СДСМ: Процесот на деинституционализација дава резултати, веќе нема деца во Домот 11 Октомври

Започнатиот процес на деинституционализација од страна на Министерството за труд и социјална политика се спроведува успешно и дава сериозни резултати.

Во Домот за деца без родители 11 Октомври во Скопје, веќе нема сместено ниту едно дете. Од пред неколку дена тие се сместени во 4 мали групни домови и згрижувачки семејства.

Претходно, пред околу четири месеци целосно беше трансформиран и домот „25 Мај" и сите 25 деца сега живеат во 5 мали групни домови во Скопје и сите се вклучени во редовниот образовен процес.

До крајот на 2018 година од Специјалниот завод „Демир Капија" беа извадени сите деца до 18 години денес тие се сместени во мали групни домови каде што добиваат 24 часовен надзор и им е пружена сета потребна поддршка.

Досега, преку проектот за деинституционализација бројот на деца сместени во институции е намален за 60 отсто.

Заложбите на владата предводена од СДСМ и надлежното министерство се до 2020 година да нема повеќе деца под 18 години кои ќе бидат сместени во институции.

За таа цел процесот на деинституционализација продолжува и во следниот период. /МИА

Доделување грантови од третиот повик на Регионалниот фонд за предизвици

Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ) денеска официјално ќе ги додели грантовите на добитниците од третиот повик, за стручно образование и обуки изработени во соработка помеѓу претпријатијата и установите за стручно образование и обука во регионот.

На настанот што ќе се одржи во просториите на Стопанската комора на Македонија, ќе присуствуваат: Антони Пешев, извршен директор, Стопанската комора, Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија во земјава, Лусиен Аегертер, заменик шеф на мисијата при Амбасада на Швајцарија во Македонија, Мориц Реме, директор на Канцеларијата на Германската банка за развој во Македонија и Косово, Татјана Штерјова Душковска, генерален секретар и Јелена Маниќ Радоичиќ, заменик раководител на тимот, Регионален фонд за предизвици.

По три отворени повици, Регионалниот фонд за предизвици се обврзува да поддржи вкупно 16 проекти со 85 партнер претпријатија во Северна Македонија во износ од 7,13 милиони евра.

-На третиот повик за предлог проекти, пристигнаа 155 изјави на интерес од земјите на Западен Балкан, од кои 25 беа од Македонија. Комисијата за избор одлучи да ги финансира двата најуспешни проекти од Македонија со вкупен износ од 951,905 евра. Овие средства ќе се искористат за подобрување на инфраструктурата на образовните установи и за обезбедување обука на учесниците во програмата за кооперативно образование, наведуваат од

Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ) ја поттикнува одржливата конкурентност на бизнисите од Западен Балкан 6 на патот кон единствениот пазар на ЕУ финансиски поддржувајќи го стручното образование кое во соработка со претпријатијата треба да одговори на потребите од одредени вештини. /МИА

Сообраќајот тековно, по наместа влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Кралството Норвешка донира 76 возила за Армијата на Македонија

Во касарната „Илинден“ во Скопје денеска ќе биде предадена донација од 76 моторни возила од Кралството Норвешка. 

- Седумдесет и шесте моторни возила, од кои триесет и шест се лесни пешадиски моторни возила од типот Мерцедес бенз- 290ГД, Мулти 2 и четириесет товарни моторни возила камиони Сканија-П3, се последен од досегашните многубројни проекти на континуирано одличната соработка во полето на одбраната помеѓу Република Македонија и Кралството Норвешка, велат од Министерството за одбрана.

На настанот ќе се обратат министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на Кралството Норвешка за Македонија, Кристин Мелсом и бригадниот генерал Андрес Јернберг, командант на логистика на Вооружените сили на Кралството Норвешка.

На чинот на официјалното предавање ќе присуствува и раководството од Министерството за одбрана и Генералштабот, генерали во Армијата и команданти од единици.

притисни ентер