Гонзалез: Прва цел е да играме како голем тим

Македонската ракометна експедиција од утрово е во Загреб, каде в сабота ќе го започне својот настап на Европскиот шампионат.
Новитет во информирањето од Првенството е отвореното студио кое го има телевизиската продукција на Европската ракометна федерација (ЕХФ ТВ), во кое меѓу првите гости беше македонскиот селектор Раул Гонзалез.

- Ова е големо натпреварување. Сите сакаат да бидат овде. Се е перфектно, со нетрпение чекаме да почнеме да играме. Мислам дека немавме доволно време за подготовки, но среќен сум дека минавме доволно време заедно, па мислам дека, сепак, сме доволно подготвени, изјави македонскиот селектор.

На прашањето која е првата цел, и кои се очекувањата во групата, Шпанецот Гонзалез истакна дека најважно е да одиграат како голем тим.

- Првата цел е да изгледаме како тим, да играме заеднички и силно, сите до еден. За да имаме шанса да ја минеме групата, најважно е како ќе го одиграме првиот меч против Словенија, од тоа зависи понатамошниот тек на шампионатот. Треба да одиме чекор по чекор, прво мора да се фокусираме на Словенија, а потоа ќе размислуваме за другите, дополни Гонзалез.

Тој не го криеше задоволството што при престојот во нашата земја имаше можност да го научи македонскиот јазик.

- Ние зборуваме на македонски. Во мојот клуб Вардар вложивме голем труд и сите да научиме македонски. Во екипата има Руси, Срби, Хрвати, Шпанци, но решив да зборувам македонски, и мислам дека одлично се разбираме. Впрочем, зборувам македонски бидејќи имам почит кон народот, нацијата, земјата, истакна Гонзалез.

Според програмата, селекторот Гонзалез и неговите избраници, попладнево треба да го одработат првиот тренинг во загрепската „Арена“, каде в сабота против Словенија ќе го одиграат првиот меч./MИА

СП 2018: Шаќири: Мојата радост беше полна со емоции

Швајцарскиот фудбалер Ѓердан Шаќири изјави дека не сака да ги коментира реакциите на радоста на неговиот победнички гол против Србија.

Швајцарската репрезентација ја совлада Србија со 2:1 во натпревар од групата Е на Светското првенство во Русија, а стрелец на решавачкиот гол беше Шаќири во 90-та минута.

Швајцарскиот фудбалер со косовско потекло на голот и на победата се радуваше гестикулирајќи орел како симбол на албанското знаме, а многумина особено од српската страна го сфаќaат како политичка провокација.

- Не сакам да го коментирам тоа. Ја видовте мојата радост беше полна со емоции. Оваа победа е за Швајцарија и тоа е се што би рекол за темата, истакна Шаќири.

На сличен начин и неговиот соиграч Гранит Џака, кој исто така има албанско потекло, се радуваше на првиот гол кој го постигна за израмнување на Швајцарија. /МИА

СП 2018: Митровиќ: Многу наивно ги примивме головите

Српскиот фудбалер Александар Митровиќ по натпреварот со Швајцарија изјави дека многу наивно доволиле да примат два гола.

Швајцарската репрезентација ја совлада Србија со 2:1 во натпревар од групата Е на Светското првенство во Русија, а Митровиќ во петтата минута го постига единствениот гол за српската репрезентација.

- Не знам што се случи, ги примивме головите многу наивно и многу глупаво. Наместо да го браниме резултатот...Не може да се оди како мува без глава, разочаран сум, истакна Митровиќ.

За Србија сега единствена шанса за пласман во осминафиналето е победа против Бразил.

- Треба да се бориме против Бразил и да играме за победа. И Костарика и Швајцарија покажаа дека може да се игра против нив, наведе српскиот фудбалер.

Во оваа група Бразил и Швајцарија сега имаат по четири бода, Србија има три, додека Костарика остана без бодови и без шанси за натамошен пласман. /МИА

СП 2018: Швајцарија ја совлада Србија

Швајцарија ја совлада Србија со 2:1 во натпревар од групата Е на Светското првенство во Русија.

Во возбудливиот натпревар со сериозни шанси на двете страни, српската репрезентација дојде до водство од 0:1 со голот на Александар Митровиќ во петта минута, резултат со кој се замина на паузата.

Во почетокот на вториот дел Гранит Џака беше прецизен и Швајцарија во 52-та минута израмни на 1:1.

Швајцарската репрезентација со голот на Џердан Шакири во 90-та минута дојде до победа од 2:1.

Во оваа група Бразил и Швајцарија сега имаат по четири бода, Србија има три, додека Костарика остана без бодови и без шанси за натамошен пласман./МИА

притисни ентер