбрана собориле десет беспилотни летала над областа во регионите Павлоград, Криви Рог, Дњепар и Кајански.

Тој рече дека над Дњепар биле уништени четири проектили, дека се оштетени неколку електрани, а еден човек е повреден.

„Во Камјанск беше погодена земјоделска задруга, а пет лица се повредени, од кои двајца се во тешка состојба. Меѓу повредените има и петгодишно дете“, изјави гувернерот.

Вооружените сили на Полска објавија дека нејзините воени авиони биле подигнати за да го надгледуваат воздушниот простор како одговор на истреланите руски ракети во западна Украина.

Варшава во неделата објави дека руска крстосувачка ракета истрелана во правец на градовите во западна Украина навлегла во полскиот воздушен простор низ кој летала 39 секунди. /МИА

Полицијата изрече 207 санкции за брзо возење

Министерството за внатрешни работи вчера спроведе акциска контрола на територијата на земјава  за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што биле санкционирани 207 возачи.

Од нив шест возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 76 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 131 надвор од населено место, информираат од МВР.

Тие најавуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Воедно апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.

притисни ентер