Нив државата не може да ги гони, бидејќи учеството во странски војни е казниво дури по измените на законот во 2014-та година, а тие заминале и се вратиле претходно. Сепак, безбедносните органи уверуваат дека редовно ги следат нивните активности, и според сегашните проценки нема индиции за можно терористичко загрозување на безбедноста.
По измените на законот, интересот на македонските државјани за војување во Сирија драстично се намалил, но сепак некои се одлучувале да заминат.. Вообичаената рута е легално да стигнат до Турција, а потоа преку диви премини да стигнат до градот Џараблус, првата станица на сирискиот фронт.
Дел од овие, односно 23 лица, се вратиле во земјава и се уапсени во акциите Келија. Тројца македонски џихадисти има и во турските затвори.
За последниот случај, кога во вторникот од Сирија беа донесени 7-мина, од МВР појаснуваат дека станува збор за џихадисти за кои знаеле и ги барале, а за 5 мина од нив имало и судска потерница. Потврдуваат дека тие биле заробени од страна на Сириските демократски сили, кои се борат и против ИСИС и против режимот на Асад, а потоа предадени на Меѓународната коалиција предводена од САД. Во земјава биле донесени со авион на држава ченка на Коалицијата, а веднаш по стапнувањето на македонска територија биле уапсени.
Со ова Македонија стана првата европска земја што прифатила свои државјани, борци на ИСИС, заробени во Сирија. Македонските безбедносни служби процениле дека тоа е подобро за безбедноста на државата, отколку да останат таму.
Канал 5 вчера објави ексклузивни сведоштва на двајца од нив, снимени во затвор од сириската агенција АНХА.
Според информациите на МВР, во Сирија се уште има 15 активни борци на ИСИС од Македонија. Покрај нив, има и 9 жени, а некои од нив имаат и деца таму. Вкупно, од почетокот на војната, 156 македонски државјани војувале на боиштата во Сирија, а 35 загинале. За некои од нив има потврда, за некои не.