Путин: Русија останува лидер во светскиот спорт и покрај ситуацијата околу олимпијците

Рускиот претседател Владимир Путин ја посочи консолидацијата на водечките позиции на земјата во светските спортови во изминатата година.

Според него, ситуацијата со олимпијците и казните не влијаеле на Русија и таа се уште зазема водечко место во спортот. Путин присуствуваше на состанок во Краснојарск, каде се прават подготовки за зимската универзијада во 2019 година.

- И покрај ситуацијата со нашите олимпијци, рускиот спорт без сомнение останува лидер во светскиот спорт и на водечко место по организирањето на големи спортски настани, рече Путин.

Тој објасни дека задачата на сите е „да му дадеме на студентскиот спорт поттик и незаборавен празник“.

Русија нема право да учествува со тим на Олимписките игри во Пјонгчанг, поради систематскиот допинг, употребен од руски спортисти. Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) дозволи настап на руските спортисти под неутрално знаме, иако доживотните казни на 28 олимпијци беа повлечени.

Во следните четири години, Русија ќе организира неколку големи спортски собири. Уште ова лето во земјата ќе биде одржано Светското првенство во фудбал, а во 2019 година освен Универзијадата, во Сочи ќе се организира Светското првенство во бокс. Шампионатот во хокеј на мраз, пак, е во Сиктивкар
во 2021 година, а една година подоцна, Казан ќе биде домаќин на Светското првенство во пливање во мал базен.

Во 2015 година, градот веќе беше домаќин на шампионатот во пливање во голем базен.

- Сите овие големи натпревари треба да одговараат на нивото што го покажавме на Универзијадата во Казан и Олимписките игри во Сочи. Тие се дизајнирани за да остават зад себе и значително наследство преку инфраструктура. Исто така преку спортот треба да ги зајакнеме своите вредности, додаде Путин.

Рускиот претседател претпочита да се фокусира на она што треба да се доврши во однос на организацијата на Универзијадата, наместо да го фали завршеното дотука./МИА

Кралството Норвешка донира 76 возила за Армијата на Македонија

Во касарната „Илинден“ во Скопје денеска ќе биде предадена донација од 76 моторни возила од Кралството Норвешка. 

- Седумдесет и шесте моторни возила, од кои триесет и шест се лесни пешадиски моторни возила од типот Мерцедес бенз- 290ГД, Мулти 2 и четириесет товарни моторни возила камиони Сканија-П3, се последен од досегашните многубројни проекти на континуирано одличната соработка во полето на одбраната помеѓу Република Македонија и Кралството Норвешка, велат од Министерството за одбрана.

На настанот ќе се обратат министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на Кралството Норвешка за Македонија, Кристин Мелсом и бригадниот генерал Андрес Јернберг, командант на логистика на Вооружените сили на Кралството Норвешка.

На чинот на официјалното предавање ќе присуствува и раководството од Министерството за одбрана и Генералштабот, генерали во Армијата и команданти од единици.

Санчез до понеделник ќе размислува дали да остане шпански премиер

Шпанскиот премиер Педро Санчез вчера изјави дека пет дена ќе се повлече од јавноста за да размисли дали да остане премиер, откако судот во Мадрид отвори истрага против неговата сопруга под обвинение за корупција.

Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријави 59-годишната Бегоња Гомез пред судот во Мадрид дека, како сопруга на премиерот, дала писма со препораки со нејзин потпис на претприемачите кои се пријавиле на јавни тендери.

Консултантската компанија на претприемачот Карлос Барабес добила десет милиони евра од јавно претпријатие во надлежност на Министерството за економија. Претприемачот подоцна основал постдипломски курс кој го води Гомез на Универзитетот Комплутенсе во Мадрид, објави шпанската телевизија ТВЕ.

Во извештајот се споменува и односот на сопругата на премиерот со компанијата “Глобалија“ (Globalia), која беше спонзор на тинк-тенкот „Africa Center del Instituto de Empresa“ управуван од Гомез.

Шпанската влада употреби 600 милиони евра народни пари за да ја спаси авиокомпанијата „Ер Европа“, која е во сопственост на Глобалија.

Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница. /МИА

Променливо облачно со повремен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег.

Локално врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени Целзиусови.

Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 15 степени Целзиусови.

Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) од утре следува период на претежно стабилно и потопло време со пораст на температурите на воздухот.

притисни ентер