Германците за одбрана на титулата ќе добијат 250.000 евра премија

Четврт милион евра ќе поделат германските ракометари доколку ја одбранат титулата Европски шампион, на претстојното првенство во Хрватска, што ќе се игра од утре до 28 јануари.
Ракометната Федерација на Германија најави премија од 250.000 евра кои ракометарите ќе ги поделат, доколку уште еднаш да дојдат до златниот медал, како што тоа беше случај пред две години во Полска.

- Го зголемивме наградниот фонд на барање на ракометарите и тоа со право. Очекуваме добра игра на ова ЕП и веруваме во нив, изјави  Боб Ханинг потпретседателот на Ракометната федерација на Германија.

Премии германските ракометари ќе поделат и за освојување на сребро односно бронза, така доколку се пласираат на второто место наградата е 200.000 евра, а ако завршат како трето рангирани ќе поделат сума од 150.000 евра.

Инаку актуелниот европски шампион Германија, е еден од противниците на македонската репрезентација во загрепската Ц група, во која својот меѓусебен дуел ќе го имаат во 3. коло закажано за 17 јануари во терминот од 18:15 часот./МИА

СП 2018: Шаќири: Мојата радост беше полна со емоции

Швајцарскиот фудбалер Ѓердан Шаќири изјави дека не сака да ги коментира реакциите на радоста на неговиот победнички гол против Србија.

Швајцарската репрезентација ја совлада Србија со 2:1 во натпревар од групата Е на Светското првенство во Русија, а стрелец на решавачкиот гол беше Шаќири во 90-та минута.

Швајцарскиот фудбалер со косовско потекло на голот и на победата се радуваше гестикулирајќи орел како симбол на албанското знаме, а многумина особено од српската страна го сфаќaат како политичка провокација.

- Не сакам да го коментирам тоа. Ја видовте мојата радост беше полна со емоции. Оваа победа е за Швајцарија и тоа е се што би рекол за темата, истакна Шаќири.

На сличен начин и неговиот соиграч Гранит Џака, кој исто така има албанско потекло, се радуваше на првиот гол кој го постигна за израмнување на Швајцарија. /МИА

СП 2018: Митровиќ: Многу наивно ги примивме головите

Српскиот фудбалер Александар Митровиќ по натпреварот со Швајцарија изјави дека многу наивно доволиле да примат два гола.

Швајцарската репрезентација ја совлада Србија со 2:1 во натпревар од групата Е на Светското првенство во Русија, а Митровиќ во петтата минута го постига единствениот гол за српската репрезентација.

- Не знам што се случи, ги примивме головите многу наивно и многу глупаво. Наместо да го браниме резултатот...Не може да се оди како мува без глава, разочаран сум, истакна Митровиќ.

За Србија сега единствена шанса за пласман во осминафиналето е победа против Бразил.

- Треба да се бориме против Бразил и да играме за победа. И Костарика и Швајцарија покажаа дека може да се игра против нив, наведе српскиот фудбалер.

Во оваа група Бразил и Швајцарија сега имаат по четири бода, Србија има три, додека Костарика остана без бодови и без шанси за натамошен пласман. /МИА

СП 2018: Швајцарија ја совлада Србија

Швајцарија ја совлада Србија со 2:1 во натпревар од групата Е на Светското првенство во Русија.

Во возбудливиот натпревар со сериозни шанси на двете страни, српската репрезентација дојде до водство од 0:1 со голот на Александар Митровиќ во петта минута, резултат со кој се замина на паузата.

Во почетокот на вториот дел Гранит Џака беше прецизен и Швајцарија во 52-та минута израмни на 1:1.

Швајцарската репрезентација со голот на Џердан Шакири во 90-та минута дојде до победа од 2:1.

Во оваа група Бразил и Швајцарија сега имаат по четири бода, Србија има три, додека Костарика остана без бодови и без шанси за натамошен пласман./МИА

притисни ентер