Павлопулос: Ние ја поддржуваме НАТО и европската перспектива на ПЈРМ

По грчката црква, и грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, излезе со поумерени ставови кои му даваат шанса на договореното решение за името.

Тој за време на состанокот, со претседателот на Индија, Рам Нат Ковинд, рече дека Грција сака пријателство и добрососедски односи и ја поддржува интеграцијата на земјава во ЕУ и НАТО, а како услов ги спомна уставните измени, кои според договорот, треба да се направаат до крајот на годинава..

"Ова, сепак, вклучува решавање на прашањето за името, на начин компатибилен со историјата, меѓународното право и правото на Европската унија, односно на начин со кој се елиминира иредентизам. Поканата за прием во НАТО и почетокот на преговори за пристапување кон ЕУ бараат соодветна претходна ревизија на Уставот во насока како што државата се посвети во договорот потпишан вчера, со оглед дека нема демократска држава која има право да потпише обврзувачки меѓународен договор спротивен на Уставот. – изјави Павлопулос.

По ваквата изјава на Павлопулос, освен крајно десничарските мали партии, против договорот останува уште опозициската Нова демократија. Партијата на Мицотакис преку соопштение оцени дека вчерашниот бил тажен и срамен ден за Грција.

-Не е само тажен ден за Грција, туку е и ден на срам за Ципрас и Каменос, бидејќи заедно, на граѓаните на ПЈРМ им ја отстапија можноста да се самонарекуваат „Македонци“ и да поддржуваат дека говорат наводен македонски јазик, соопштуваат од опозициската партија и додаваат дека „македонски јазик и македонска националност не прифатила ниту една претходна грчка влада“, – стои во соопштението на Нова демократија, во кое уште констатираат дека грчкиот народ со право бил бесен, но истовремено ги повикаа граѓаните да покажат смиреност и воздржаност.

Главниот отпор против Договорот е во северниот дел од Грција. Префектот на областа Западна Македонија, Теодорос Карипидис, на шефот на дипломатијата Коѕијас му предаде резолуција од регионалниот совет во која се изразува несогласувањето на граѓаните со договореното сложено име со географска одредница. На ова Коѕијас коментираше дека бил мал бројот на демонстрантите и заклучи дека Грците ги кршат стереотипите.

-Од еден милион демонстранти, дојдовме на 100 илјади и сега на четири илјади. Ова покажува дека грчкиот народ ги крши стереотипите. Локалното население овде не треба да протестира, бидејќи ако имаат можност за развој и да имаат добивка во животот, тоа е оваа соработка меѓу државите – изјави Коѕијас.

Но не сите во грчка Македонија се против договорот. Пратеникот од Сириза, Константинос Селцас, кој се изјаснува како етнички Македонец од Лерин, во изјава за Дојче Веле порача дека решението го поздравуваат сите Македонци во Грција.

„Вложивме големи напори за да дојде овој ден. Ова е голем ден за македонскиот и за грчкиот народ“. „Тие што имаат 'поинаков ум', за нив не можеме да направиме повеќе. Ние сме за утре, тие се за некни“, вели Костас Селцас за Дојче веле.

Денеска во Грција е мирно, а полицијата по налог на обвинителството утрово го уапси и Пратеникот на Златна зора Константинос Барбарусис кој во петокот повика на воен удар од говорницата во грчкиот Парламент. Тој веднаш беше исклучен од партијата, а по бркотницата со полицијата, два дена се криел во куќа на негов пријател во Атина.

Американска сенаторка е уапсена под сомнение дека извршила кражба во куќа (ВИДЕО)

Сенаторката на американската сојузна држава Минесота,  Никол Мичел (49) од градот Вудбери е уапсена под сомнение за кражба, соопшти полицијата на округот Детроит Лејкс.

Диспечерите примиле повик околу 4:45 часот во понеделникот од сопственикот на куќата, кој пријавил „провална кражба во тек“, а полицијата пристигнала на местото и ја уапсила Мичел, пренесува ABC News.

Не е познато дали Мичел имала задржано адвокат, а таа е уапсена додека Сенатот е на одмор до вторник поради празникот Пасха.

Според ABC News, нејзиното апсење дојде во незгодно време за демократите во Сенатот, кои имаат предност од еден сенатор во однос на републиканците, така што нејзиното отсуство може да биде проблем во донесувањето на законите доколку недостига поддршка од двете партии.

Пред да биде избрана за сенатор во 2022 година, Мичел работела како метеоролог за Армијата на САД, како и за ТВ КСТП и Јавното радио на Минесота.

Таа сè уште има чин потполковник во Воздухопловната национална гарда и е командант на метеоролошката единица.

Маќеата на Мичел живее на истиот блок куќи во Детроит Лејкс, каде што била уапсена сенаторката, според ABC News.

Агелер: Ништо нема да се постигне со негласање

Амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија Анџела Агелер на официјалниот фејсбук профил на Амбасадата упати порака до граѓаните да излезат на гласање и да гласаат за кандидат кој ги одразува нивните очекувања за иднината.

-Граѓаните и гласачите на оваа земја треба да поставуваат тешки прашања на кандидатите, а потоа тие гласачи... мора да гласаат. Тие мора да излезат таму и да го изберат кандидатот што ги одразува нивните соништа за иднината, и ништо нема да се постигне со негласање, стои во пораката на aмбасадорката Агелер.

Во земјава утре ќе се одржи првиот круг од Претседателските избори, на кои во трката за Вила Водно се седум кандидати. Вториот круг заедно со Парламентарните избори ќе се одржи на 8 мај.

Брачна двојка се пофалиле со патување од соништата, па добиле телефонска сметка од 134.000 евра

Рене Ремунд и неговата сопруга ќе го паметат своето патување во Швајцарија, не само по магичните и колоритни пејзажи, туку и по телефонската сметка што ја добиле при враќањето дома.

Сопружниците често патуваат, а тврдат дека секогаш го известуваат мобилниот оператор пред да ја напуштат земјата. Велат дека истото го направиле и овој пат.

Рене наведува дека истиот оператор го користи веќе 30 години.

„Отидовме во филијалата и го изготвивме планот за патување. Рекоа дека сме покриени. Што и да значи тоа, вие сте покриени“, изјави тој за локалните медиуми.

Сопружниците пристигнале во Швајцарија, посетувале различни локации и испраќале пораки/фотографии до пријателите и семејството за да се покажат.

Откако се вратиле на Флорида, каде што живеат, добиле телефонска сметка, пренесува ABC Action News.

На почетокот Рене мислел дека пишува 143 долари, но неколку дена подоцна ја открил вистинската сума. Компанијата му наплатила 143.000 долари, бидејќи користел 9,5 гигабајти во странство, односно за роаминг.

„Се јавив на операторот и му кажав што е проблемот. Ме ставија на чекање, а потоа ме известија дека сметката е добра. Што сакаш да кажеш под добра, прашав. Ми одговорија дека толку должам“, изјавил Рене.

Човекот ангажирал адвокат кој директно му пишал на претседателот на компанијата, но тврди дека не добил одговор. Потоа контактирале со медиумите.

Новинарите се јавиле кај операторот и го објасниле случајот, а Рене добил уште еден повик неколку дена подоцна.

„Тие рекоа дека ќе ја кредитираат целата сума и да не се грижам“, рече Рене, заблагодарувајќи им се на медиумите за помошта.

Мобилниот оператор испратил и официјално соопштение во кое се вели:

„Препорачуваме клиентите да ги проверуваат информациите додека патуваат, како што е меѓународниот роаминг на податоци. Ако сте на постар план кој не вклучува меѓународен роаминг, ќе треба да користите Авионски режим и Wi-Fi за да бидете сигурни дека вашиот уред не е поврзан на странска мрежа“.

притисни ентер