Кои се најплатените славни личности во светот

Познатото списание „Форбс“, според својата долгогодишна традиција, ја објави листата на најплатените личности од јавниот живот.

На чело на годинашната листа е боксерот Флојд Мејведр со заработка од неверојатни 285 милиони долари, а на второто место е актерот и филантроп Џорџ Клуни, кој заработи 239 милиони долари.

Третото место ѝ припадна на ѕвездата Кајли Џенер, која заработи 166 милиони долари во изминатата година.

Меѓу првите пет се најде и Двејн Џонсон, поранешен професионален борач, а сега познат актер и продуцент, со заработка од 124 милиони долари.

Овие имиња ги следат бендовите „У2“ и „Колдплеј“, како и Кристијано Роналдо и Лионел Меси. /МИА

Џафери - Лапсли: Македонија е ценета членка на Алијансата

Талат Џафери, вчера попладне се сретна со помошникот на генералниот секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Ангус Лапсли.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Талат Џафери, вчера попладне се сретна со помошникот на генералниот секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Ангус Лапсли во рамки на неговата посета на Скопје.

Премиерот Џафери му посака срдечно добредојде на помошникот на генералниот секретар Лапсли, и воедно го потврди придонесот на Северна Македонија во НАТО, кој во континуитет се зацврстува. Достигнувањето на 2,05% од БДП во буџетот на одбраната, од кои 30% се за модернизација на Армијата, се силен индикатор за тој придонес.

Воедно, со учеството во колективната безбедност преку мултинационалните сили на Алијансата во Романија, во Бугарија и во Латвија, како и во мисијата на НАТО на Косово, КФОР, и во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА, земјата дополнително се позиционираше и како еден од столбовите на регионалната стабилност.

На средбата, двете делегации имаа можност да поразговараат за Самитот на НАТО во Вашингтон во духот на 75-годишнината на Алијансата, како и за актуелните одбранбени планови, имајќи ја предвид глобалната безбедносна состојба во Европа и светот.

Воедно, двете делегации ја потврдија и поддршката која земјите-членки, вклучително и Македонија, ја даваат за Украина.

Од страна на помошникот на генералниот секретар Лапсли, беше истакнато дека Македонија е ценета членка во Алијансата, имајќи го предвид целокупниот придонес кој досега го има дадено. Алијансата е по обединета и посилна од кога било во нејзината историја, а со зачленувањето на Финска и Шведска, НАТО станува гарант на безбедноста на над 1 милијарда граѓани од демократскиот свет.

ВМРО-ДПМНЕ: Огромната поддршка обврзува за промени и брзи резултати

Да излеземе уште помасовно на 8-ми мај, а потоа следува економска трансформација на Македонија.

Народот избра промени. Македонија повторно ќе биде горда и твоја.

Огромната поддршка на народот обврзува за промени и брзи резултати, работата не е завршена, црвениот картон граѓаните ќе го дадат на 8-ми мај.

На 8-ми мај СДС ќе доживеат уште поголем пораз, затоа што народот сака промени, и просперитет за Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на напорна работа и експресни резултати по 8-ми мај, народот мора брзо да ги почувствува промените и Македонија да тргне напред.

По 8-ми мај Македонија ќе тргне по патот на економска обнова, поголеми плати и пензии, развиена инфраструктура, квалитетно образование, здравство какво што заслужува секој човек. По 8-ми мај следува економска трансформација на Македонија.

Ги повикуваме граѓаните уште помасовно да излезат во вториот круг и да ги потврдиме промените. Народот ќе си ја врати Македонија.

Центар за комуникации со јавноста на ВМРО-ДПМНЕ

Пасоши на воено способните Украинци ќе се издаваат само во земјата

Украинската влада донесе одлука со која дополнително ја заострува мобилизацијата, па во иднина пасоши на воено способни мажи ќе може да се издаваат само во земјата, пренесува Хина.

Новата регулатива е објавена откако шефот на дипломатијата, Дмитро Кулеба, до 18 мај ги суспендираше конзуларните услуги за лицата кои ги исполнуваат условите и притоа ги критикуваше оние Украинци кои се наоѓаат во странство за тоа дека не служат во војната против Русија.

Последната владина одлука предвидува пасоши да може да им се издаваат на мажи на возраст од 18 до 60 години и тоа само во Украина.

Во странство во моментов живеат стотици илјади воено способни Украинци, во моменти кога земјата се соочува со недостиг на војници во војната против подобро опремената и поголема руска армија.

Шефот на дипломатијата, Кулеба, во своите коментари за суспензијата на конзуларните услуги, пред два дена кажа дека е непримерно регрутите да живеат во странство,а сè уште да сакаат да ги користат услугите од државата.

„Престојот во странство не го ослободува граѓанинот од неговите обврски кон татковината“, напиша тој на X. /МИА

притисни ентер