Пендаровски-Лајчак: ЕУ го препозна напредокот на Северна Македонија и ќе го исполни ветеното

Двајцата соговорници, се посочува, разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу  Македонија и Словачката Република.

Македонија високо ја цени силната заложба и конкретната поддршка од Словачка за добивање датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ, истакна претседателот на државата Стево Пендаровски на денешната средба со Мирослав Лајчак, министер за надворешни и европски работи на Словачката Република и актуелен претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, Пендаровски нагласи дека интегрираниот и безбеден регион е еден од суштинските предуслови за стабилна и просперитетна Европа, а во тој контекст го поздрави и ратификувањето на Протоколот, во Словачкиот парламент, за членство на  Македонија во НАТО.

Двајцата соговорници, се посочува, разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу  Македонија и Словачката Република,  при што изразија задоволство од развојот на соработката која бележи континуиран позитивен тренд во повеќе области од заемен интерес, што пак се заснова на искреното пријателство, меѓусебната почит и доверба.

На средбата, претседателот Пендаровски подвлече дека  Македонија во изминатиов период  вложи огромен труд и напори во исполнувањето на европските критериуми. Во таа насока тој изрази благодарност за поддршката и помошта што ОБСЕ ја дава на нашата држава во клучните општествено политички области, особено во судството, законодавството, изборниот процес, унапредувањето на меѓуетничките односи и владеење на правото.

Министерот Лајчак му го честиташе стапувањето на функцијата на претседателот Пендаровски, посакувајќи му успех во работата, и ја изрази подготвеноста за натамошно продлабочување на традиционално пријателските односи меѓу двете држави, стои во соопштението. 

Во петок почнува сезоната на градскиот базен во Македонска Каменица

Во рамки на можностите на претпријатието, оваа година покрај останатите дополнителни елементи, прв пат поставивме мал детски базен, кој ќе биде наменет за најмалите посетители. 

 Во завршна фаза се подготовките за отворање на градскиот базен во Македонска Каменица за претстојната летна сезона. Влатко Андоновски, директор на Јавното претпријатие „Камена Река", кое стопанисува со базенот, соопшти дека годинава за посетителите се воведуваат новини со кои дополнително ќе се подобри престојот на пливачите и посетителите на градскиот базен.

– Во рамки на можностите на претпријатието, оваа година покрај останатите дополнителни елементи, прв пат поставивме мал детски базен, кој ќе биде наменет за најмалите посетители. Детскиот базен е изработен од висококвалитетен материјал, со комплет филтри за пречистување и одржување на водата. Поседува и цераден дел за покривање, со што ќе се намали атмосферското влијание врз водата, во период кога не се користи, вели Андоновски.

Додава дека исто како и минатата година и оваа година ЈП „Камена Река" на базенот ќе постави рекорден број лежалки и летни чадори.

Отворањето на летната сезона на градскиот безен во Македонска Каменица е предвидено за в петок, 21 јуни 2019.

Ципрас: Ако сметаат дека Договорот од Преспа е предавнички, зошто толку ги интересира тој да се почитува

Од една страна говорат за предавници и предавства. Но, од друга страна овие денови, пред изборите, ни велат дека единственото што ќе го направат, ако бидат избрани е да се погрижат да се почитува.

 Од една страна во име на нивното партиско единство или за привлекување гласачи, не се колебаат да застанат до етнопопулизмот и да говорат за предавници и предавства во македонското прашање, а од друга страна велат дека ќе се погрижат да се почитува овој, според нив предавнички договор, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас на синоќешниот партиски митинг на СИРИЗА во Атина, упатувајќи критики до неговите политички противници во однос на надворешната политика, јави дописничката на МИА од Атина.

Ципрас додаде дека неговите политички предавници се однесуваат на „неодговорен и кратковиден начин" и ги праша зошто толку ги интересира почитувањето на договорот, ако го сметаат за предавнички.

– Од една страна говорат за предавници и предавства. Но, од друга страна овие денови, пред изборите, ни велат дека единственото што ќе го направат, ако бидат избрани е да се погрижат да се почитува, овој, меѓу другото за нив, предавнички договор. Но, ако навистина е предавнички, зошто толку ги интересира да се почитува? Хипокризијата во нејзината големина, рече Ципрас

Говорејќи за безбедноста и нејзиното значење во сите области од животот, грчкиот премиер и лидер на СИРИЗА на првиот предизборен митинг одржан синоќа во Атина, рече дека „безбедноста не е збор во рекламна кампања, туку е перспектива за сегашноста и иднината за сите Грци". Се осврна и на безбедноста на самата Грција, оценувајќи дека безбедност се и сојузништвата што се градат со народите од Балканот и „пријателството и соработката со соседите од север за кои по Договорот од Преспа ние стануваме гаранти и за нивната безбедност, но и за нивниот европски тек". /МИА.

притисни ентер