Словенија го ратификува Протоколот за членство на Македонија во НАТО

Државниот Збор на Република Словенија денеска на вонредна седница го ратификуваше Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО.

Со тоа, Словенија стана втората земја-членка на Алијансата, која по Грција, го ратификува Пристапниот протокол во НАТО.

На седницата пред гласањето се обрати претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, кој ја предводи делегацијата на македонскиот Парламент во работна посета на Љубљана. Се заблагодари во име на Собранието и граѓаните на Македонија и нагласи дека со овој чин се потврди пријателскиот и принципиелен однос кон граѓаните на нашата земја.

Според Џафери, уште еднаш се покажа дека меѓу двете држави нема отворени прашања и проблеми. Ја истакна улогата на двата парламенти, кои во трите децении, рече, изградија интензивни билатерални односи на ниво на претседатели и на ниво на работни тела, комисии и администрацијата, а реализирани се и многубројни твининг проекти.

Во обраќањето се осврна на состојбите во Македонија, на усвоените уставни промени врз основа на Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција, со што, како што рече, се надмина спорот околу уставното име и ја блокираше Македонија да стане полноправен член на НАТО и ЕУ. Според Џафери, потпишаувањето на Преспанскиот договор и неговото усвојување на националните парламенти е т.н. вин-вин, сите сме победници и губитници. Изрази надеж дека до крајот на оваа година Протоколот ќе биде усвоен од Парламентите на сите 29 земји-членки на НАТО. Џафери очекува оваа година да добиеме и датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ

Во обраќањето пред словенечките пратеници Џафери констатира дека билатералните односи меѓу двете земји се многу добри, во сите сфери, но заостануваат економските односи имајќи предвид, подвлече, можностите и интересот за соработка од двете стопанства.

Според најавите од Албанија, в четврток пристапниот Протокол треба да биде ратификуван и од албанскиот Парламент. Албанските медиуми јавија дека Протоколот за членство на Македонија во НАТО веќе добил зелено светло од законодавно- правната комисија и оти во четврток е закажана седница на Парламентот. /МИА

Проекција на „Големата вода и „Црвените булки над ѕидовите“ во Кинотека

На 27 април, во Кинотеката ќе се одржи проекција на „400 удари“ на Франсоа Трифо, снимен во 1959 година.

Во рамки на концептот на Кинотеката насловен „Разлики кои не обединуваат“, на 25 април ќе биде прикажан долгометражниот игран филм на Иво Трајков „Големата вода“ снимен во 2004 година, а следниот ден, 26 април, „Црвените булки над ѕидовите“ од 1976 година во режија на Димитер Анагности.

На 27 април, во Кинотеката ќе се одржи проекција на „400 удари“ на Франсоа Трифо, снимен во 1959 година.

Како што соопштија од Кинотеката, овие филмови се, пред сè, избрани поради своите „сличности и паралели“ во тематиките, како и во нивната филмска обработка и пристап.

-Но, исто така, битно е да се истакне и дека „Црвените булки на ѕидовите“ неодамна е дигитализиран во 4К резолуција, а „Големата вода“ оваа година го прославува дваесетгодишниот јубилеј од својата премиера. И, се разбира, дека филмот „400 удари“ на Трифо, според францускиот филмски магазин „Cahiers du cinema“ (Каје де Синема) е повеќе од ремек-дело и станува збор за еден од најaмблематичните филмови во поствоениот период на француската филмска продукција, потенцираат од Кинотека. /МИА

Верстапен ја освои пол-позицијата за ГН на Кина

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, ја освои пол-позицијата во квалификациите за Големата награда на Кина.

Верстапен извози најбрз круг со време 1:33.660 минута. Неговиот тимски колега Серхио Перез го освои второто место, а возачот на Астон Мартин Фернандо Алонсо го освои третото место.

Луис Хамилтон од Мерцедес кој спринтот го заврши на второто место не успеа да излезе од првиот сегмент, завршувајќи на 18. позиција.

На спринтот победи Верстапен.

Големата награда на Кина од Формула 1 шампионатот ќе почне утре од 9 часот по македонско време. /МИА

Руски воен репортер загина во Украина

Воениот известувач на рускиот весник „Известија“ Семјон Еремин, загинал во напад на украинско беспилотно летало во југоисточна Украина, објави весникот.

Нападот се случил вчера кога 42-годишниот Еремин и неговата екипа се враќале од снимање од селото Прјутне, во близина на линијата на фронтот во регионот Запорожје.

Украина досега не го коментираше настанот.

Најмалку 15 новинари се убиени од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, според Комитетот за заштита на новинарите, непрофитна организација која се залага за слобода на медиумите ширум светот. /МИА

притисни ентер