Дол на средба со Тодоров, Богојески и Александрова

Претседателот на Европските народни партии, Жозеф Дол се сретна со Петар Богојески, Никола Тодоров и  со Емилија Александрова..

Претседателот на Европските народни партии, Жозеф Дол денеска по конгресот на Европската народна партија во Хелсинки, ги поканил на средба поранешниот заменик генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Петар Богојески, поранешниот министер за здравство Никола Тодоров и поранешната членка на ВМРО-ДПМНЕ, пратеничката Емилија Александрова.

Дол на својот профил на Фејсбук објави и фотографија од средбата и напиша дека ги поканил за да „дискутираат за загрижувачката ситуација" во партија која е нивна членка по, како што пишува, санкциите преземени кон оние кои гласаа за почнување на процедурата за уставните амандмани неопходни за да се спроведе договорот од Преспа за промена на името.

-Сите закани мора веднаш да престанат, напиша Дол. Во објавата на ФБ профилот, тој пишува и дека верува оти договорот претставува важен чекор кон остварување на евроатлантските аспирации на македонските граѓани.

Дол посочува и дека уште поважно било, а и тој отсекогаш, како што додава бил јасен, дека Европската народна партија ги охрабрува партиите членки кога се во опозиција да продолжат да играат конструктивна улога во Парламентот и да ги одбранат нивните вредности, а да ја држат Владата одговорна за своите политики.

– Сите членки на Европската народна партија мора целосно да спроведат внатрепартиска демократија, да го почитуваат правото на сопствено мислење и да ги бранат нашите вредности и принципи, вклучително и силна проевропска посветеност, напиша Дол.

Министерството за правда го испрати барањето за екстрадиција на Никола Груевски

 Министерството за правда попладнево соопшти дека го испратило барањето за екстрадиција на поранешниот македонски премиер Никола Груевски до Министерството за правда на Унгарија.

– Барањето за екстридиција се однесува за извршување на правосилна пресуда изречена во траење од две години и за водење на четири кривични постапки кои се пред домашните судови, а укажуваме дека за него се водат и четири истраги како и една предистражна постапка за коишто надлежните органи можат да започнат и судски постапки во зависност од истрагата, се вели во сопштението.

Во барањето е образложено дека ниедно од делата за кои Никола Груевски е правосилно осуден или се водат постапки против него не е политичко или воено кривично дело, односно, овие дела не се предвидени во Европската конвенција за екстрадиција како дела за кои може да биде одбиена екстрадиција.

Од Министерството за птавда наведуваат дека правата на Никола Груевски во секој момент биле обезбедени, вклучувајќи го и правото за одбрана пред судските органи согласно Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Никола Груевски се бранел од слобода и во ниедна постапка не му е изречена мерката притвор. Имал обезбедено повеќе бранители по сопствен избор со кои имал непречени можности за комуникација и ги користел сите права кои му се на располагање согласно Законот за кривична постапка.

Укажуат и дека судската постапка во која е донесена пресудата и другите постапки кои се водат против Груевски се мониторирани од страна на ОБСЕ чија членка е и Унгарија.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје на 28.8.2018 година, го објави првиот преоден извештај за активностите и предметите во надлежност на СЈО и за ниту еден од мониторираните предмети не е истакната забелешка во поглед на правата на обвинетите, ниту може да се истакне било каков сомнеж дека кривичните постапки се политички мотивирани. Овој извештај е јавно достапен на интернет страницата на ОБСЕ, велат од Министерството.

Исто така, истакнато е дека Република Македонија е безбедна земја и не се наоѓа во никаков конфликт, меѓународен или внатрешен, а кој би го ставил во опасност животот и телесниот интегритет на било кој поединец.

Никола Груевски како поранешен претседателот на Владата на Република Македонија, имал лично обезбедување од шест припадници на МВР кое му следува согласно домашната легислатива. Исто така, напоменуваме дека Груевски во ниеден случај не пријавил дека неговиот живот и личен интегритет биле во опасност.

Во барањето се укажува и на ништовноста на дадените помилувања од Претседателот на Република Македонија, како и на фактот дека истите беа отповикани, како и на тоа дека Никола Груевски самиот се откажа од даденото помилување со писмо доставено до кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

– Република Македонија бара лицето Груевски да биде екстрадирано, а имајќи ја предвид сериозноста на кривичните дела, бараме истиот да биде лишен од слобода и задржан во притвор, потсетувајќи дека за него е издадена и меѓународна потерница, се посочува во соопштението од Министерството за правда. Во прилог на барањето за екстрадиција се доставени документи од Основен Суд Скопје 1, СЈО и ЈОРМ, со укажување дека досието ќе се дополнува.

Наскоро ќе проработи новиот објект на Ургентниот центар во Куманово

 Новиот објект на Ургентниот центар во Куманово наскоро ќе биде пуштен во употреба и во него ќе бидат сместени итната хируршка амбуланта, ортопедска, анестезиолошка амбуланта, компјутерска томографија и ЕХО дијагностика.

 Новиот објект на Ургентниот центар во Куманово, изграден со поддршка од Министерството за здравство и Проектната единица за обнова и реконструкција, наскоро ќе биде пуштен во употреба и во него ќе бидат сместени итната хируршка амбуланта, ортопедска, анестезиолошка амбуланта, компјутерска томографија и ЕХО дијагностика.

Началник на Одделот за хирургија, .д-р Методија Димковски, кој во оваа болница има 39-годишно работно искуство, изјави дека претходно биле сместени во подрумски простории, често поплавувани, без природно светло, а со новиот хируршки центар добиен е повеќе од 90 отсто поголем простор.

-Хируршкото одделение е секогаш најударно и едно од најактивните одделенија каде најчесто доаѓаат итни случаи, изјави д-р Димковски, кој посочува дека сега услугата ќе биде на едно место, ќе се обезбеди подобар пристап за пациентите, и тие нема да се препраќаат до рендген дијагностика. Нагласи и дека пациентите подобро ќе се опсервираат односно ќе им се врши динамична опсервација, нешто што досега го не постоело во болницата.

– Првпат се отвораат и во исто време активно ќе работат пет хируршки сали. Паралелно на условите за третман на пациенти, се унапредуваат и вештините на докторите односно наши колеги од клиниките од разни специјалности континуирано доаѓаат во нашата болница и на тој начин се реализира континуирана едукација. Општата болница Куманово покрива околу 200.000 жители од овој град и околината, истакна д-р Димковски.

Главната сестра на Опшата болница Куманово, Валентина Стојимировиќ, посочи дека со новиот објект ќе се добие и подобар пристап до здравствена услуга.

– По 32-годишно работно искуство во оваа болница, можам да констатирам дека сега значително се подобрени условите во однос на престојот, хигиената, како и храната на болните. Заеднички и посветено со целиот кадар секојдневно се обидуваме да придонесеме за што подобри услови за пациентите. Секако, новиот објект придонесува за поквалитетна нега на пациентите од нашиот град, вели Стојимировиќ.

Паралелно со оваа крупна инвестиција, со сопствени средства на болницата во тек се активности за унапредување на квалитетот на здравствените услуги во повеќе оддели, меѓу кои: реновиран простор во клиничка и биохемиска лабораторија, отворен е нов шалтер, на инфективниот оддел во тек е поставување изолација и варосување на собите и болничките ходници, комплетно е обновена салата за состаноци и архивата, реновирани се дел од собите на акушерското одделение, како и просториите за службата за обезбедување, а обновени се и камерите за видеонадзор во болницата. Во Општата болница Куманово е отворен и функционира нов центар за згрижување жртви од сексуално насилство. Во претстојниот период се предвидени и нови инвестиции. 

Почна откупот на тутунот во битолскиот дел на Пелагонија

 Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со седиште во Битола информира дека почна откупот на тутунот од годинашната реколта.

Според раководителот на Подрачната единица, Методија Илиевски, откупот се врши на 17 откупни места, а се очекува да бидат преземени 3.364 тони тутун. Склучени се 3.408 договори и издадени се 2.475 евидентни листови.

-Откуп се врши на пунктови во населените места Горно Оризари, Могила, Добромири, Дедебалци, Добрушево, Ивањевци, Трновци, Беранци, Лисолај, Драгожани, Лопатица, а откупот го вршат претпријатија кои имаат склучено договор и имаат поставено пунктови во овој регион, односно Сокотаб, Алијанс Уан, Пашоски ДООЕЛ, Секе ДООЕЛ Прилеп, Тутунски комбинат ДООЕЛ Прилеп и Миссириан ДООЕЛ Струмица, посочи Илиевски.

Формирана е, додаде, и второстепена комисија која има обврска, доколку има потреба, да изврши дополнителна проценка на предадените количини на тутун. 

притисни ентер