Вториот нацрт-амандман за промена на Уставот од попладнево пред пратениците

Со десет гласа „за“ и пет против, првиот Нацрт-амандман за промена на Уставот помина на собраниската Комисија за уставни прашања.

На вториот ден од седницата, која заврши пред речиси еден час, опозицијата повторно обвини дека целиот процес за промена на името е нетранспарентен и без консензус, на што реплицираа претставниците на власта.

Колешката Ивана Стојановска е во Собранието.

ВМРО-ДПМНЕ: Здравствениот систем е во колапс

Здравствениот систем во македонија е во колапс. СДСМ имаше „план за живот“, и вети дека ќе се работи на здрава примарната здравствена заштита, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Здравствениот систем во Македонија е во колапс. СДСМ имаше „План за живот“, и вети дека ќе се работи на здрава примарната здравствена заштита. Но, очигледно или не ја сфаќаат или не сакаат да ја сфатат. Примарната здрваствена заштита е во слободен пад.

          Матичните лекари и стоматолозите добија најлоши предлог договори за наредните пет години од Фондот за здравствено осигурување, а со високите казни во договорите се доведува во прашање и нивното опстојување.

          СДСМ, пак, ветуваше намалување на високите казни за матичните доктори, а сега гледаме дека излажа. Матичните доктори протестираа, но, прашање  е дали воопшто некој ги слуша.

          Лагите на СДСМ ги има секој ден.

          СДСМ ветуваше и покачување на капитациониот бод на матичните доктори на 90 денари-излажа. Ветуваше укинување на квотите за рецепти и боледувања-излажа.

          Дополнително, годинава од две поликлиники во Скопје три матични доктори заминаа во пензија, а најдоцна до крајот на годинава заминува уште еден матичен лекар. Значи дека околу десет илјади граѓани во Скопје ќе останат без матичен лекар. Здравствен дом Скопје не распишува тендер за концесионери како што предвидува Законот за здравствена заштита.

          Предвидлив е фактот дека до крајот на годината околу 30 доктори  од примарното здравство низ цела Македонија ќе заминат во пензија, а околу 60 илјади граѓани ќе останат без матични лекари. Во Македонија многу ординации ќе останат празни. Ако се земе предвид дека просечната возраст кај матичните доктори е 57 години, очекувано е дополнително влошување на состојбата за 5 години кога може да се случи многу градови да останат без доктори во примарното здравство.

          Поради политиките на оваа криминална и однародена власт граѓаните нема кој да ги лечи, а лекарите и медицинските сестри ја напуштаат државата.

          Министерот за здравство Венко Филипче и владата треба да дадат одговори на следните прашања:

          Дали во државава се потребни лекари?

          Знаат ли надлежните дека граѓаните остануваат без матични лекари?

          Почитувани,

          Јасно е дека владата и министерството се без план за столбот на здравствениот систем за примарната здравствена заштита.

          СДСМ ги изманипулира граѓаните, ги измами лекарите. Ветуваше нешто што сакаа да го слушнат, но очигледно нема намера да го реализира.

          На оваа здравствена политика водена од оваа влада и овој министер мора да се стави крај.

Косово повторно не доби членство во Интерпол

Ниту во третиот обид, не помина барањето на косово за прием во Интерпол.

На генералното собрание на Интерпол во Дубаи, за прием на косово во Интерпол во првиот круг гласаа 68 делегати, 51 беа против, а воздржани 16.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека, одбивањето на барањето за членство на косово во Интерпол е успех на Србија, но дека поради тоа не треба да се биде еуфоричен и да се понижува Косово.

-Ние ја подобривме меѓународната позиција, но не смееме во оваа прилика тоа да го искористиме, односно да ја понижуваме приштинската страна“, додаде Вучиќ на вонредна прес-конференција која ја одржа со шефот на дипломатијата, Ивица Дачиќ.

Косово досега трипати поднесуваше барање за членство во 2010, 2015 и минатата година, кога премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, една недела пред генералното собрание во Кина, го повлече барањето поради недостаток на гласови за поддршка.

 Минатата година во интерпол беше примена Палестина и покрај противењата на Израел и САД, како и на Соломонските Острови.

Министерството за правда го испрати барањето за екстрадиција на Никола Груевски

 Министерството за правда попладнево соопшти дека го испратило барањето за екстрадиција на поранешниот македонски премиер Никола Груевски до Министерството за правда на Унгарија.

– Барањето за екстридиција се однесува за извршување на правосилна пресуда изречена во траење од две години и за водење на четири кривични постапки кои се пред домашните судови, а укажуваме дека за него се водат и четири истраги како и една предистражна постапка за коишто надлежните органи можат да започнат и судски постапки во зависност од истрагата, се вели во сопштението.

Во барањето е образложено дека ниедно од делата за кои Никола Груевски е правосилно осуден или се водат постапки против него не е политичко или воено кривично дело, односно, овие дела не се предвидени во Европската конвенција за екстрадиција како дела за кои може да биде одбиена екстрадиција.

Од Министерството за птавда наведуваат дека правата на Никола Груевски во секој момент биле обезбедени, вклучувајќи го и правото за одбрана пред судските органи согласно Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Никола Груевски се бранел од слобода и во ниедна постапка не му е изречена мерката притвор. Имал обезбедено повеќе бранители по сопствен избор со кои имал непречени можности за комуникација и ги користел сите права кои му се на располагање согласно Законот за кривична постапка.

Укажуат и дека судската постапка во која е донесена пресудата и другите постапки кои се водат против Груевски се мониторирани од страна на ОБСЕ чија членка е и Унгарија.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје на 28.8.2018 година, го објави првиот преоден извештај за активностите и предметите во надлежност на СЈО и за ниту еден од мониторираните предмети не е истакната забелешка во поглед на правата на обвинетите, ниту може да се истакне било каков сомнеж дека кривичните постапки се политички мотивирани. Овој извештај е јавно достапен на интернет страницата на ОБСЕ, велат од Министерството.

Исто така, истакнато е дека Република Македонија е безбедна земја и не се наоѓа во никаков конфликт, меѓународен или внатрешен, а кој би го ставил во опасност животот и телесниот интегритет на било кој поединец.

Никола Груевски како поранешен претседателот на Владата на Република Македонија, имал лично обезбедување од шест припадници на МВР кое му следува согласно домашната легислатива. Исто така, напоменуваме дека Груевски во ниеден случај не пријавил дека неговиот живот и личен интегритет биле во опасност.

Во барањето се укажува и на ништовноста на дадените помилувања од Претседателот на Република Македонија, како и на фактот дека истите беа отповикани, како и на тоа дека Никола Груевски самиот се откажа од даденото помилување со писмо доставено до кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

– Република Македонија бара лицето Груевски да биде екстрадирано, а имајќи ја предвид сериозноста на кривичните дела, бараме истиот да биде лишен од слобода и задржан во притвор, потсетувајќи дека за него е издадена и меѓународна потерница, се посочува во соопштението од Министерството за правда. Во прилог на барањето за екстрадиција се доставени документи од Основен Суд Скопје 1, СЈО и ЈОРМ, со укажување дека досието ќе се дополнува.

притисни ентер