Вечер на камерна музика на „Охридско лето" со ансамблот „Игњац Фукс"

Музичката програма на „Охридско лето“ за вечерва нуди концерт на камерна музика со ансамблот што го носи името на најпознатиот хрватскиот композитор, Игњац Фукс алијас Ватрослав Лисински.

На концертот што ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ ќе настапат виолинстката Фросина Богданоска, виолинистот Хрвоје Филипс, контрабасистот Илин Диме Димовски, обоистот Дарио Голчиќ и кларинетистот Дарио Голчиќ.

Македонската виолинистка Фросина Богданоска потекнува од уметничко семејство под чија закрила ги прави првите чекори и успеси со свирењето на виолина. Во 2001 година се запишува на Националниот музички конзерваториум во Тулуз, а дипломски и постдипломски студии завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Своето образование потоа го продолжува на Кралската академија во Лондон, а две години подоцна запишува специјализација на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена. Покрај солистичката дејност, Богданоска често настапува и во камерни состави.

Хрвоје Филипс своето музичко образование го стекнува во Хрватска. Од 1997 година работи како виолист во оркестарот на Хрватскиот народен театар во Загреб, а три години подоцна станува член на познатиот состав „Загребачки солисти“. Од 2004 година е член на симфонискиот оркестар на ХРТ , а една година подоцна станува и еден од членовите на Загребскиот квартет.

Илин – Диме Димовски е еден од најактивните македонски контрабасисти. Вработен е во филхармонискиот оркестар на градот Загреб, постојан соработник е на симфонискиот оркестар на ХРТ, а редовно се појавува и со хрватскиот барокен ансамбл, „Загребски солисти“, ансамблот за современа музика „Кантус“, како и со Хрватскиот камерен оркестар. Во исто време соработува и со интернационалниот оркестар „Без граници“ и италијанскиот симфониски оркестар „Сан Марко“. Добитник е на повеќе национални и интернационални награди за контрабас и камерна музика.

Дарио Голчиќ е хрватски обоист, добитник на повеќе награди во и вон Хрватска. Своето образование го започнува во родната земја, а подоцна се усовршува кај обоистите Хајнц Холигер и Кристијан Шмит. Во текот на своите студии имал чест да настапува со значајни ансамбли од Германија, Хрватска, Швајцарија. Моментално работи како обоист на симфонискиот оркестар на националната ХРТ и како доцент по обоа на Музичката академија во Загреб.

Александар Тасиќ е еден од најеминентните кларинетисти на својата генерација. Како солист досега има настапувано со повеќе значајни оркестри на концертните подиуми во Србија и странство, под диригентската палка на еминентни имиња. Чест гостин е и на најпрестижните фестивали во Европа и Азија. Тасиќ е претставник на познатиот произведувач на опрема за дувачки инструменти „Вандорен“ од Франција и американската компанија за изработка на кларинети „Ројал“.

Јана Павловска – Молц своето образование го започнува во Македонија. По дипломирањето, се запишува на магистерски студии на Колеџот по изведувачки уметности во Чикаго, кои успешно ги завршува, а во моментов е на докторски студии на Универзитетот во Илиноис. Постојано е активна на музичките сцени во светот, каде често соработува со значајни музичари. Добитник е на голем број награди на национални и интернационални натпревари.

На програмата на вечерашниот концерт се дела на Артиуниан, Прокофјев, Хајдн. /МИА

Едно лице повредено во престрелка во Маџари

Едно лице е повредено во оружена престрелка што се случи денеска во скопската населба Маџари.

Според првичните информации, повредено лице не е во животна опасност. Другото лице кое учествувало во престрелката е приведено.

До престрелката дошло поради нивно меѓусебно недоразбирање. /МИА

Димитриев: Одлука за претседателскиот кандидат ќе донесат делегатите на Конвенцијата

-Секој има право да се кандидира. ВМРО-ДПМНЕ ќе организира конвенција, и за тоа ќе одлучат кандидатите.

 Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев не сакаше да коментира дали ја поддржува кандидатирата на неговиот колега, пратеникот Влатко Ѓорчев, за претседател на  Република Македонија, потенцирајќи дека за тоа ќе одлучуваат партиските органи. Она што можам да го кажам, нагласи, е дека јас нема да се кандидирам.

-Секој има право да се кандидира. ВМРО-ДПМНЕ ќе организира конвенција, и за тоа ќе одлучат кандидатите. Јас не планирам да се кандидирам, барем за тоа можам да ви дадам конкретен одговор, рече Димитриев одговарајќи на новинарско прашање по средбата на експертот од ЕУ Маурицио Варанезе и претставник од Одделот надлежен за Македонија од ЕК Клое Лаурен Динсдел со членовите на Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинска управа и Министерство за одбрана.

Запрашан дали партијата се подготвува и за парламентарни избори, освен за претседателски, Димитриев одговори потврдно, потенцирајќи дека партијата и побарала нивно одржување и дека очекува оти тие ќе се случат заедно со претседателските.

Пратеникот и член на раководството на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев вчера  најави дека ќе се пријави на партискиот оглас за претседателски кандидат. Денеска поддршка за кандидатурата доби од својот колега пратеникот Антонио Милошоски.

ВМРО-ДПМНЕ објави јавен повик за избор на претседателски кандидати. Рокот за пријавување на огласот трае до крајот на месецов. Кандидатот за претседател на опозицијата ќе биде избран на 16 јануари на партиска конвенција во Струга.

Богдановиќ: Продолжува финансиската поддршка за двете читални

 Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ денеска ја посети читалната „Славко Јаневски", каде донираше околу 100 нови книги.

– Сакам уште еднаш да потенцирам дека читалните не ги затвораме, како што имаше шпекулации во јавноста. Општина Центар не само што ќе продолжи финансиски да ги поддржува, туку и понатаму ќе работиме на збогатување на книжевниот фонд, изјави Богдановиќ.

Богдановиќ денешната прилика ја искористи и за да подели нови членски карти од читалните на дел од учениците од училиштето „Гоце Делчев" за да тие и во иднина ги користат нивните услуги. 

притисни ентер