Собранието го ратификуваше договорот со Грција

Договорот за решавање на 27-годишниот спор за името со Грција е  ратификуван со 69 гласови „за“, без против и воздржани.

Собранието на Република Македонија денеска го усвои законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликата како што е опишана во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), престанување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство.

Договорот за решавање на 27-годишниот спор за името со Грција беше ратификуван со 69 гласови „за“, без против и воздржани. Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на седницата.

Премирот Зоран Заев пред пратениците истакна дека договорот договорот го означува почетокот на крајот на неизвесноста за Македонија и преставува достоинствено и прифатливо решение за двете страни, со кое засекогаш се потврдува македонскиот идентитет и јазик.

- Имаме договор со јасно обележје на нашиот македонски идентитет, на нашиот македонски јазик, за век и векови. Никому ништо не сме му подариле ниту некој ни земал нешто кога се договоривме за географска одрдница. Ова е храбар чекор во интерес на иднината на граѓаните и нашите деца, за спокојна иднина. Да ги отфрлиме манипулациите и излолацијата и да му понудиме шанса на договорот, рече Заев.

Нагласи дека договорот е поддржан од сите меѓународни партнери, ги отвора портите на Македонија кон европска иднина. Заев очекува датум за преговори од Советот на ЕУ до крајот на месецов, со што, како што посочи, сонот станува реалност.

Повика на обединување во интерес на заедничката иднина.

- Наместо со горчина и гнев, заедно да ги испишуваме идните страници, да ги поведеме граѓаните кон заедничка просперитетна Македонија по примерот на напредните европски земји. Европското семејство не проифаќа како Македонци. Добиваме уште еден пријател и стратешки партнер, ја гарантираме стабилноста и безбедноста на Макеоднија, го отвораме патот кон ЕУ и НАТО. Се остварува стремежот на предците да бидеме признаени од сите како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Ова е историски чин со која Македонија и граѓаните добиваат шанса, истакна премиерот Зоран Заев.

Согласно договорот, Грција по ратификувањето во македонскиот Парламент, има обврска да го извести претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск дека дава поддршка за почеток на членството на Македонија во ЕУ и да го извести генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг дека ја поддржува поканата за НАТО. Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ ќе заседаваат на 25 и 26 јуни, а Самитот е на 28 јуни.

По ратификацијата од страна на Собранието договорот треба да биде испратен до претседателот Ѓорге Иванов, кој има рок од седум дена да го потпише.

Доколку Иванов го употреби правото на вето, договорот повторно оди во собраниска процедура, но тогаш ќе мора да биде изгласан со апсолутно мнозинство, 61 пратеник треба да гласа „за“. Договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.

Предлог - законот за ратификација на договорот, беше усвоен во понеделникот на владина седница.

Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција го потпишаа министрите за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас во неделата во Псарадес, на грчката страна на Преспанското езеро. На потпишувањето присуствуваа и премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, медијаторот на ОН во спорот со името Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на Светската органзиација Розмари Ди Карло, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ Јоханес Хан.

Според договорот, официјално име на државата ќе биде Република Северна Македонија или Северна Македонија (скратено име).

Со договорот се признава - Македонски јазик, дел од група јужнословенски јазици. За државјанство е предвидено: Македонско/граѓанин на Република Северна Македонија - во сите патни документи.

Имплементацијата на договорот ќе се случува етапно. Ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно внатрешни процедури, но доколку која било од страните не го прифати договорот согласно внатрешните процедури тоа ќе значи дека договорот не важи.

Конечниот збор за договорот ќе го имаат македонските граѓани на референдум, најавен за наесен.

Шолц: Војната во Украина би можело да потрае уште неколку години

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да биде продолжена за уште неколку години.

„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби уште пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц. Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.

„Од почетокот на војната, сепак, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на напредок“, рече тој. „Диктираниот мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.

Шолц вечерва беше гостин на панел дискусија организирана од весникот Freie Presse со наслов „Германија под притисок. Како може да функционира коалицијата под новите услови?“ , објави Цајт.

Митрески од Охрид: На Македонија и е потребна ЕУ за побрз развој и подобар стандард

„На Македонија и е потребна Европската унија за побрзо да ги донесеме европските стандарди дома. За платите и пензиите да растат побрзо, да се развиваме инфраструктурно. “

„Да го унапредиме и развиваме туризмот. За да живееме просечен европски живот, без грижи дали некој ќе може да ги плати сметките, дали ќе обезбеди огрев, лекови или храна“, порача Јован Митрески, носител на ИЕ 5 на СДСМ и Коалицијата за европска Македонија, на вечерашниот митинг во Охрид.

Тој потсети дека како земја ништо лесно не сме добиле, ништо лесно не поминало, ниедна лесна битка не сме имале во кој и период од минатото да погледнеме. Но, благодарение на храбрите одлуки на СДСМ денеска имаме самостојна и независна држава.

„Создадовме независна, суверена, самостојна држава Македонија без буџет, без војска, без оружје... Но, станавме независна држава без жртви, без војни кои тогаш се случуваа во сите републики од поранешна Југославија. Една работа и тогаш и сега е иста. И тогаш и денес имаше и има самопрогласени наводни патриоти и прогласување на наводни предавници. Тогаш со пароли за сечење канџи, денес, за наводна бугаризација и асимилација. Лага до лага, манипулација до манипулација. Зошто? За мали, ситни, бедни, евтини политички поени и борба за власт“, нагласи Митрески и додаде дека времето ја потврди исправноста на тие одлуки и потврди дека вистински патриотизам бил, е и ќе остане носењето државнички одлуки.

Митрески нагласи дека е лесно само декларативно да велиш дека си за ЕУ, а да правиш се за да не станеш дел од ЕУ, алудирајќи на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние имаме одговорност за иднината на татковината и сите нејзини граѓани. Државата мора да оди напред. Младите не може да бидат жртва на политичари без став, без визија. Изборот е или интеграција или изолација. Јас, СДСМ, коалицијата, кандидатите за пратеници се за интеграција. Тоа им го должиме на нашите предци, но и на генерациите што доаѓаат после нас за својата иднина да ја градат во својата татковина, не во странство. Членството во ЕУ значи пристап до фондови за развој, но и значи пристап до пазар од 500 милиони жители за македонските компании, за македонските бизниси, за македонскиот туризам“, нагласи Митрески.

Тој ги повика охриѓани да се обединат и сложно да застанат зад планот за европска Македонија и да гласаат за број 1, за СДСМ и Коалицијата за европска Македонија, се наведува во партиското соопштение.

Мицкоски со повик за национално единство до опозицијата: Да се избориме против хаосот

Живееме во тешки времиња. Државата е во хаос, институциите се парализирани, апатија и разочараност се чувствува насекаде. 

Изгубена е довербата во политичарите, бидејќи народната волја е многупати изигрувана. Ништо не функционира. Македонија е одземена од рацете награѓаните, а граѓаните со право се скептични дали може да се промени тоа, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Крива Паланка.

Мицкоски додаде дека овие избори се последна шанса за спас, промените се можни и се на дофат, а народот бара промени затоа што Македонија е изморена од чекање.

Народот нема контрола врз сопствената држава затоа што стотина луѓе од ДУИ управуваат со цела Македонија. Се создаден артаноиден режим кој е дополнуван и ослужуван од слугите од СДСМ и Ковачевски. Тие тоа го прават за да купат ден повеќе, а ДУИ за да украде милион повеќе. Оваа држава не се создаде за да им служи и биде јагма на Ковачевски, Талат, Ахмети, Бујар или Зечевиќ, туку да им служи на граѓаните на Македонија, истакна Мицкоски.

Мицкоски посочи дека СДСМ разработуваат е своевиден заговор против Македонија, наместо да поработат на понуда и план за излез од кризата, тие од ДУИ и СДС земале дигитроните и прават математика колку може да си поделат од позициите и државните функции.

- ДУИ со нивните коалициони сакале 70 посто од министерствата, компаниите, институциите, а 30 само 30 посто за СДСМ и Ковачевски. И за ова има информации дека имало веќе средби, а Ковачевски му рекол на Ахмети земи бел лист ххартија напиши колку треба за СДСМ ние ќе прифатиме. Ете на тоа дереџе падна СДСМ, и со тој образ ѓон партијата ја сведоа на најниските гранки. Од друга страна дека ова е вистина што ви го кажувам се потврдува со инаа симулација која вчера ДУИ ја направи на распределба на министерски места и владини позиции. Јадно СДСМ никаде го нема. Ќе им порачам кусо, влада не се прави со дигитрони, туку со поддршка од народ. И оваа завера нема да ви помине, истакна Мицкоски.

Според него исто така и Стево Пендаровски е активно вклучен во молење кон странците, но секоја врата му е затворена и треба да знаат дека ќе изгубат силно и убедливо.

Мицкоски им се обрати на неопределените и тивкото мнозинство велејќи дека тоа се луѓе со извонредни капацитети кои ги повика да гласаат и да ја поддржат ја опцијата која ќе ја направи Македонија повторно твоја.

- Сакам да се обратам и до македонската опозиција. До партиите кои по разни основи се расцепкани. Јас доколку не повикам на национално обединување би го погазил супстратот и идеологијата на мојата партија, затоа што ВМРО е и Демократска партија за македонско национално единство. Пред сликата на руините и хаосот кој го прави оваа власт, ви велам дека секоја наша разлика со било која опозициска партија, било тоа да е Левица или ЗНАМ е помала од големата и заедничка работа пред нас, а тоа Македонија и нашата борба да кажеме дека има надеж и дека има иднина, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски посочи дека подава рака за обединување во битката против оваа ненародна власт предводена од ДУИ и нивните измеќари од СДСМ, затоа што гласањето и излегувањето на овие избори не е само наше уставно право туку и чин на патриотска должност, а прифаќањето на подадената рака ќе значи дека искрено и чесно сите се бориме против оваа власт.

Изборите на 24 април, па потоа на 8 мај се таа шанса за народот. Неизлегувањето на изборите е поддршка и награда за сите оние кои се лоши политичари. Гласањето на овие избори и поддршката прво на професорката Гордана Силјановска Давкова потоа и на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија значи приклучување кон единствената сила за промени ВМРО-ДПМНЕ, изјави Мицкоски.

Мицкоски додаде дека „Платформа 1198“ им конкретни проекти што ќе ја обноват и ќе ја преобликуваат нашата иднина, но и кои ќе утврдат јасна траекторија за нашите граѓани.

Ветуваме економски раст до 5 %, Отворање на 55 илјади нови работни места, Фронт против корупција. Проверка на имотот на судиите и јавните обвинители и нивните семејства, 250 милиони евра за инвестиции во општините. Реорганизација на министерствата и институциите и ќе го намалиме бројот на функционери. Грижа за најранливите категории преку повеќе мерки и реформи меѓу кои и зголемување на надоместок за социјална заштита. Зголемување на пензиите за 5 000 денари за сите пензионери. Ќе обезбедиме секое дете да оди во градинка, посебна финансиска поддршка за мајките преку поврат на даноци и 6 бесплатни оплодувања ин витро, демографијата е многу важна. Поевтини сметки за струја преку укинување на тарифата за пристап до мрежа, 800 милиони евра за македонското земјоделство и уште многу други проекти, изјави Мицкоски, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер