Солистички концерт на рускиот пијанист Вадим Колоденко на „Охридско лето“

По синоќешниот настап заедно со виолинистката Алена Баева во рамки на „Охридско лето“, пијанистот Вадим Колоденко вечер ќе има солистички настап во катедралната црква „Света Софија“.

Вадим Колоденко има репутација на еден од музички најдраматичните и технички најнадарените изведувачи на новата генерација пијанисти. Како добитник на Златниот медал на Интернационалниот пијано натпревар „Ван Клибурн“ во 2013 година, Колоденко започнува да гради интернационална кариера во Европа, Азија и Северна Америка.

Низ годините Колоденко соработувал со голем број истакнати диригенти, оркестри и изведувачи, меѓу кои и нам добро познатите: Вадим Репин, Алена Баева и Александар Бузлов. Во соработка со издавачката куќа „Хармонија Мунди“ Вадим Колоденко има издадено повеќе компакт дискови. Еден од најзначајните е компакт-дискот со Оркестарот на Норвешкото радио издаден во август 2015 година, кој е награден со познатата „Editor’s Choice“ награда. На компакт-дискот се наоѓа Концерт за пијано од норвешкиот композитор Едвард Григ и Концертот за пијано бр. 2 од францускиот композитор Камиј Сен-Санс.

На програмата на вечерашниот соло-рецитал на Колоденко се ноктурно и сонати за пијано на Шопен и Прокофјев. /МИА

Кремљ: Сопственикот на Телеграм треба да биде повнимателен

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека нема планови за блокирање на апликацијата, но оти Дуров треба да биде повнимателен.

Кремљ го предупреди сопственикот на Телеграм, Павел Дуров, да биде повнимателен откако се појавија информации дека апликацијата била користена за да се помогне во регрутирањето на вооружените лица, кои го извршија нападот на концертната сала во близина на Москва.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека нема планови за блокирање на апликацијата, но оти Дуров треба да биде повнимателен.

- Ќе очекуваме зголемено внимание од Павел Дуров, бидејќи овој уникатен и феноменален ресурс од технолошка гледна точка, кој всушност растеше пред нашите очи, сè повеќе станува алатка во рацете на терористите, користена за терористички цели, посочи Песков.

Руската државната новинска агенција РИА Новости објави дека напаѓачите биле регрутирани преку радикален канал на Телеграм, кој припаѓа на групата Исламска држава - Хорасан.

Во текот на изминатите 2 дена, рускиот регулатор за комуникации „Роскомнадзор“ го ограничи пристапот до 11 канали на Телеграм поради „содржини поврзани со тероризам“.

Го забрзавме откривањето и верификацијата на каналите на Телеграм. Поконкретно, регистрираме создавање на канали, кои наводно известуваат за нови терористички напади. Тие се создадени со цел да се заплаши населението. Во изминатите два дена ограничен е пристап до 11 такви канали, се наведува во соопштението на „Роскомнадзор“.

Телеграм, основан од Дуров, е со седиште во Дубаи. Дуров (39) ја напушти Русија во 2014 година и живее во Дубаи, има двојно државјанство на Франција и Обединетите Арапски Емирати. Форбс го проценува богатството на Дуров на 15,5 милијарди долари.

Аустриан ерлајнс го започна својот штрајк кој ќе трае 36 часа

Триесет и шестчасовниот штрајк на вработените во Аустриан Ерлајнс (Austrian Airlines) почна денеска и веќе има откажани летови, јавија австриските медиуми. 

Според одлуката на синдикатот „Вида“, денеска и утре ќе бидат откажани вкупно 400 летови. Најмногу беа погодени аеродромите во Виена, Инсбрук, Грац и Клагенфурт, како и околу 50 илјади патници, според податоците на авиокомпанијата.

Аустриан Ерлајнс проценува 24 милиони евра загуби предизвикани од откажување летови во текот на тековните колективни преговори за договарање. Спорот за колективниот договор за труд трае веќе со недели, а досега 17 рунди преговори се без резултат. Синдикатот најави нова работна средба за 4 април.

Стотици летови се откажани од почетокот на преговорите. Откажани се и летовите од Виена до Скопје и обратно. На официјалната веб страница на Меѓународниот аеродром Скопје не се ставени ниту полетувањата, ниту слетувањата со оваа авиокомпанија.

Дебата на тема„Има помош за живот без насилство“ во организација на УНФПА

Веќе трета година по ред во Македонија се спроведува  проектот „Превенција и заштита од родово-базирано насилство во Македонија“ под покровителство на министерството за труд и социјала, британската амбасада и УНФПА.

Во рамки на проектот досега функционира програмата за реинтеграција на жртви, моделот за шелтер-засолниште на жртви на семејно насилство, а се даваат и препораките за подобрување на услугите на сос линиите за помош на жртвите.

притисни ентер