Прилепските млади поети меѓу најдобрите на Балканот

Прилепските основци Ерика Јованоска и Борис Ночески со своите лични творби се пласираа меѓу најдобрите 22 учесници на меѓународниот фестивал „Деца поети“ што на почетокот од овој месец се одржа во Мостар.

Ночески освои трета награда, а Јованоска ја освои наградата „најелегична песна“ во конкуренција од 1.470 песни од речиси исто толку млади поети од Босна и Херцеговина, Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Грција.

Јованоска и Ночески, кои учат во основното училиште „Кире Гаврилоски-Јане“, истакнаа дека на фестивалот имало многу дружење и активности.

- На почетокот бев скептик дека ќе влезам во финалето, но бев пресреќен кога сфатив дека сум и награден, изјави Ночески.

Ерика информира дека учествувала со нејзината елегична песна „Тага“ и изрази благодарност до нивното училиште и спонзорите кои го поддржале овој натпревар.

Според професорката по македонски јазик и ментор на учениците, Сузана Николоска фестивалот бил збогатен со многу едукативни содржини.

- Фестивалот почна со едукативен час за Алекса Шантиќ. Учениците се запознаа со оваа маркантна личност. Потоа продолжи дебата на жири- комисијата со учесниците. Имаше многу содржини со рекреативен карактер, богата програма и беа организирани посети на многу значајни споменици, рече Николоска. /МИА

Саудиска Арабија за прв пат учествува на изборот за Мис Универзум

Саудиска Арабија ќе учествува на изборот за Мис Универзум 2024 за прв пат во историјата на изборот.

Руми Алкахтани, 27-годишна манекенка и инфлуенсер родена во Ријад, ќе ја претставува Саудиска Арабија на изборот за убавина.

- Чест е да се учествува на изборот за Мис Универзум 2024. Ова е прво учество на Кралството Саудиска Арабија на изборот за Мис Универзум - објави таа на својот Инстаграм профил.

Освен што е крунисана за Мис Саудиска Арабија, Алкахтани ги носи и титулите Мис на Блискиот Исток, Мис на Арапскиот свет за мир 2021 година и Мис жена на Саудиска Арабија.

Таа претходно ја претставуваше Саудиска Арабија на неколку меѓународни натпревари, меѓу кои и оној за Мис Азија, кој се одржа во Малезија, пишува Index.hr.

Сончево и топло до крајот на неделава со температури до 27 степени

Следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот.

Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата, соопшти УХМР.

Минималните утрински температури ќе бидат во интервал од 4 до 12, а максималните дневни ќе достигнат до 27 степени.

Струмичката болница обезбеди модерна ендоскопска и лапароскопска опрема за хируршки зафати

Струмичката болница обезбеди и започна со работа со нова модерна ендоскопска и лапароскопска опрема за потребите на одделот хирургија, информираа од оваа здравствена установа.

Како што соопштија оттаму, со лапароскопска хирургија се овозможува полесен третман на пациентите со минимални инвазивни третмани, помал губиток на крв, помал ризик од инфекции, полесно заздравување и пократок престој на пациентите во болница за разлика од отворените хирушки интервенции.

-Тимот на хирурзи, хирурзи на абдоминална хирургија, во болницата веќе подолго време работат лапароскопски операции, а во наредниот период ќе се работи на проширување на експертизата, доедукација на лекарите во лапароскопска хирургија, како и во гинекологија за проширување на видот на оперативните третмани кои досега се работеа во нашата болница со класични отворени хирушки методи, велат од ЈЗУ „Општа болница Струмица“.

Инаку, лани се направени вкупно 1.400 операции, од кои околу 300 лапароскопски хирушки интервенции.

притисни ентер