Вонредно собрание на МКФ, се решава судбината на Наумовски

Вонредно собрание на Македонската Кошаркарска Федерација (МКФ) ќе се одржи денеска напладне на кое ќе се одлучува дали актуелниот претседател, Петар Наумовски ќе остане на чело на МКФ.
Доколку клубовите му изгласаат недоверба, за претседател на Федерацијата ќе се кандидираат поранешниот кошаркарски репрезентативец, Владо Илиевски и поранешниот градоначалник на Куманово, Зоран Дамјановски - Циц.

Наумоски пред еден месец го прекина редовното Собрание, пред точката за гласање за негова доверба да дојде на дневниот ред.

Владо Илиевски во меѓувреме ја испочитува процедурата и ги поднесе неопходните потписи, по што актуелниот претседател беше принуден да свика на вонредно собрание.

Илиевски вчеравечер на „Фејсбук“ напиша дека денес е голем ден за кошарката во Македонија и оти ќе направи се за овој спорт го врати на старите патеки.

- Одговорноста која би ми била дадена со функција на претседател на МКФ, пред цела Македонија и посебно моите сограѓани од Струмица, кои целосно веруваат во мене ќе ја преземам со цело срце за да ја вратиме кошарката на старите патеки, таму каде што заслужува да биде. Утре ќе биде голем ден за кошарката во Македонија, напиша Илиевски на својот „Фејсбук“. /МИА

Фото: Вардар пристигна во Келн

Ракометарите на Вардар денеска пристигнаа во Келн каде викендов ќе ги играат натпреварите на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите.

Вардарци кои ќе ја бранат титулата се првиот тим што пристигна во германскиот град. Доаѓањето на другите три полуфиналисти, сите се од Франција, е најавено за попладне.

За денеска планиран е и првиот тренинг, пред саботниот полуфинален меч со Монпеље.

Македонскиот шампион се надева дека ќе биде првиот тим што ќе го одбрани шампионскиот трофеј во ЛШ.

Наполи го претстави Карло Анчелоти за нов тренер

Италијанскиот фудбалски клуб Наполи го претстави Карло Анчелоти за нов тренер.

Фудбалскиот стручњак потпиша тригодишен договор вреден 6,5 милиони евра по сезона.

Претседателот на клубот Аурелио де Лаурентис пред неколку часа соопшти дека ја прекинале соработката со тренерот Маурицио Сари.

Анчелоти претходно беше тренер на Парма, Милан, Јувентус, Челзи, Реал Мадрид, ПСЖ и последно во Баерн Минхен. За него ова ќе биде прво враќање во Серија А по девет години.

Наполи заврши на второто место во Серија А  и следната сезона ќе игра во Лигата на шампионите./МИА

Леконт: Ѓоковиќ веднаш требаше да го оперира лактот

Поранешниот француски тенисер Анри Леконт изјави дека проблемот на Новак Ѓоковиќ е од ментална природа и се забележува дека не ужива на теренот. 

Според Леконт, најдобриот српски тенисер донел лоша одлука кога станува збор за неговото лечење и веднаш требало да замине на операција на лактот.

- Проблемот на Ѓоковиќ е од ментална природа. Мора да бидете решителни и да уживате во процесот на враќање. Се сомневам дека тој ужива на теренот, а треба да верува и да си докаже на себеси дека тоа е можно. Тој е одличен играч и мора повторно да освојува големи натпревари, но факт е дека не се врати на вистинскиот начин, потенцира поранешниот француски тенисер.

Според него за Ѓоковиќ не би било добро повторно да соработува со Борис Бекер.

- Најголемата грешка на Ѓоковиќ беше тоа што премногу долго ја одложуваше операцијата  на лактот, истакна Леконт.

Ѓоковиќ по тешкиот старт во 2018 година и по разочарувачките резултати, конечно на турнирот во Рим почна да игра на повисоко ниво, но се уште далеку од неговите најдобри периоди./МИА

притисни ентер