Повредени патници од Македонија во тешка сообраќајна несреќа во близина на Линц

Нема загинато ниту еден од патниците во тешката сообраќајна несреќа помеѓу македонскиот автобус и камион на автопатот Линц, Австрија што утринава се случи околу 6 часот.

 Од македонското МНР потврдуваат дека во автобусот имало 18 македонски државјани од нив двајца биле со потешки телесни повреди, но надвор од животна опасност, а 6 патници се полесно повредени. 

Според австриските медиуми сите повредени се згрижени во болница. По судирот на двете возила на камионот натоварен со дрва му се превртела кабината а возачот останал заробен. На местото пристигнале спасувачки екипи и тешко повредениот возач бил пренесен со хеликоптер во болница. Засега се уште нема потврда за која туристичка агенција станува збор.

На местото на несреќата се уште се врши увид и од МНР потврдија дека по добиените информации од страна на македонската амбасада од Виена ќе дадат дополнителни објаснувања за несреќата.

Утре почнува самитот на ЕУ: Гаранција за преговори или студен туш ?

Македонија и дефинитивно летово останува без датум за преговори, битката сега е да се осигура дека би го добила есенва.

По вчерашните заклучоци на Советот на министрите во кои се предлага ЕУ да се наврати на прашањето најдоцна до октомври, конечниот збор ќе го имаат лидерите на земјите членки на самитот утре и заутре.. Во Брисел е Александар Видиновски.

ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните нема да добијат по 30.000 денари поврат на ДДВ на крај на годината

Граѓаните ниту виделе, ниту ќе видат аир од Зоран Заев и најнеспособната влада, се наведува во реакцијата на ВМРО- ДПМНЕ.

Животот дојде само за врхушката околу него, а бројот на луѓе кои живеат под прагот на сиромаштија постојано се зголемува. Затоа главна цел на младите не е да собираат фискални, туку да соберат пари за да купат карта за заминување од Македонија.

Проектот на владата е уште една шарена лага од која што граѓаните нема да имаат вистинска корист. Единствено манипулаторот Заев се обидува со пари од народот да добие политички поени. Доколку навистина се грижеше за буџетот на граѓаните, Заев ќе ја намалеше акцизата која што ја покачи, ќе го зголемеше обемот на производи со повластена стапка на ДДВ од 5% или ќе ја намалеше стапката на ДДВ од 18%, а пред се ќе престанеше да ги краде парите преку наместени тендери.

Вака останува впечатокот дека станува збор за квазипроект кој ќе направи поголема штета, отколку корист. Се компликува целиот апарат, се воведуваат софтвери и апликации, а се очекува оние кои се најзагрозени, сиромашните пензионерите и другите ранливи категории, со смартфони да ги сликаат фискалните сметки.

Економска логика за овој проект нема. Истиот дополнително ќе го загрози полнењето на буџетот и потоа ќе има контраефект врз исплатата на платите и придонесите на администрацијата и пензионерите.

Граѓаните нема да добијат по 30.000 денари поврат на ДДВ на крај на годината. За да добијат толкав поврат треба да исплатат во текот на годината ДДВ во висина од над 200 000 денари, односно да купат стоки во вредност од околу 25 000 евра од кои само помалиот дел би биле со повластена стапка на ДДВ од 5% како што е хратана и средствата за хигиена. Дури и со две просечни плати од по 1000 евра, едно семејство не може да си дозволи толкав трошок, така што провидни се лагите на Зоран Заев.

Квазипроектот ќе предизвика проблеми, а откако тоа ќе се обелодени инволвираните треба да понесат одговорност.

Во Владата разгледан Законот за управување со движење на предметите во судовите

Советот за имплементација на стратегијата за реформи во правосудството (2017-2022) го разгледа и Законот за управување со движење на предметите во судовите.

На денеска одржаната  12. седница на Советот за имплементација на стратегијата за реформи во правосудството (2017-2022) беше презентиран Законот за управување со движење на предметите во судовите.

Претставник на  Министерството за правда, ги запозна членовите на Советот за имплементација на стратегијата за реформи во правосудството со одредбите во законот, кој има за цел да го спречи застојот и натамошното трупање на судски предмети.

На оваа седница на Советот за имплементација на стратегијата за реформи во правосудството членовите го разгледаа и Законот за академија за судии и јавни обвинители. Министерката за правда, Рената Десковска им се заблагодари на членовите на Советот за констатираните забелешки и за понудените предлози за измени и дополнувања во насока на финализација на текстот на законот, се наведува во соопштението од Владата. 

притисни ентер