Инфантино: Русија досега никој не ја освоил, но и тоа ќе се случи

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, во своето воведно излагање на 68. Конгрес на Меѓународната фудбалска федерација во Москва рече дека наскоро фудбалот ќе го освои целиот свет.

- Русија е прекрасна земја, и никој не успеал да ја освои. Но наскоро тоа ќе го направи фудбалот. Од „Лужники“ фудбалот ќе го освои целиот свет, истакна Инфантино.

Конгресот на ФИФА се одржува во пресрет на Светското првенство во Москва. На него ќе биде избрана земјата-домаќин на Мундијалот во 2026 година. /МИА

Пол позиција за Хамилтон во Франција

Тимот на Мерцедес доминираше на денешните квалификации за Големата награда на Франција, а британскиот возач Луис Хамилтон беше најбрз и стигна до 75-та пол позиција во неговата кариера.

Втор беше неговиот тимски колега Валтери Ботас, а на третата позиција заврши Себастијан Фетел од Ферари.

На четвртата и петтата позиција се двајцата возачи на Ред Бул, Макс Верстапен и Даниел Рикиардо.

Трката за Големата награда на Франција се вози утре на патеката „Пол Ришар“. /МИА

Македонските ракометари поразени од Турција на Медитеранските игри

Македонските ракометари со пораз го почнаа настапот на Медитеранските игри во Тарагона, при што беа совладани од Турција со 26:29.

Македонската репрезентација во Шпанија допатува со комбиниран состав, кој го предводи помошникот на селекторот Раул Гонзалес, Роберто Гарсија Парондо.

Македонија поголем дел од натпреварот остана во резултатска негатива, а првото полувреме заврши со предност на Турција од 13:15.

Во вториот дел и покрај обидите на македонските ракометари да израмнат и да направат пресврт, Турција не дозволи да ја загуби предноста и оствари победа.

Македонија утре ќе игра против Египет. /МИА

СП 2018: Мексико ја порази Јужна Кореја

Мексико убедливо ја совлада Јужна Кореја со 2:1 во натпревар од групата Ф на Светското првенство во Русија.

Мексико поведе со 1:0 во 26-та минута со гол од пенал, кој го реализираше Карлос Вела.

Во вториот дел прецизен беше Хавиер Хернандес и во 66-та минута донесе водство од 2:0.

Јужна Кореја со голот на Сон Хеунг-мин успеа да ја намали разликата во судиското продолжение и во 93-та минута ги постави конечните 2:1.

Мексиканската репрезентација со оваа победата има шест бодови и е прва во групата, а Јужна Кореја останува без бодови и без никакви шанси за понатамошен пласман.

Во рамките на оваа група вечерва ќе се соочат Шведска, која има три, и Германија, која се уште нема бодови./МИА

притисни ентер