Ансамблот на „Игњац Фукс" ја воодушеви публиката со класична и неокласична музика

Вистинско уметничко доживување со класична и неокласична музика приреди синоќа ансамблот на „Игњац Фукс“во црквата „Света Софија“ настапувајќи во рамките на фестивалот „Охридско лето“. 

На програмата беа Квинтет g-moll од Сергеј Прокофјев, Свита за трио за кларинет, виолина и пијано од Александар Арутиуниан, Квартет од Иван Мулер, како и Трио за обоа, виола и контрабас, дело на Јохан Михаел Хајдн.

- Делата се од различен период, но станува збор за класична и неокласична музика. Конкретно, за Квинтетот од Сергеј Прокофјев, се работи за несекојдневна музика, напишана за балетска група во 1929 година и од тој балет е редуциран квинтетот. Доста драматична музика, доста хаотична, но на моменти прекрасна, а на моменти возбудлива, така како што треба да биде музиката, вели познатиот контрабасист Илин Диме Димовски.

Ансамблот на „Игњат Фукс“ е формиран годинава, специјално по повод 150-годишнината од раѓањето на композиторот Игњац Фукс.

- Тоа е една од причините за обединувањето на еден ваков состав, но од друга страна, на овие простори недостига ваков ансамбл од мешовит тип кој може да се прилагодува на каков било концерт и настан, додаде Димовски.

Во ансамблот на „Игњац Фукс“ членуваат македонско-австриската виолинистка Фросина Богдановска, хрватскиот уметник Хрвоје Филипс кој свири на виола, македонско-хрватскиот контрабасист Илин Диме Димовски кој работи во Загрепската филхармонија, српскиот кларинетист Александар Тасиќ, обоистот Дарио Голчиќ од Хрватска, како и македонската пијанистка Јана Павловска-Молц која живее и работи во Чикаго.

- Мене ми е многу драго што сум дел од еден ваков состав направен од фантастични уметници. Сите живееме на различни просотори и настапуваме на различни места, така што имавме многу малку проби, но брзо се вклопивме, вели виолинистката Богдановска.

Овој ансамбл составен од извонредни уметници од поранешните ју-простори, во текот на идната година ќе се вклучи во одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на композиторот Игњац Фукс (1819 –1854), чие вистинско име е всушност Ватрослав Лисински. /МИА

Рамфоса: Јужна Африка продолжува со распоредување сили во Мозамбик и Конго

Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса денеска изјави дека војската на неговата земја ќе продолжи да распоредува војници во Мозамбик и Демократска Република Конго, кои се погодени од конфликти.

Врз основа на одлуката за продолжување на неопределено време во источно Конго ќе бидат задржани 1.198 припадници на јужноафриканските национални одбранбени сили (SANDF), каде се наоѓаат и дел од мировните сили на ОН кои му помагаат на Конго во борбата против бунтовничките групи, пренесуваат британските медиуми.

Во соопштението на SANDF се наведува дека 1.495 нивни членови ќе ги продолжат своите операции во Мозамбик, каде од 2021 година ја поддржуваат владината борба против насилниот екстремизам во северните области.

Распоредувањата на јужноафриканската војска во странство годинава се ставени под засилена контрола откако двајца војници на SANDF во февруари беа убиени, а тројца ранети од минофрлачка граната во Конго.

Главната опозициска партија во земјата, Демократската алијанса,го обвини Рамафоса за испраќање неподготвени сили во воената зона. /МИА

ВМРО-ДПМНЕ: Огромната поддршка обврзува за промени и брзи резултати

Народот избра промени. Македонија повторно ќе биде горда и твоја.

Огромната поддршка на народот обврзува за промени и брзи резултати, работата не е завршена, црвениот картон граѓаните ќе го дадат на 8-ми мај.

На 8-ми мај СДС ќе доживеат уште поголем пораз, затоа што народот сака промени, и просперитет за Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на напорна работа и експресни резултати по 8-ми мај, народот мора брзо да ги почувствува промените и Македонија да тргне напред.

По 8-ми мај Македонија ќе тргне по патот на економска обнова, поголеми плати и пензии, развиена инфраструктура, квалитетно образование, здравство какво што заслужува секој човек. По 8-ми мај следува економска трансформација на Македонија.

Ги повикуваме граѓаните уште помасовно да излезат во вториот круг и да ги потврдиме промените. Народот ќе си ја врати Македонија.

Македонија повторно твоја, се наведува во партиското соопштение.

Нема докази дека Болсонаро побарал азил во унгарската амбасада, утврдил судот

Судијата на Врховниот суд на Бразил, Александар де Мораеш, ја затвори истрагата за обвинението дека поранешниот претседател на Бразил, ултрадесничарот Жаир Болсонаро, во февруари побарал азил во унгарската амбасада поради недостиг на докази.

- Нема конкретни елементи кои укажуваат дека лицето кое било предмет на истрага имало намера да добие дипломатски азил со цел да побегне од земјата и, следствено, да ја загрози тековната кривична истрага, се вели во писмената одлука на Мораес, пренесуваат британските медиуми.

Сепак, престојот во унгарската амбасада покрена сомнеж дека Болсонаро сака да добие дипломатски азил за да избегне истрага за заговорот за државен удар во Бразил.

Болсонаро рече дека останал во унгарската амбасада со цел да ги одржи блиските дипломатски односи што ги има со Унгарија, на чие чело е десничарскиот претседател Виктор Орбан, политички сојузник на Болсонаро.

Американскиот дневен весник Њујорк Тајмс, врз основа на видео надзор откри дека Болсонаро поминал две ноќи во унгарската амбасада во главниот град Бразилија помеѓу 12 и 14 февруари, веднаш откако му бил одземен пасошот како дел од истрагата за наводен заговор да се организира воен удар. /МИА

притисни ентер