Дванаесет дена центарот на Скопје е блокиран поради што отежнато се одвива сообраќајот низ целиот град. Причина за тоа се протестите кои секојдневно се одржуваат за што низ едната лента од булеварот пред Собрание нема проток на возила.
Приврзаниците на Македонија бојкотира го заземаа дел од паркот Жена борец од први декември кога уставните измени кои произлегоа од Договорот со Грција за името влегоа во собраниска процедура. Но денеска на местото каде што се поставени шаторите беше речиси празно. А група граѓани беа собрани на крстосницата кај Црвен крст. Велат дека протестот е пријавен за четири локации во градот. Намерата им е на овој начин да ги поттикнат и останатите граѓани да се приклучат на нивниот протест и најавуваат дека ќе останат најмалку до Нова година.
Со една блокирана лента сообраќајот се одвива отежнато и на булеварите околу Собрание. Редици од автомобили има на речиси сите улици. Поради метежот возачите се нервозни, мораат да кружат по околните сообраќајници.
Нервозни се и скопјани. Сметаат дека е неоправдано и неиздржливо блокирањето на сообраќајот затоа што во работните денови и со обврските отежнато им е движењето низ централното градско подрачје.
Експертите по човекови права велат дека секој има право на протест. Сепак универзитетската професорка Мирјана Најчевска вели дека нема потреба од менување на законската регулатива. Вели секој може да протестира додека не го загрозува правото на слободно движење на останатите граѓани.
Од МВР велат дека протестите секојдневно се најавуваат, а правото на мирен протест е загарантирано со Устав, па затоа не може да преземе ништо поради блокадите. Според Законот за јавните собири, под јавни собири на повеќе од 20 граѓани, се сметаат собирање на отворен или затворен простор заради остварување на забавни, културни, верски, хуманитарни, социјални, политички, економски, спортски или слични интереси на граѓаните, организирани заради јавно изразување на мислење или протест.