Ингебритсен: Најважно е утре да победиме против Вардар

Фудбалерите на Розенборг кои неодамна ја обезбедија новата шампионска титула во Норвешка, во Скопје допатуваа во натпреварувачки ритам, па на утрешниот меч против Вардар, во Лигата на Европа, ќе атакуваат на победа.
Ова меѓу другото го потенцира тренерот на Розенборг, Каре Ингебритсен на прес-конференцијата пред вечерашниот тренинг кој норвешкиот тим го има на арената „Филип Втори“ каде утре ќе го одигра мечот против македонскиот шампион.

- Кај нас првенството заврши и сметам дека тоа ќе ни биде предност. Не сме надвор од ритам, напротив успеавме да се одмориме и со нова енергија ќе се обидеме победнички да ја завршиме европската епизода. Ќе имаме време за одмор по мечот со Вардар, а утре ни е најважно да победиме против Вардар“, изјави Ингебритсен.

Иако двата тима одамна ги загубија шансите за прогрес во нокаут фазата, сепак двете екипи ќе се обидат со победа да го завршат настапот во Лига Европа.

Голманот Андре Хансен очекува со победа да ја завршат европската сезона.

- Ја освоивме шампионската круна во Норвешка што е голем успех и сега сакаме победнички да ги завршиме настапите и во Европа Лигата. Последен меч е за нас и редно е да ја забележиме втората победа во групата“, изјави Хансен, кој утре принудно ќе го менува капитенот Мајк Јенсен, кој пак не допатува во Скопје од семејни причини.

Натпреварот од последното 6.коло во групната фаза во Лига Европа меѓу Вардар и Розенборг кој ќе се игра утре, ќе започне во терминот од 21 часот и 5 минути./МИА

Велковски е нов играч на Ријека

Дарко Велковски е нов играч на фудбалскиот клуб Ријека.

Велковски потпиша договор за три години со можност за продолжување за уште една година, а во Хрватска доаѓа од редовите на Вардар. Тој е и поранешен фудбалер на Работнички, а со двата тима го има освоено македонскиот шампионат.

- Градот е убав, луѓето се одлични, сите се насмеани. Стефан Ристовски ми кажа сѐ најдобро за Ријека, за клубот и навивачите. Исто така, ги знам Жута и Ристовски. Се надевам дека ќе ги оправдаме нашите очекувања и ќе освоиме трофеи во Ријека, изјави Велковски по потпишувањето на договорот, цитиран од клубот.

Тој се заблагодари за дадената шанса во тимот од Хрватска и изрази надеж дека ќе се вклопи во системот на тренерот и дека ќе напредува. /МИА

Штербик во изборот на ЕХФ за најдобри одбрани во ЛШ

Голманот на европскиот ракометен шампион Вардар, Арпад Штербик се најде во изборот на ЕХФ за најдобра одбрани во регуларниот дел од сезоната 2017/2018.

ЕХФ во својот избор ја вметна двојната одбрана на Штербик на гостувањето против ППД Загреб во Хрватска.

Вардар и оваа сезона ќе биде дел од Ф4 турнирот од Лигата на шампионите. Тој ќе се игра на 26 и 27 мај во Келн, Вардар за противник го има Монпелје. /МИА

Дел Боске: Салах нема да го направи Реал подобар тим

Поранешниот селектор на Шпанија Висенте дел Боске се искажа доста негативно за играчите на Ливерпул пред претстојното финале во Лигата на шампионите против Реал Мадрид. 

Според него, ниту еден од нив не би го направил тимот на „белите“ подобар, вклучувајќи и напаѓачот Мохамед Салах, кој реализираше 32 гола во Премиер лигата на Англија во оваа сезона.

- Реал Мадрид има одличен состав и е најдобриот тим во Европа во моментов. Тие треба да го потврдат тоа во сабота. Очекувам Реал да победи со 4:1, рече 67-годишниот Дел Боске.

Тој како тренер го изведе Реал до две титули во Шпанија и две во Лигата на шампионите.

- Ги гледам играчите на Ливерпул и не сметам дека некој од нив би ја кренал класата на Реал, па дури ни Мохамед Салах. Герет Бејл и Карим Бензема се многу добри. Карим Бензема понекогаш има слаби периоди во однос на реализацијата, но тој секогаш дава се од себе, а Роналдо ги прави сите околу себе подобри, рече специјалистот, кој ја изведе Шпанија до светската и до европската титула. /МИА

притисни ентер