Владата формираше комисија за реформи на фондот за ПИОМ

Владата формира комисија која ќе треба да работи на спроведување на реформите во пензискиот фонд, но во кој правец ќе се движат тие, не се открива.

Министерската за труд Мила Царовска, денеска на прашање на канал 5, кажа дека бројот на членови на оваа Комисија се уште не е утврден, но во него ќе бидат вклучени лица од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Министерството за труд и социјала и МАПАС.

„Со обединување во една работна група на сите чинители кои што се свесни за постоењето на системот на пензионирање, но и за предизвиците со кои што се соочува овој систем, сметаме дека многу поедноставно е во наредниот период ќе можеме да излеземе и со сите они анализи кои што се направени за системот на пензионирање, но и со оној пакет за стабилизација на зголемувањето на дупката. Инаку пензиите се стабилни, пензионерите добиваат континуиран раст на пензиите. – изјави министерката Царовска.

Бројот на пензионери расте од година во година и веќе надминува 300.000.

Правопропорционално со ова секоја година се зголемува дупката во Фондот, која годинава се ближи до половина милијарда евра. Како да се потполни, треба да покаже анализата која беше најавена уште за месец април.

Неодамна, Меѓународниот монетарен фонд излезе со препораки да се укинат сите бенефиции за придонесите за вработените, да нема покачување на пензиите и да се зголеми старосната граница за пензионирање.

Против ваквите мерки експресно се огласија синдикати и работничките здруженија, а каков ќе биде ставот на Владата, ќе се види допрва.

Продолжение на три собраниски седници

Во Собранието на Република Македонија денеска ќе се одржат продолженијата на три седници на 60., 50 и на 45-та седница.

На дневниот ред на продолжението на 60-та седница е Предлог одлуката за основање на анкетна комисија за испитување на целокупниот процес на референдумското изјаснување на 30 септември 2018 година, како и дополнетиот предлог на закон за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, радиодифузна такас, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, во второ читање.

На продолжението на 50-та собраниска седница меѓу поголемиот број барања за автентични толкувања се и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, во прво читање и Предлог за именување на членови на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување.

Пратениците на продолжението на 45-та седница се очекува да расправаат за Предлог закон за дополнување на Законот за празниците на Република Македонија, во прво читање.

На дневниот ред на продолжението на 60 – та седница се и Предлог за избор на член на Државниот совет за превенција на детско престапништво, како и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за судска служба, на Законот за данокот на додадена вредност, на Законот за супервизија на осигурувањето и на Законот за финансиската полиција, сите во второ читање.

Како што е најавено, пратениците треба да дискутираат и по Предлог на закон за престанување на важењето на Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на проектот ХЕ Бошков мост кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и АД ЕЛЕМ и за Предлог на закон за изменување на Законот за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за финансирање на Проектот за изградба и модернизација на Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје и Регионалната клиничка болница во Штип, сите во второ читање.

Најавена е и расправа по Предлог закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за вработените во јавниот сектор, по скратена постапка./МИА

Умерено облачно, попладне пад на температурата

Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. 

Кон крајот на денот и преку ноќта под влијание на студен и брз продор од север ќе има зголемување на облачноста проследено со слаби врнежи од дожд, а на планините од слаб снег.

Попладне и кон крајот на денот ќе дува силен северен ветер, локално со брзина и над 100 километри на час, што ќе услови нагло и значително опаѓање на температурата.

Минималната темпертаура ќе се движи од 0 до 9, а максималната од 15 до 23 степени.

Во Скопје претпладне ќе биде сончево со умерена облачност, попладне облачноста ќе се зголеми и ќе дува силен северозападен ветер. Преку ноќта ќе има слаби врнежи од дожд. Минималната температура ќе биде 5 , а дневната ќе се искачи до 21 степен.

Во текот на утрешниот ден се уште ќе дува засилен северен ветер и ќе биде студено, но сончево. В петок и за време на викендот ќе преовладува суво време со студени утра, а дневните температури значително ќе се зголемат. /МИА

Французин им објави војна на властите – ги отстранува бариерите од клупите

28-годишен Французин им објави војна на локалните власти во градот Лион, откако одлучи да ги отстранува бариерите поставени на клупите за да се спречат бездомниците да можат да лежат и да преспиваат на нив.

Момчето, кое за Еуроњуз, не сакало да го објави својот идентитет, објасни дека за таквата постапка веќе завршило на суд.

Тој бил обвинет за кражба, но бил ослободен откако објаснил дека железните делови на клупите ги отстранувал за да истакне социјален проблем и гест на солидарност.

Тој смета дека е иронично со пари на граѓаните да се ограничуваат луѓето да имаат пристап до јавната сопственост и ги отфрла тврдењата на властите дека железните структури всушност се потпирачи за раце.

Проценките се дека во Франција има повеќе од милион бездомници.

притисни ентер