Изградбата на Универзалната сала ќе почне следната година

Ова парче бетон три години стои непоместено врз седиштата во Универзална сала. 

Некогашниот синоним на музичко-естрадната сцена, сега наликува на запуштен магацин со мирис на мувла.

Поинаква слика денеска најавија министерот за култура Алаѓозовски и скопскиот градоначалник Шилегов. За стартот на реконструкцијата ќе се чека до следната година. Причините се огромните долгови.

„Неколку проекти постојат за Универзалната сала, дел се недоразработени, дел се изведени надвор oд било каква постапка и процедура со необезбедени финансиски средства и заради нив Универзална сала е во тешка финансиска состојба – должи 200 илјади евра за проект којшто е нарачан од не се знае кого и нема средства за неговото плаќање, “истакна градоначалникот на Скопје  Петре Шилегов.

Деталите за тоа како ќе изгледа објектот и колку ќе чини неговата обнова се уште не се прецизирани. Засега има три готови проекти кои се под темелна разработка, со цел да се најде најоптималното решение за изградба.

„Нашата одлична соработка со Град Скопје ќе резултира со објект кој ќе се изгради со максимална одговорност кон буџетот и парите на граѓаните, ќе биде максимално функционален и ќе придонесе за уште поголемо раздвижување на културната сцена,“ вели министерот за култура  Роберт Алаѓозовски.

Претходната влада излезе со идејно решение на местото на сегашниот објект да никне целосно нова концертна сала во облик на јајце. Сегашната власт не отстапува од задржување на автентичниот изглед, а изградбата ќе биде според најсовремените стандарди за безбедност, удобност на гледалиштето и пристапност.

Изборниот законик на седница во понеделник

Лидерската средба продолжува во понеделник наутро, во истиот формат со четирите лидери на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и едно од крилата на БЕСА.

Темата како што е најавено ќе остане иста – постигнување договор за изборот на ДИК и организација на референдумот. На маса се очекува да бидат ставени и условите на ВМРО-ДПМНЕ за законот за финансирање на партиите и законот за Владата. Во пресрет на средбата, од владејачката СДСМ побараа од опозицијата да се заложи за иднината на земјата.

Во интерес на граѓаните и државата, ВМРО-ДПМНЕ треба да се заложи за иднината на Македонија, а не за амнестија на криминалите направени од врвот на нивната партија.

Од опозицијата возвратија дека не отстапуваат од веќе утврдените ставови.  

ВМРО-ДПМНЕ цврсто стои на ставот дека условите кои еднаш важеле за избори треба да важат и сега. Бараме почитување на пржинскиот концепт на техничка влада пред избори и на концептот за финансирање на политичките партии кој веќе беше договорен

Спикерот Џафери пак во интервју за МИА вели дека очекува договор за ДИК, и порача дека законот за ратификација на договорот со Грција и законот за јазиците, ќе бидат испратени на објавување во Службен весник пред распишување на референдумот за името. Идната недела пред народните избраници ќе се најдат и измените на изборниот законик.

Измените на изборниот законик во понеделник ќе се најдат на седница на пратениците. Веднаш потоа, ќе следува изборот на нови членови на Државната изборна комисија.

Измените доцна синоќа поминаа на комисијата за европски прашања, во тензична атмосфера, со жестоки кавги и меѓусебни обвинувања на пратениците.

Седницата заврши без гласање за поднесените 400 амандмани, а претседателот на комисијата Артан Груби тоа го оправда со големиот број на пријавени за збор, имајќи предвид дека роковите биле пробиени. Од опозицијата пак, ја обвинија власта дека го крши уставот и деловникот за работа на собранието.

ВМРО-ДПМНЕ побара оставки од Анѓушев и Деспотовски

ВМРО-ДПМНЕ денеска побара оставки од вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и од директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски во врска со грантот доделен од Фондот во висина од 160.000 евра за „Каст Инвест“.

Партискиот портпарол ја обвини владејачката партија за нелегални тендери и донации, во време кое како што рече, целата јавност е фокусирана на прашањата околу името на Република Македонија, референдумот и договорот со Грција.

- Пред една недела, вицепремиерот Кочо Анѓушев излезе на говорница и рече дека му било “чест и задоволство и голема радост” што фондот за иновации делел 10,5 милиони евра!. Па како нема да му биде кога на фирма во која што како сопственик тој фигурира негова компанија се доделуваат 160 000 евра”, рече Арсовски.

Тој го цитираше законот за спречување на судир за јавни интереси и Кривичниот законик, наведувајќи дека јасно и прецизно била предвидена казна затвор за сите оние кои го прекршуваат Законот за судир на интереси.

Арсовски го побика Јавното обвинителство да поведе постапка против Анѓушев и Деспотовски во врска со грнатот. /МИА

Вицепремиерот Османи се надева на консензус за стратешките прашања

Продолжението од лидерската средба во потесен состав е закажано за в понеделник во 9 часот и се надевам дека ќе најдеме решение за стратешките прашања, што е во интерес на сите граѓани, бидејќи дури 75 отсто од нив се за членство во НАТО и ЕУ.

Ова го изјави заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи по средбата со дебарскиот градоначалник Ружди Љата.

Секој, посочи, треба да направи одредени отстапки доколку се сака да се постигне консензус, како што тоа прва го направи ДУИ, која на почеток беше против одржување на референдум.

- ДУИ активно ќе партиципира во референдумското изјаснување и ќе го подржиме до крај, бидејќи тоа е најдоброто решение за државата, што е идентичен став и на другите албански политички партии во земјава, нагласи Османи

Според него, како главен преговорач во скрининг процесот со ЕУ токму денеска од Дебар го почнал карванот за европеизација на државата и општетството.

- Ова е моја прва теренска активност по назначувањето од страна на Владата за главен преговрач и тој карван за европеизација на државата и општетството го почнувам токму од Дебар. Тука видов дека има капацитет, капацитет има и во Владата и подготвени сме енергијата која се ослободи по добивањето покана за членство во НАТО целосно да ја насочиме кон остварување на обврските. Сметам дека нема да остави индиферентен никого и ќе бидеме дел од таа консензуална желба на граѓаните да бидеме дел од ЕУ и НАТО, рече Османи.

Тој го посети Дебар заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку, како и со неколку заменици-министри.

На средбата со градоначалникот Љата разговарале за досега реализираните проекти, тие кои се во тек на реализација, како и за можностите за нови, кои ќе донесат повеќе нови работни места, поквалитетно здравство, образование и воопшто подобри услови за живот на граѓаните.

притисни ентер