ОН: Речиси 282 милиони луѓе ширум светот се соочиле со акутен глад во 2023 година

Речиси 282 милиони луѓе во 59 земји се соочија со акутен глад во 2023 година, а појасот Газа беше територијата на која минатата година најмногу луѓе страдаа од глад, се наведува во извештај на Обединетите нации.

Во извештајот се вели дека во 2023 година бројот на луѓе кои се соочиле со акутен глад се зголемил за 24 милиони во споредба со 2022 година поради наглото влошување во сигурноста на снабдувањето со храна, особено во Појасот Газа и Судан. Исто така, се нагласува дека ОН го зголемиле бројот на земји во кои го следат снабдувањето со храна во однос на 2022 година.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во воведот на извештајот изјави дека тој претставува „прозивка за неуспесите на човештвото“ и оти „во свет на изобилие, деца умираат од глад“ и повика на итен одговор на меѓународната заедница на наодите од извештајот, кој би вклучувал трансформација на глобалниот систем за снабдување со храна и зголемување на помошта за најзагрозените области.

- Конфликтите што избувнаа во последните 12 месеци доведоа до катастрофална глобална ситуација, нагласи Гутереш.

Главниот економист на Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО), Максимо Тореро, рече дека 705.000 луѓе во пет земји се во петта фаза, највисоко ниво на скалата на глад утврдена од меѓународни експерти, што е највисока бројка откако се изготвува глобалниот извештај од 2016 година, а минатата година се зголеми за четири пати во споредба со таа почетна година.

Повеќе од 80 отсто од луѓето кои се соочуваат со глад, 577.000 од нив, се во Појасот Газа, рече Тореро. Според него, илјадници луѓе се соочуваат со катастрофален глад во Јужен Судан, Буркина Фасо, Сомалија и Мали.

Според проценките на ОН, околу 1,1 милион луѓе во Појасот Газа и 79.000 во Јужен Судан ќе се соочат со екстремен глад до јули. Исто така, се истакнува дека конфликтот на Хаити ќе продолжи да влијае на несигурноста на храната во таа земја, каде вооружени банди контролираат голем дел од главниот град Порт-о-Пренс. /МИА

Видео: Две лица загинаа кога воен авион се запали и се урна во близина на Алјаска

Две лица загинаа кога авион со гориво се запали и се урна во близина на меѓународниот аеродром Фербенкс на Алјаска, соопштија денеска властите.

Еден од двајцата пилоти во авионот кој превезувал гориво пред падот пријавил дека авионот се запалил непосредно пред да се урне и изгорел во близина на аеродромот, јавуваат американските медиуми.

Шефот на регионалната канцеларија на Националниот одбор за транспорт на Алјаска, Клинт Џонсон, рече дека пилотот остварил радио контакт веднаш по полетувањето.

-Тие се обидуваа да се вратат на меѓународниот аеродром Фербенкс кога изгубија контакт, рече тој.

Авионот полетал од Фербенкс пред да се урне на околу 11 километри јужно во реката Танана, удрил во стрмен рид и се лизнал од насипот до бреговите на реката Танана, каде што целосно изгорел.

Авионот превезувал 3.200 галони (12.100 литри) мазут до Кобук, село Инупија со помалку од 200 луѓе, сместено на околу 480 километри северозападно од Фербенкс.

ФАА го идентификуваше авионот како Даглас ДЦ-54 (Douglas DC-54), воен авион користен за време на Втората светска војна. /MИА

БИХ: Притвор за три лица уапсени под сомнение дека соработувале со картел кој шверцувал дрога

Судот на Босна и Херцеговина одреди притвор само за тројца од 23-те лица кои беа уапсени во таа земја на почетокот на неделата под сомнение дека се соработници на еден од најголемите картели кои шверцувале дрога од Латинска Америка во Европа.

На слобода се пуштени полицајци и полициски службеници кои исто така беа приведени.

Судот на Босна и Херцеговина заклучи дека нема основано сомневање дека директорот на полициската управа на Министерството за внатрешни работи на Федерацијата Босна и Херцеговина, Вахидин Муњиќ и командирот на специјалната единица на ентитетот МВР, Мустафа Селмановиќ, како и тројца полицајци, извршиле кривични дела, па ги одби барањата да им се одреди притвор.

Оваа мерка е изречена само на три лица, меѓу кои и Аднан Смајловиќ, за кого Обвинителството на БиХ смета дека е водач на групата која е за нарко картелот, со седиште во Дубаи, на чело со Един Гачанин, кој „перел“ пари на територијата на БиХ инвестирајќи ја во недвижен имот, автомобили и вредни предмети.

За уште пет лица кои се под истрага, Судот на Босна и Херцеговина воведе рестриктивни мерки, како забрана за патување надвор од земјата и средба со други осомничени и потенцијални сведоци. /МИА

притисни ентер