Арсенал го избркал Хари Кејн затоа што бил „полничок“

Поранешниот директор на академијата на Арсенал, Лиам Брејди призна дека пред одреден период, клубот се ослободил од осумгодишната Хари Кејн, бидејќи бил „полничок“ и не бил атлетски граден.
Самиот голгетер неодамна ја оцени оваа епизода како „најдоброто нешто“ што му се случило.

- Тој беше малку „полничок“ и не беше атлетски граден, но ние направивме грешка. На крајот и Тотенхем го испраќаше на изнајмување во клубови од долните лиги, три или четири пати. Благодарение на својата решителност, тој направи неверојатна кариера, која ја заслужува, вели Брејди.

- Тој поседува карактер кој го тера да се развива континуирано. По Меси, Роналдо и Левандовски тој е следниот најдобар напаѓач. Статистиката зборува сама за себе. а има само 24 години, додава тој./МИА

Зидан: Три последователни титули, тоа е лудост

Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан не можеше да поверува што се случува по освојувањето на третиот трофеј од Лигата на Шампионите под негово раководство, откако „кралевите“ го победија Ливерпул со 3:1.

Титулата беше вкупно 13-та во историјата на „кралскиот клуб“ и трета последователна. До минатата сезона никој клуб не успеваше да го одбрани трофејот, а веќе има тим со „хет-трик“.

- Дефинитивно вечерва е историска, три последователни титули, тоа е лудост. Кога работиш напорно со тим како овој можеш да стигнеш далеку, но три е лудило. Живееме за овие моменти. Не знам како да опишам како се чувствувам. Многу е убаво. Таквите работи се случуваат во финалето. Сите играа многу добро, рече Французинот по финалето.

Во однос на Герет Бејл, кој постигна два гола за победата над Ливерпул во финалето на Лигата на Шампионите, Зидан објасни дека ситуацијата со Велшанецот најверојатно нема да се промени.

- Ваквите ситуации се сложени, бидејќи обично фудбалерите мислат за себе. И разбирам зошто го прават тоа. Ние сепак сме првенствено тим и тоа нема да се промени. Се обидувам да го правам најдоброто за секој играч кај нас, но исто така Бејл е во право, дека заслужува повеќе време на теренот. Го разбирам тоа, бидејќи тој умее да ја прави разликата помеѓу две екипи, како што се случи во финалето. Разбирам зошто тој сака да игра почесто, рече Зидан.

Со победата во Киев, Бејл веќе има четири титули во Лигата на шампионите за само пет години во Мадрид. Неговиот гол со ножички веднаш се најде во најубавите во историјата на финалињата на турнирот, од кои еден е на Зидан со Баер Леверкузен пред 16 години.

- Не сакам да кажам кој од двата гола е подобар, ова се голови кои ќе бидат вечно запамтени, но вториот е посвеж и секогаш поважен, па ќе кажам дека го одбрав тој на Герет, додаде Зидан. /МИА

Роналдо: Беше прекрасно да играм во Реал Мадрид

Ѕвездата на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо ја шокираше фудбалска јавност со изјава неколку минути по завршувањето на финалето во Лигата на Шампионите.

- Беше прекрасно да играм во Реал Мадрид. По неколку дена ќе кажам нешто, ќе дадам одговор на навивачите, кои секогаш беа со мене, изјави Роналдо за „Беин Спорт“.

Португалецот додаде дека нема сомнежи за своето решение.

- Уживам во моментот, иднината сега не е толку важна. Немам сомнежи, сега не е важно. Потоа ќе се одморам и ќе одам на камп со националниот тим, изјави Роналдо.

Запрашан дали е тажен, зашто не постигнал гол во финалето, Роналдо одговори со реторичко прашање: „Кој беше најдобар стрелец на ова издание на Лигата на Шампионите? Кој има најмногу трофеи од Лигата на Шампионите, кој има најмногу голови?“. /МИА

Реал Мадрид ја освои Лигата на шампионите и се запиша во историјата

Реал Мадрид вечерва оствари победа од 3:1 над Ливерпул и на тој начин го освои својот 13-ти трофеј во Лигата на шампионите и трет по ред, по два гола кои дојдоа по неверојатни грешки на голманот на „црвените“, Лорис Кариус.

„Кралскиот клуб“ сега е апсолутен рекордер по досега невидените три последователни триумфи во овој турнирски формат.

Финалето меѓу овие две екипи беше повторување на последниот судир пред 37 години, кога сепак Ливерпул го освои трофејот.

Овој натпревар ќе се запамети по грешката на Кариус кој ја изби топката во нозете на Бензема во 51-та минута и потоа се случи еден од најсмешните погодоци во турнирот воопшто.

Мане сепак израмни четири минути подоцна, а Бејл донесе предност на „кралевите“ во 63-тата минута по гол со задни ножички.

Во 83-тата минута Велашнецот го постигна својот втор гол на натпреварот, откако голманот на Ливерпул направи нова грешка, откако не успеа да го скроти ударот и ја внесе топката во својата мрежа.

Ливерпул беше принуден да го игра поголемиот дел од натпреварот без големата ѕвезда Мохамед Салах, кој се повреди непријатно во областа на рамото о 30-тата минута од првото полувреме.

„Кралевите“, исто така, имаа проблеми од слична природа, откако Карвахал беше повреден во 37-та минута и исто така беше принуден да го напушти финалето. /МИА

притисни ентер