Брнабиќ: Белградските и локалните избори ќе се одржат на 2 јуни

 Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ денеска изјави дека донела одлука да го прифати барањето на опозициските партии сите локални избори да се одржат заедно со изборите во Белград на 2 јуни. 

Брнабиќ на вонредна прес-конференција рече дека тоа би значело дека в сабота ќе се расправа за измените Законот за локални избори. Локалните избори ќе ги распише в недела.

„Одлучивме да го прифатиме барањето, во консултација со претседателот, на опозицијата околу СПН и коалицијата НАДА и да ги распишеме сите тие избори закажани за јули и август. За ова ќе биде потребна измена на законот за локални избори ... И секако е важно да го направиме тоа што е можно поскоро, затоа моето барање до службите и до сите пратенички групи е да го завршат попладнево“, изјави таа.

Песков: Американската помош за Украина нема да ја промени ситуацијата на фронтот

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека новата американска помош за Украина нема да промени ништо на бојното поле.

- Тоа на никаков начин нема да влијае на развојот на ситуацијата на фронтот … што е многу неповолно за украинската страна, посочи Песков.

Неговата изјава уследи откако претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон најави дека на 20 април ќе се одржи долгоочекуваното гласање за помош на Украина, Израел и Индо-Пацификот.

Гласањето е по повеќе од два месеци откако пакетот беше одобрен во Сенатот.

Надлежниот комитет претстави закон што ќе обезбеди 60,84 милијарди долари за Украина и регионалните партнери, од кои 23,2 милијарди долари ќе бидат искористени за обнова на резервите американско оружје и објектите.

Поддршката за Израел изнесува вкупно 26,38 милијарди долари, вклучително и средства за покривање на трошоците за американските воени операции како одговор на неодамнешните напади.

Средствата наменети за Индо-пацификот изнесуваат 8,12 милијарди долари.

Спасување мачка во поплавите во Дубаи

Полицијата во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, по силниот дожд што го зафати тоа подрачје, спаси мачка од обилните поплави. Мигот на спасувањето стана видеохит на мрежите.

На снимките се гледа како црно-белото улично маче очајно се закачило за вратата од еден автомобил, сѐ дури спасувачите не го земат и однесат на безбедно, пренесува „Си-ен-ен“.

Според наводите, за само 24 часа во Дубаи наврнал дожд колку што вообичаено паѓа за две години во ова подрачје. Емиратските медиуми дождот од завчера веќе го нарекуват - „историски метеоролошки настан“ што надминал „сѐ што е документирано од почетокот на собирањето податоци“ (за времето) во 1949 година.

притисни ентер