Адвокатите алармираат : предлог – законот за нотаријат ќе удри по џебот на граѓаните

Предлог – законот за нотаријат ќе удри по џебот на граѓаните, алармираат адвокатите.
За склучен купопродажен договор во вредност од околу 50.000 до 80.000 евра, адвокатските и нотарските трошоци сега се најмалку 10.000 денари, а со измените, граѓаните ќе ја плаќаат истата сума и ќе немаат правна заштита.

Адвокатката Павлина Зефиќ вели дека со така целосно ќе се уништи адвокатурата, зашто предлозите на нотарската комора го промовираат надриписарството. Измените не се приоритетни, бидејќи ги немало во планот 3-6-9.

„Цената за еден нотарски акт којшто сега се предвиува со новите предлог измени, се движи од 8.000 до 60.000 денари во зависност од вредноста на предметот. Доколку се предвидува, онаа варијанта којашто ние како адвокати ја бараме, а тоа е договорите да ги составуваме, а нотарот само да ги потврдува во форма на јавна исправа, таа варијанта ќе биде многу поевтина“, изјави адвокатката Павлина Зефиќ

Адвокатите преку медиумите дознале дека премиерот Заев ќе има состанок со членовите од ресорот правда. Зефиќ јавно апелираше адвокатската комора да не отстапува од барањето за повлекување на предлог измените. Заев очекува прифатливо решение.

„Редот е прво да разговараме после правото на штрајк не им бега“, изјави премиеот Зоран Заев.

Опцијата за штрајк, адвокатите повторно ја разгледаа на нефомален состанок. Ако штрајкуваат, нема да се заврши ниту една правна работа.

„Тоа ќе значи штета на сите. Парализирање на целиот судски систем, на граѓаните и наш судир. Но, ние ќе направиме напор да не дојдеме до тоа, бидејќи во таква ситуација, нема да имаме корист“, изјави адвокатот Раде Јовчевски.

Според судиите на Светска банка за Југоисточна Европа, за трошоците пред нотар за долговите за сметки, Македонија е на второто место, после Латвија. Помалку трошоци имаат граѓаните на Словенија па на Хрватска, земји кои се во Европската унија. 

Се воведува државна награда за Денот на албанската азбука

Собранието на Република Македонија во рамки на 46. седница попладнево ги донесе измените и дополнувањата на Законот за државните награди, по скратена постапка, предложени од владејачкото мнозинство.

Претходно беа донесени и измените на Изборниот законик, кој предвидува привремено решение за нов состав на Државната изборна комисија и други законски решенија. 

Со измените на Законот за државните награди се предвидува воведување уште државна награда за Денот на албанската азбука 22 ноември. Опозицијата беше против предлогот нагласувајќи дека има и други заедници кои имаат свои значајни денови, како Ромите, Турците... и оти не гледаат зошто измените се носат по скратена постапка. 

Законот за поддршка на млади при купување на музички инструменти беше поддржан од сите пратенички групи, но главната дебата меѓу пратениците се водеше за тоа кој го предложил овој закон. Опозицската ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека тоа била Владата на поранешниот премиер и поранешен нивни партиски претседател Никола Груевски во март 2016 година, додека пратениците од СДСМ тврдеа дека ова е комплетно нов закон и оти е предложен од актуелната Влада на премиерот Зоран Заев. 

Претходно беа донесени измените на Законот за животната средина, додека за Законот за заштита на природата и за Дополнетиот предлог закон за измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински средства по расправата не се гласаше поради немање кворум. Пратениците ги изгласаа и измените и дополнувањата на Законот за вработување на инвалидни лица, а во прво читање помина и предлог на закон за изменување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност. 

Донесени беа и измените и дополнувањата на Изборниот законик со којшто се предвидува избор на привремен шестмесечен состав на Државната изборна комисија.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, кој ја води седницата во отсуство на претседателот Талат Џафери, кој е во посета на Србија, продолжението на 46. седница ја закажа за утре напладне. 

Каменос: Нема да има решение на името

Решение нема да се најде, вели министерот за одбрана на Грција и коалициски партнер во грчката влада Панос Каменос во интервју за радиото „Алфа989“.

Лидерот на Независни Грци уште еднаш ја повтори позицијата дека неговата партија нема да гласа за сложено име со терминот Македонија, без разлика дали, како што рече, ќе се вика „Илинден, Свети Илија, дали ќе се вика Горна, дали ќе се вика Долна, Вардарска Македонија, тоа е Македонија“.

- Верувам дека нема да се најде решение. Верувам дека нема да се најде бидејќи самите Скопјани го имаат убедено нивниот народ во еден мит што го изгради Тито и што се врти околу името Македонија. Јас имам јасна позиција, нема никогаш да гласам за име што го содржи терминот Македонија. Независни Грци ова го имаат во основачката прокламација, ние нема шанси да гласаме кое и да е името дали Горна, Долна, Свети Илија, рече Каменос во интервјуто.

Коалицискиот партнер во грчката влада, рече дека предуслов за договор е да се направат уставни промени кај нас, за кои изрази став дека не би поминале во македонското собрание.

- Позицијата на владата е дека нема да има никакво гласање и ратификација на договорот во грчкиот парламент, ако не помине уставна промена во собранието на Скопје, потенцираше министерот за одбрана на Грција и индиректно, им стави крај на преговорите и покрај тоа што задутре, шефовите на македонската и грчката дипломатија ќе одржат нови средби со медијаторот Нимиц во Њујорк.

- Грција водеше преговори, ја доби играта на меѓусебни обвинувања (blame game), покажа дека Грција не е таа што го турка Скопје, самите си се самоубиваат, самите одлучуваат дека не го менуваат нивниот Устав. Штом не го менуваат нивниот Устав, запира секаков разговор, додаде Каменос во интервјуто.

Тој говореше и за шефот на грчката дипломатија во однос на тоа дека добро ги води преговорите и што успеал да направи, споменувајќи дека соседите прифатиле дека се словенска нација, но и ги тргнале спомениците.

- Министерот за надворешни работи, успеа конечно да им ги симне спомениците, таа лудост, како италијанска комедија беше. Го ставија Александар Велики на коњ поголем од вселенски брод, па имаа ставено знаци на аеродроми, на улици на пластични кутии на производи, добро е, ги тргнаа, ги симнаа. Тоа е еден чекор. Втор чекор, мислам дека е, што конечно, во меѓународните преговори, прифаќаат дека се една словенска нација, еден народ кој потекнува од Словените кој живее во тој регион, рече Каменос./MИА

Иванов: Наша должност е да го негуваме наследството на светите Кирил и Методиј

Претседателот Ѓорге Иванов присуствуваше на отворањето на изложбата „По трагите на светите Кирил и Методиј“ на словачкиот автор Павол Демеш, а во организација на Амбасадата на Република Словачка.

Правото на сопствен јазик, на образование, на самоидентификација и денес се основни универзални и европски човечки вредности. Јас денес го говорам македонскиот јазик, исто како што нашите словачки пријатели го говорат словачкиот јазик, благодарение на светите Кирил и Методиј, истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на отворањето на изложбата „По трагите на светите Кирил и Методиј“ на словачкиот автор Павол Демеш, а во организација на Амбасадата на Република Словачка.

- Битката на светите Кирил и Методиј беше да им се овозможи на словенските народи сами да го спознаваат Божјото слово, сами да ја создаваат и пренесуваат својата култура, традиција, сами да ја пишуваат својата историја, порача во обраќањето претседателот Иванов.

Духовното стебло на светите Кирил и Методиј, додаде македонскиот претседател,  е богатството на Европа кое денес го именуваме како единство во различноста.

- Без тоа словенско стебло денес ќе имавме една интелектуално и духовно посиромашна Европа. Затоа, должност на нашата генерација е да го негуваме и афирмираме тоа наследство, благодарение на кое ние денес имаме наш светоглед, наша посебност и идентитет, рече во обраќањето претседателот Иванов.

Изложбата е по повод 1155-годишнината од доаѓањето на солунските браќа на територијата на Велика Моравија, предците на Словаците и Чесите, и 25-годишнината од осамостојувањето на Република Словачка. Изложбата претставува фотографска биографија на солунските браќа, заштитниците на Европа, на која авторот работел три години.

Станува збор за избор фотографии, којшто треба да покаже кои биле Кирил и Методиј, и воедно, зошто се толку важни за словенските народи. Изложбата опфаќа и споменици од најразлични земји, зачувани од времето на светите Кирил и Методиј или кои им се посветени ним.

Павол Демеш е експерт за надворешна политика и граѓанско општество. Живее во Братислава. Активно фотографира, а неговите фотографии повеќе пати беа изложени и презентирани во Словачка, како и во странство./МИА

притисни ентер