Германец ќе го заземе местото на Јункер?

Дали потпретседателот на баварската партија ЦСУ и долгогодишен пратеник на Европскиот парламент , Манфред Вебер, ќе биде избран на местото на претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер.

Тој ќе биде главниот кандидат на Европската народна партија на изборите следната година. Така денеска решија 79 проценти од делегатите на самитот на ЕПП , каде противкандидат на Вебер му беше поранешниот фински премиер , Александер Стуб.

Позицијата главен кандидат (Spitzenkandidat) значи и дека Вебер би требало да биде следниот претседател на Европската Комисија , под услов Европската народна партија да остане водечка и на изборите наредната година .

Тоа е практика воведена на минатите избори кога главен кандидат на ЕПП беше сегашниот претседател на ЕК , Жан Клод Јункер.

Вебер е избран на оваа позиција од местото потпретседател на баварската ЦСУ , партнерска партија на ЦДУ на Меркел .

Тој е роден 1972 година во јужнобаварското гратче Ротенбург и по занимање е инженер. Во политиката влезе со изборите во 2002 како пратеник на ЦСУ во баварскиот покраински парламент.

Во 2004 почнува неговата кариера како пратеник во Европскиот парламент. Германските медиуми потенцираат дека со години Вебер не се истакнувал особено од стотиците други европарламентарци , така што го бие глас безличен конзервативен апаратчик.

Косово повторно не доби членство во Интерпол

Ниту во третиот обид, не помина барањето на косово за прием во Интерпол.

На генералното собрание на Интерпол во Дубаи, за прием на косово во Интерпол во првиот круг гласаа 68 делегати, 51 беа против, а воздржани 16.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека, одбивањето на барањето за членство на косово во Интерпол е успех на Србија, но дека поради тоа не треба да се биде еуфоричен и да се понижува Косово.

-Ние ја подобривме меѓународната позиција, но не смееме во оваа прилика тоа да го искористиме, односно да ја понижуваме приштинската страна“, додаде Вучиќ на вонредна прес-конференција која ја одржа со шефот на дипломатијата, Ивица Дачиќ.

Косово досега трипати поднесуваше барање за членство во 2010, 2015 и минатата година, кога премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, една недела пред генералното собрание во Кина, го повлече барањето поради недостаток на гласови за поддршка.

 Минатата година во интерпол беше примена Палестина и покрај противењата на Израел и САД, како и на Соломонските Острови.

Министерството за правда го испрати барањето за екстрадиција на Никола Груевски

 Министерството за правда попладнево соопшти дека го испратило барањето за екстрадиција на поранешниот македонски премиер Никола Груевски до Министерството за правда на Унгарија.

– Барањето за екстридиција се однесува за извршување на правосилна пресуда изречена во траење од две години и за водење на четири кривични постапки кои се пред домашните судови, а укажуваме дека за него се водат и четири истраги како и една предистражна постапка за коишто надлежните органи можат да започнат и судски постапки во зависност од истрагата, се вели во сопштението.

Во барањето е образложено дека ниедно од делата за кои Никола Груевски е правосилно осуден или се водат постапки против него не е политичко или воено кривично дело, односно, овие дела не се предвидени во Европската конвенција за екстрадиција како дела за кои може да биде одбиена екстрадиција.

Од Министерството за птавда наведуваат дека правата на Никола Груевски во секој момент биле обезбедени, вклучувајќи го и правото за одбрана пред судските органи согласно Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Никола Груевски се бранел од слобода и во ниедна постапка не му е изречена мерката притвор. Имал обезбедено повеќе бранители по сопствен избор со кои имал непречени можности за комуникација и ги користел сите права кои му се на располагање согласно Законот за кривична постапка.

Укажуат и дека судската постапка во која е донесена пресудата и другите постапки кои се водат против Груевски се мониторирани од страна на ОБСЕ чија членка е и Унгарија.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје на 28.8.2018 година, го објави првиот преоден извештај за активностите и предметите во надлежност на СЈО и за ниту еден од мониторираните предмети не е истакната забелешка во поглед на правата на обвинетите, ниту може да се истакне било каков сомнеж дека кривичните постапки се политички мотивирани. Овој извештај е јавно достапен на интернет страницата на ОБСЕ, велат од Министерството.

Исто така, истакнато е дека Република Македонија е безбедна земја и не се наоѓа во никаков конфликт, меѓународен или внатрешен, а кој би го ставил во опасност животот и телесниот интегритет на било кој поединец.

Никола Груевски како поранешен претседателот на Владата на Република Македонија, имал лично обезбедување од шест припадници на МВР кое му следува согласно домашната легислатива. Исто така, напоменуваме дека Груевски во ниеден случај не пријавил дека неговиот живот и личен интегритет биле во опасност.

Во барањето се укажува и на ништовноста на дадените помилувања од Претседателот на Република Македонија, како и на фактот дека истите беа отповикани, како и на тоа дека Никола Груевски самиот се откажа од даденото помилување со писмо доставено до кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

– Република Македонија бара лицето Груевски да биде екстрадирано, а имајќи ја предвид сериозноста на кривичните дела, бараме истиот да биде лишен од слобода и задржан во притвор, потсетувајќи дека за него е издадена и меѓународна потерница, се посочува во соопштението од Министерството за правда. Во прилог на барањето за екстрадиција се доставени документи од Основен Суд Скопје 1, СЈО и ЈОРМ, со укажување дека досието ќе се дополнува.

Наскоро ќе проработи новиот објект на Ургентниот центар во Куманово

 Новиот објект на Ургентниот центар во Куманово наскоро ќе биде пуштен во употреба и во него ќе бидат сместени итната хируршка амбуланта, ортопедска, анестезиолошка амбуланта, компјутерска томографија и ЕХО дијагностика.

 Новиот објект на Ургентниот центар во Куманово, изграден со поддршка од Министерството за здравство и Проектната единица за обнова и реконструкција, наскоро ќе биде пуштен во употреба и во него ќе бидат сместени итната хируршка амбуланта, ортопедска, анестезиолошка амбуланта, компјутерска томографија и ЕХО дијагностика.

Началник на Одделот за хирургија, .д-р Методија Димковски, кој во оваа болница има 39-годишно работно искуство, изјави дека претходно биле сместени во подрумски простории, често поплавувани, без природно светло, а со новиот хируршки центар добиен е повеќе од 90 отсто поголем простор.

-Хируршкото одделение е секогаш најударно и едно од најактивните одделенија каде најчесто доаѓаат итни случаи, изјави д-р Димковски, кој посочува дека сега услугата ќе биде на едно место, ќе се обезбеди подобар пристап за пациентите, и тие нема да се препраќаат до рендген дијагностика. Нагласи и дека пациентите подобро ќе се опсервираат односно ќе им се врши динамична опсервација, нешто што досега го не постоело во болницата.

– Првпат се отвораат и во исто време активно ќе работат пет хируршки сали. Паралелно на условите за третман на пациенти, се унапредуваат и вештините на докторите односно наши колеги од клиниките од разни специјалности континуирано доаѓаат во нашата болница и на тој начин се реализира континуирана едукација. Општата болница Куманово покрива околу 200.000 жители од овој град и околината, истакна д-р Димковски.

Главната сестра на Опшата болница Куманово, Валентина Стојимировиќ, посочи дека со новиот објект ќе се добие и подобар пристап до здравствена услуга.

– По 32-годишно работно искуство во оваа болница, можам да констатирам дека сега значително се подобрени условите во однос на престојот, хигиената, како и храната на болните. Заеднички и посветено со целиот кадар секојдневно се обидуваме да придонесеме за што подобри услови за пациентите. Секако, новиот објект придонесува за поквалитетна нега на пациентите од нашиот град, вели Стојимировиќ.

Паралелно со оваа крупна инвестиција, со сопствени средства на болницата во тек се активности за унапредување на квалитетот на здравствените услуги во повеќе оддели, меѓу кои: реновиран простор во клиничка и биохемиска лабораторија, отворен е нов шалтер, на инфективниот оддел во тек е поставување изолација и варосување на собите и болничките ходници, комплетно е обновена салата за состаноци и архивата, реновирани се дел од собите на акушерското одделение, како и просториите за службата за обезбедување, а обновени се и камерите за видеонадзор во болницата. Во Општата болница Куманово е отворен и функционира нов центар за згрижување жртви од сексуално насилство. Во претстојниот период се предвидени и нови инвестиции. 

притисни ентер