Во тек е расадувањето на тутунот од новата реколта, тутунарите бараат повисоки цени за 20 отсто

 Откупните компании во земјава да ги зголемат цените на тутунот за 20 отсто, бараат од Сојузот на тутунските здруженија на Македонија на почетокот од новата реколта тутун и потпишувањето на новите договори.

Според Кире Неделковски, претседател на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија, досега се засадени 70 отсто од површините со тутун во земјава. Временските услови во реони помогаа, но во други поради невреме и град дел од тутунскиот расад беше уништен или прерастен.

- За оваа реколта се издадени 23.432 евидентни листа, а пријавени се 14.669 хектари да бидат засадени со тутун. Според ова, треба да се склучат 34.105 договори со откупните компании во земјава, а откупните фирми пријавија за проиводство на 28 илјади тони тутун колку што очекуваат да биде тешка оваа реколта. Но, реално, во споредба со лани нема зголемување на тутунопроизводството, се очекуваат преку 23.000 тони тутун, главно поради временските услови, зашто ако вака продолжи сезоната, ќе има и намалување, вели Неделковски.

Деновиве, додава, невреме ги зафати Долненско и општина Новаци, па може да се намалат количествата. Освен тоа, младите не сакаат да произведуваат тутун.

- Она што го бараме е намалување на разликата помеѓу цените на класите. Конкретно, бараме зголемување од 10 отсто за прва, 30 отсто за втора и 20 отстотно зголемување на цената на третата класа. Ги повикуваме откупувачите да ги зголемат цените барем за 20 отсто доколку сакаат тутунопроизводството да опстане, нагласува Неделкоски.

За Данчо Милески од Сојузот, главно, откупувачите во земјава се согласуваат на зголемување на цените преку анекси на договорот.

- Окупувачите начелно прифаќаат зголемување на цената за 20 отсто и дека ќе се регулира со анекс договори. Затоа се уште не се склучени договорите. Со оглед на тоа дека Владата ги зголеми субвенциите, тогаш цените треба да ги зголемат и откупувачите на кои им е потребен ориенталниот ароматичен тутун од Македонија, потенцира тој.

Во соседните земји, посочува, главно се одгледува крупнолисен тутун и производството е намалено.

- На фабрикацијата на Балканот и се потребни 120 илјади тони кои во моментов ги нема и затоа ние очекуваме повисоки откупни цени. Нашите укажувања се дека тутунот не е социјална, туку економска категорија која обезбедува добивка, а и девизен прилив, објаснува Милески.

Новините во законот за тутун се што од в година нема да се бараат евидентни листови, туку тутунарите директно ќе се договараат со откупувачите.

- Цените да бидат познати пред да почне реколтата, за да нема манипулации како што прават досега откупните компании. Освен тоа, прифатено е откупот да почнува од 15 ноември и да заврши крајно до 25 февруари, посочи Милески.

Во земјава од тутунопроизводство егзистираат преку 24.000 семејства. Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека при крај е исплатата на субвенциите за ланската реколта кои се зголемени, одосно, за прва класа е 80, за втора 70, а за трета и за другите класи по 60 денари за откупен килограм тутун.

Барселона го одврати Чави од заминување, нов договор до 2025-та

 Иако во јануари, разочаран од резултатите и перформансите на тимот, Чави Ернандез најави повлекување од тренерската клупа на Барселона на крајот од сезоната, младиот шеф на стручниот штаб доцна синоќа потпиша договор до 2025 година.

Потпретседателот на клубот, Рафа Јусте е пресреќен поради ваквиот епилог од преговорите меѓу играчката легенда на шпанскиот великан од „Камп Ноу“ и првиот човек на управата Жоан Лапорте одржани во домот на претседателот. .

-Чави е многу возбуден поради проектот, тој продолжува да работи затоа што е ентузијаст и затоа што не сака. Тој е исклучително чесен човек, посветен на работата и наш Каталонец, што го покажува со дела, а не само со зборови. Никогаш не сме барале друг тренер, уверува менаџерот на клубот на актуелниот шампион на Шпанија.

Иако Барса со поразот во последното „Ел Класико“ практично му ја отстапи титулата на вечниот ривал Реал и ја заврши мисијата во Лигата на шампионите, повторно останувајќи без крајот на елитното европско натпреварување, раководството верува во Чави на долг рок.

-Одлуката беше едногласна. Спортскиот директор Деко сто проценти застана до тренерот. Не освоивме титули, но ентузијазмот останува. Ја подобруваме играта и им даваме простор на младите играчи. Верувам дека соработката со Чави ќе вроди со плод, оптимист е Јусте во врска со престојот на човекот кој тимот го презеде во 2021 година. /МИА

Блинкен ги повика Вашингтон и Пекинг на „одговорно“ управување со разликите

Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска ги повика САД и Кина „одговорно“ да управуваат со нивните разлики, на почетокот на неговата втора посета на земјата за помалку од една година.

-Имаме обврска кон нашиот народ - и всушност кон светот - одговорно да управуваме со односите меѓу нашите две земји, рече Блинкен во Шангај, пренесе Хина.

Шефот на американската дипломатија вчера во Шангај се сретна со локалниот лидер на кинеската Комунистичка партија (ККП), при што за време на разговорите кажа дека американскиот претседател Џо Бајден е посветен на воспоставување „директен и одржлив“ дијалог меѓу двете земји.

-Мислам дека е важно да се нагласи вредноста - дури и неопходноста - од директен ангажман, да разговараме едни со други, да зборуваме за нашите разлики, кои се реални и да се обидуваме да ги надминеме, рече Блинкен.

Секретарот на Шангајскиот комитет на ККП, Чен Џининг, од своја страна, инсистираше на важноста на американските компании во локалната економија.

Блинкен потоа се сретна со студентите на Универзитетот Њујорк во Шангај, каде што кажа дека се надева дека повеќе Американци ќе студираат во Кина, додавајќи дека американските универзитети се подготвени да ги пречекаат кинеските студенти.

Од своја страна, Пекинг ги осуди жестоките испрашувања на кои се подложени некои негови граѓани, вклучително и студенти, по пристигнувањето на американска територија, иако поседуваат валидни документи.

-Претседателот Бајден и претседателот Си се решени да ги зајакнат нашите врски меѓу луѓето, рече Блинкен. /МИА

Петмина тинејџери се обвинети за тероризам по нападот со нож во црква во Сиднеј

Петмина тинејџери се обвинети за терористички дела за време на истрагата за прободувањето со нож на две лица во црква во Сиднеј претходно во април, соопшти австралиската федерална полиција (AFP).

„Пет малолетници се обвинети бидејќи Заедничкиот антитерористички тим (JCTT) Сиднеј продолжува да ги испитува соработниците на наводниот сторител кој го изврши прободувањето со нож во црква во Вејкли“, се вели во соопштението на федералната полиција.

Повеќе од 400 државни и федерални полицајци синоќа извршиле 13 налози за претрес низ Сиднеј.

Двајца тинејџери, 17-годишник и 14-годишник, се обвинети за поседување или контрола на насилен екстремистички материјал добиен или набавен со користење на транспортни услуги.

Двајца 16-годишници се обвинети за заговор за подготвување или планирање терористички чин, додека друг 17-годишник е обвинет за заговор за подготвување или планирање терористички чин и поседување нож на јавно место.

Во полициската акција запленети се повеќе предмети меѓу кои и електронски материјал.

Минатата недела, 16-годишно момче беше обвинето за кривично дело тероризам во врска со прободувањето со нож во црквата на Христос Добриот Пастир во Вејкли, на западниот дел на Сиднеј, на 15 април.

Во таа прилика 53-годишниот свештеник се здобил со тешки повреди на главата, додека 39-годишник во обид да интервенира се здобил со расекотини и рана на рамото. Тинејџерскиот напаѓач бил спречен од граѓаните.

Прогласувањето на кривичното дело за терористички акт ѝ дава на полицијата дополнителни истражни овластувања да утврди дали некое лице дејствувало самостојно или било дел од поширока мрежа.

притисни ентер