Заев од Сараево: Обединувањето што го создава спортот треба да се преслика на целиот Балкан

-Верувам дека овие олимписки игри уште еднаш ќе помогнат на целиот Балкан, на целиот регион овде да се движи напред, кон европските вредности, посочи премиерот Заев,

 Единството и обединувањето што ги создава спортот треба да се преслика на целиот Балкан и заеднички да се движиме кон европска иднина, истакна премиерот Зоран Заев во Сараево, Босна и Херцеговина, по церемонијата на отворањето на Европските младински олимписки игри на стадионот „Асим Ферхатовиќ Хасе".

Нашата држава на овој фестивал ја претставуваат Ана – Марија Зафировска и Никола Петковски. Тие утре ќе се натпреваруваат во дисциплината „крос кантри". За нив учеството на Европските младински олимписки игри е прво интернационално искуство и одлична можност за подготовка за претстојните олимписки игри во 2022 година.

Премиерот Заев искажувајќи ја поддршката за овие двајца млади луѓе, рече дека за една земја нема поголем амбасадор од спортот.

-Ја користам приликата да ги споделам чувствата, прекрасни овде на отворањето на Европските младински олимписки игри или Европски младински олимписки фестивал, што по повод 35 години од Олимписките игри, Сараево '84 и познатиот Вучко се отвораат денеска овде. Навистина чувството е прекрасно. Мене ме потсетува на оние 10 години кога ги имав, кога буквално цела Југославија, цела Европа и верувам целиот свет беше фокусиран со очите широко отворени кон Сараево '84 година. А имав денеска прилика и да ги видам чувствата на премиерот Денис Звиздиќ, кој лично бил пред 35 години овде на отворањето на Олимписките игри во Сараево, истакна премиерот Заев.

Тој додаде дека овој настан е прекрасен, бидејќи ја испраќа пораката на спортот за единство, обединување, презентирање на сите земји, младите категории и младинците кои доаѓаат после нас.

-Верувам дека овие олимписки игри уште еднаш ќе помогнат на целиот Балкан, на целиот регион овде да се движи напред, кон европските вредности, посочи премиерот Заев, кој беше придружуван од сопругата Зорица.

Во Црна Гора се појави ретка болест која ја пренесуваат животните

Во Црна Гора се појави ретка болест којашто ја пренесуваат животните. Паразитското заболување Лајшманиоза коешто го пренесуваат комарците, се појави во Колашин, јавуваат медиумите.

Болеста е смртоносна за кучињата, кои мора да се успијат кога ќе биде откриена болеста, а ризични групи кај луѓето се децата и лица со намален имунитет, пишуваат медиумите.

 Според управата за храна, ветеринарна и фитосанитарна болест, оваа болест е откриена и во Подгорица, Бар и Улцињ.

 Ветеринарот на Колашин, Саша Дрљевиќ објаснува дека лајшманиозата е паразитско заболување, кое се пренесува меѓу животните и од животните на луѓето со помош на мушички, поради што најчесто се појавува во потоплите краеви.

Димовски: Соработката е единствениот пат за напредок за земјите од Западен Балкан

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, денеска учествуваше на 13-от годишен работен состанок на министрите за земјоделство од Југоисточна Европа, што се одржа во Приштина.

На состанокот, како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, министрите разговарале за политиките и за мерките за развој на земјоделство и руралниот развој во регионот на Југоисточна Европа, процесот на регионална соработка во областа на земјоделството, како и за процесот за интеграција во Европската Унија на земјите од Западен Балкан.

На денешниот состанок министерот Димковски официјално го предал досегашното претседателство на косовската министерка за земјоделство, шумарство и рурален развој Дијана Живиќ.

Димковски про тоа потенцирал дека соработката е единствениот пат за напредок за земјите од Западен Балкан.

– Ние се соочуваме со многу слични проблеми што може да бидат решени на многу поефикасен начин, ако работиме заеднички. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, продолжува да работи посветено, заедно со другите земји во регионот, со цел исполнување на визијата за напреден и развиен земјоделски сектор во Западен Балкан. Јасно е дека без техничка и финансиска помош од Европската комисија оваа регионална соработка потешко би се развивала. Затоа, ја користам можноста да ја поканам Европската комисија да го препознае значењето на регионалната соработка во областа на земјоделството и руралниот развој за севкупно добро на земјите од Западен Балкан. Продолжуваме да работиме на имплементирање на сите предлози и политики со цел доближување кон Европската унија, изјавил министерот Димковски.

Годинешниот работен состанок е во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и рурален развој на Косово и Постојаната работна група за регионален рурален развој во Југоисточна Европа. /МИА

МИОА домаќин на годишната конференција на РеСПА за реформа на јавната администрација

Министерството за информатичко општество и администрација, на 12ти и 13ти ноември, е домаќин на годишната конференција на РеСПА за реформа на јавната администрација.

Тема на конференцијата е „Дигитална трансформација: Реформа на јавната администрација за дигиталната ера“.

Во рамки на конференцијата се одржа прес конференција, на која обраќање имаа министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, министерката за јавна администрација на Р.Црна Гора Сузана Прибиловиќ, министерот за јавна администрација и локална самоуправа на Р.Србија Бранко Ружиќ, Невен Акшамија, директор на Агенцијата за државна служба на Босна и Херцеговина, Фрек Јанмаат од делегацијата на ЕУ во Македонија, како и директорката на школата за јавна администрација Ратка Секулиќ.

„ Македонија годинава што измина беше претседавач со РеСПА, а таа улога сега ја предавме на нашите пријатели од Црна Гора. Фокусот во годината што доаѓа, ќе биде испораката на услуги до граѓаните, со помош на алатките што ги нудат новите технологии“, истакна министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој ги посочи активностите на МИОА за дигитализација на услугите: Централниот регистар на население, Порталот за е-услуги којшто многу скоро ќе биде пуштен во употреба, како и Националниот портал за е-услуги.

„Овој собир во Скопје е можност, преку размена на добри идеи, да се согледаат дополнителните насоки за продолжување на процесот на управување со дигитална трансформација, а исто така, преку имплементација на иновативни решенија, да се направи обид да се надминат детектираните проблеми и предизвици “, рече од своја страна министерката за јавна администрација на Р.Црна Гора, Сузана Прибиловиќ.

„Регионалната соработка на Западен Балкан е многу важна, а дигитализацијата е процес кој не е исклучиво техничко технолошки туку и општествен процес“, рече меѓу другото министерот за јавна администрација и локална самоуправа на Р.Србија Бранко Ружиќ.

„Оваа конференција ќе им овозможи на земјите-членки на РЕСПА преглед на претходните практики и искуства во однос на воведувањето на дигитална трансформација во јавната администрација, како и конструктивен дијалог за предизвиците и пречките, но и за алатките и можностите што им се достапни на јавните администрации на Земјите-членки на РЕСПА на овој пат“, потенцираше Директорот на Агенцијата за државна служба на Босна и Херцеговина, Невен Акшамија.

Истакнувајќи дека реформата на јавната администрација, заедно со владеењето на правото и управувањето со економијата, е многу важна за интегративниот процес во ЕУ, Фрек Јанмаат од делегацијата на ЕУ во Македонија рече дека ваквите настани се многу добри за земјите во регионот, бидејќи можат да разменуваат искуства и добри практики и учат едни од други.

„Ние ќе продолжиме со поддршката на сите земји во реионот во однос на процесот на реформи во јавната администрација и со поддршката кон РеСПА“, рече Јанмаат.

Директорката на Регионалната школа за јавна администрација, Ратка Секуловиќ, од своја страна го истакна придонесот на РеСПА во однос на градењето капацитети и спроведувањето активности за вмрежување, преку регионални состаноци, конференции, обуки, работилници, итн.

„Почитувајќи го мотото на годинашнава земја претседавач, Република Македонија,  поголемиот дел од организираните активности се фокусираа на дигитализацијата на јавните услуги и дигиталната трансформација. Ова претседателство го комплетираме со дводневна министерска конференција, како поддршка за оваа министерска средба која е посветена на дигиталната трансформација и нејзиното влијание во јавниот сектор“, рече Секулиќ.

притисни ентер