Заев за АНА-МПА: По самитот на НАТО сите политички партии ќе ги одредат деталите околу референдумот

По самитот на НАТО сите политички партии ќе имаат средба во Собранието за да ги утврдиме елементите на референдумот, деталите за прашањето што ќе се постави на референдумот и за карактеристиката на референдумот, вели премиерот Зоран Заев.

 Во изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА како што пренесува дописничката на МИА од Атина, Заев изрази надеж дека референдумот ќе биде успешен и ги повтори и можните датуми - 23 септември, 30 септември или 7 октомври, за, како што кажа, „да постои доволно време за да се финализираат сите процеси до крајот на годината“.

- Референдумот, знаеме дека ќе се заврши успешно и се надеваме дека сите ќе бидат мотивирани да придонесат во референдумскиот процес да има најголем успех, бидејќи е многу важен за нашата земја, вели македонскиот премиер, во изјавата за грчката новинска агенција АНА-МПА.

Во однос на уставните промени Заев објасни дека се потребни од 90 до 110 дена, „па така, 15 јануари е пред нас“. Потоа, доколку процесот успешно заврши од македонска страна, „останува грчкиот Парламент да гласа за ратификација на договорот и да го ратификува протоколот за наше членство во НАТО“.

Грчката новинска агенција АНА-МПА, ги пренесува изјавите на македонскиот премиер по вчерашниот самит во Лондон дека „лидерите на ЕУ и Западен Балкан едногласно потенцираа дека Договорот од Преспа и храброста што ја покажаа премиерите Заев и Ципрас се модел за решавање на најсложените билатерални прашања и дека ќе продолжат да даваат голема поддршка во имплементацијата на Договорот“.

- Со премиерот Алексис Ципрас одбравме решенија кои ќе бидат задоволителни за граѓаните и нашите општества, а не за нас самите и за нашите политички партии, изјави Заев и истакна дека Договорот меѓу ПЈРМ и Грција во реалноста е најдобар придонес за однесување и создавање нови пријателски односи меѓу државите и политичарите, објави грчката новинска агенција./МИА.

Како ќе се реши проблемот со извозот на земјоделски производи на Косово?

Времената рамка на Косово за повисоки царини од 30% за овошје и зеленчук предизвика хаос во регионот.

Петти ден земјоделците немаат каде да ги извезуваат своите производи. Извозот од ден во ден е се помал. Им се закануваат огромни штети.

В среда во Белград ресорните министри на земјите од регионот на итен состанок ќе бараат лек за проблемот. Најавија и контра-мерки. Македонија веќе испрати и допис до ЦЕФТА  и ЕУ потенцирајќи дека мерката е неаргументирана.

Во меѓувреме српскиот министер за трговија Расим Љајиќ и порача на Приштина да се одлучи дали е или не е ЦЕФТА потписничка.

Косовската времена мерка ќе трае три месеци. Со неа, за 30% се зголемуваат царините за увезеното овошје и зеленчук. Опфаќа 21 сорта од земјоделските производи и важи за сите држави кои увезуваат во Косово.

Најпогодени, според министерството за земјоделство, се доматите, пиперките и сливите.

Иран: Најмалку 25 лица повредени во земјотресот

Најмалку 25 лица се повредени во земјотресот со јачина од 5,9 степени по Рихтер, кој денеска го погоди западен Иран, неколку часа откако два земјотреси ја потресоа јужната провинција Хормозган.

Гувернерот на западната провинција Керманшах, Хусанг Базванд, изјави дека 25 лица се повредени и дека, за среќа, нема информации за мртви.

Претходно денеска, јужниот дел на Иран беше погоден од земјотреси со јачина од 4,7 степени и 5,7 степени според Рихтеровата скала.

Во тие потреси немаше повредени, а предизвикана е помала материјална штета.

притисни ентер