ЦРНИОТ БИСЕР

Ја знаете ли легендата за ЦРНИОТ БИСЕР како завет за вечна љубов? Ако досега не сте слушнале за неа, еве можност да Ви ја раскажеме... 

Во длабоките води на Егејско море постои бесценет црн бисер кој досега никој не успеал ни да го пронајде, ни да го види. Многумина тргнале да го бараат, но за жал никогаш не се вратиле.

Според кажувањата на рибарите, бисерот е скриен во проклетиот кањон во кој владее вечен мрак. Само најхрабрите и најзаљубените се впуштаат во потрага по бесценетиот бисер со кој ќе и’ посведочат на својата сакана дека вечно ќе ја љубат...

Зашто, вековната легенда го тврди токму тоа: КОЈ ЌЕ ГО ПРОНАЈДЕ ЦРНИОТ БИСЕР, ЌЕ ИМА ЉУБОВ ВЕЧНА!

Од утре, 18-ти октомври, во 20 часот, една  од најсилните легенди за љубовта започнува да се прикажува на Канал 5!

Бидете со нас и следете ја љубовната сага на Хазал и Кенан во „ЦРНИОТ БИСЕР“!

Во продолжение, дозволете им на главните ликови, да Ви се претстават.

Се викам Хазал. Пораснав во мало рибарско гратче во кое сите се познаваме меѓу себе. Живеам со мајка ми, очувот, и неговата ќерка Ебру. Куќата е стара, но мене ми е најубава се' дури ме чека топлaта прегратка на мајка ми, и нејзината грижа да ни биде добро на сите.

Чистењето школки ни е секојдневие. Состојбата налага јас во исто време да морам и да работам и да учам, за да можам да си го плаќам школувањето, а и да им бидам од помош на родителите.

Кенан е мојата најголема мотивација и инспирација. Тој е љубовта на мојот живот. Многу е тврдоглав, но го сакам. Двајцата израснавме покрај Егејското море, со легендата за црниот бисер-симболот на вечна љубов.

Како одличен рибар и нуркач, постојано ми зборуваше дека еден ден црниот бисер ќе биде мој и дека на сите ќе им докаже колку многу ме сака... Потајно го посакував тоа, но во истовреме се плашев... Зашто, ја знаете легендата за црниот бисер, нели? Многумина тргнале да го бараат, а никој не се вратил...

Но, како што ви кажав и пред малку, Кенан е тврдоглав човек, храбар, истраен и упорен до крај... 

Тој силно сакаше, и на крај успеа да го победи проклетството на легендата...

Црниот бисер како завет за вечна љубов стана мој!

И одеднаш нашиот живот, тргна во позитивен правец. Кенан ме запроси, испланиравме венчавка, си купивме куќа.. стара, но само наша...

Не знам од каде, и не знам зошто... во мојот живот се појави и проклетството со име  Вурал Демироглу. Го запознав на забавата за неговиот роденден каде што работев како келнерка.

Не ми е јасно, како и кога Вурал успеа да се вљуби во мене...за уште на првото видување да ми зборува дека јас сум жената на неговиот живот...

Неговата лудост и посесивност отиде до таму... што, за да бидам само негова, ме силуваше...и  животот ми го претвори во пекол..

Ми ги уништи сите соништа... сите планови со Кенан... Ми ја погази честа...

Ништо не остана од мене...

Сега сум ставена во ситуација да избирам, дали да му ја кажам вистината на Кенан и да ги жртвувам неговите углед и слобода или да се омажам за Вурал и да ги сочувам својата и честа на семејството...

Се викам Кенан.. Сите ме познаваат како Кенан рибарот кој има ветено дека еден ден ќе го пронајде црниот бисер, за на сите да им докаже дека неговата љубов кон саканата Хазал, ќе биде вечна...

Рибар сум по занимање, и затоа целата моја егзистенција зависи од милоста на морето. Бродот, и грижата за брат ми, се моето единствено наследство од родителите. Немам друго богатство, освен моето познавање на морето и неговите тајни, и пред се' љубовта кон Хазал, за која сум во состојба се' да направам.

Го знаете она чувство кога сте убедени дека судбината ве создала еден за друг? Е токму тоа јас го чувствувам за Хазал... Таа ми е судена.. Верувам во нашата љубов... во нашата вечна љубов!

Затоа, со срце полно љубов, надеж и копнеж, без трошка страв, се нурнав во Егејското море за да го пронајдам црниот бисер и со мојата љубов да го победам проклетството на легендата, но и на сите да им докажам дека Хазал ми е судена само мене...

И' го подарив Црниот бисер што требаше да ни донесе вечна среќа... И нештата започнаа да движат во тој правец... Ја запросив Хазал, почнавме подготовки за свадба, купивме куќа, до душа стара, но само наша... Правевме планови, сонувавме..

Не знам од каде и како се случи, Хазал да се промени преку ноќ... Како наеднаш парите и' станаа поважни од нашата љубов? ..Што ли и се случи? Како тоа реши да се омажи за друг, и тоа на денот на нашата закажана свадба? 

Имам многу прашања, а ниту еден одговор. Како да ме проколна тој црниот бисер...Хазал и Вурлал...? Не, нема да дозволам... Бидете со Канал 5 и следете ја мојата одмазда...

Се викам Вурал, Вурал Демироглу. Пораснав во богато семејство, со мајка ми, брат ми и сестра ми. На татко ми едвај се сеќавам, зашто почина кога бев мал.

Мајка ми Џанан е таа која држи се’ под контрола и се труди да го одржи семејството заедно. За неа, јас сум највредното нешто во нејзиниот живот, и постојано се обидува да ме направи среќен.

Брат ми Синан е проблематичен, коцкар. Затоа мајка ми се плаши и не дозволува тој да управува со семејното богатство. Неговата зависност од коцкањето, но и неговата љубомора кон мене, секојдневно растат. А и жена му Дефне, како буцкало, дополнително создава семејни неприлики, и крои планови како богатството да заврши во нивни раце.

Сестра ми Ирмак е слободна, уметничка душа. Таа само сака да бидеме насмеани, како едно големо среќно семејство. Искрена и секогаш расположена, парите за неа немаат никакво значење.

А и за мене. Јас, во досегашниот живот имав сѐ, но попусто, кога жената што ја сакав со целото мое битие - ме напушти. Не можев да го поднесам тоа... Се изгубив во мојата болна опсесија по неа...

Ми умре во прегратка. Во мои раце го испушти последниот здив.

Нуту времето, ниту богатството не успејаа да го избришат споменот на Наз. Животот без неа е пекол. Нејзиниот лик го гледам насекаде околу мене... Веќе не знам што е стварност а што имагинација...

Денот на мојот роденден, направи голема пресвртница во мојот живот... Откако на мојата роденденска забава ја здогледав Хазал, сфатив дека Господ ми дава уште една шанса...

Сличноста на Хазал со покојната Наз, ги вознемири сите... но не и мене... Нејзиното појавување во мојот живот, го доживеав како Наз да ми се врати...

Овој пат, никако нема да дозволам да останам без неа. Ќе ја чувам, ќе ја љубам и ќе биде само моја...

притисни ентер