Ќе се менува сообраќајниот режим во Битола

Со нов сообраќаен режим Битола ќе се спасува од сообраќајниот метеж во централното градско подрачје, но и од загадувањето.
 Општината веќе започна со подготовки за изготвување на нова сообраќајна студија со која што ќе се предвидат повеќе еднонасочни улици во центарот на градот, каде што сообраќајот секојдневно е многу густ, што пак предизвикува постојани застои.

И пешаците и возачите се согласуваат дека има потреба од измени на постоечките сообраќајни решенија.

Досегашниот сообраќаен режим и големиот број возила се причина повеќе за загадувањето на воздухот кое што во центарот на градот речиси редовно во зимскит период бележи концетрации на загаденост високо над дозволените граници.

,,Сообраќајната студија која што планираме да ја изготвиме всушност треба да ни даде насоки за тоа како треба да биде регулиран сообраќајниот режим во нашата општина. Очигледно е дека со сообраќајниот режим имаме проблеми од повеќе аспекти и затоа треба да биде разгледан и на некој начин да биде саниран за да се стопираат сите оние последици кои што се неподобни за нас како граѓани. Основната причина за потребата од нова сообраќајна студија е загадувањето, но ова е поврзано и со други работи. Имено, застојот во сообраќајот дефинитивно е пречка во нашето живеење затоа што не ни овозможува да функционираме, да стигнеме навреме онаму каде што сакаме, создава дополнителна нервоза и тензија која што дефинитивно треба да се санира. Сообраќајниот метеж кој што постои всушност може да се регулира само со добра студија која што ќе овозможи добра циркулација на возилата низ нашите улици.,,-вели градоначалничката на Битола Наташа Петровска.

На потребата од нова сообраќајна студија укажува и податокот дека во Битола се проценува дека има повеќе од 30.000 регистрирани возила, што е премногу за постоечката улична инфраструктура. 


Променливо облачно и посвежо време

Времето во Македонија ќе биде променливо облачно, ветровито и значително посвежо со повремен локален дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува северен ветер.

Утринската температура ќе се движи од 11 до 17, а  дневната од 16 до 25 степени.

УВ-индексот ќе изнесува 6.

Во Скопје променливо облачно со повремен локален дожд. Утринската температура ќе се спушти до 15, а дневната ќе се искачи до 23 степени.

Во недела се очекува повремен локален дожд, особено во јужните делови на земјава. Од понеделник до среда ќе има промена на временската состојба, така што времето ќе биде облачно и посвежо со пообилни врнежи од дожд, особено повеќе ќе бидат застапени во западните делови на земјава. /МИА

Полицијата ќе едуцира за „Лето без пожари“

Одделението за превенција при Секторот за внатрешни работи Скопје од денеска почнува со кампања и превентивни активности за реализација на проектот „Лето без пожари“.

Активностите ќе почнат напладне на паркингот кај „Свети Пантелејмон“ - Горно Нерези, на падините на Водно и ќе се реализираат на тој начин што полициски службеници по случаен избор ќе сопираат патнички моторни возила и на возачите ќе им укажуваат за ризиците од појава на пожар и штетите од евентуалната појава на истиот.

Од МВР информираат дека активностите ќе продолжат во текот на летниот период со превентивно делување со цел намалување на пожарите предизвикани од невнимание од страна на граѓаните, преку подигање на свеста во однос на заштита и зачувување на зелените површини, како и подобрување на личната и севкупната безбедност на граѓаните. /МИА

Масовна средба на лица со телесен инвалидитет

Седма масовна средба на лица со телесен инвалидитет ќе се одржи денеска во дворот на Центарот за ортотика и протетика „Славеј“ во Скопје, во организација на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија.

Се очекува на средбата да бидат присутни повеќе од 300 лица со телесен инвалидитет од целата држава.

Масовната средба се организира под мотото „Сплотени, достоинствени и силни“. Под тема на средбата се активностите за измена и дополнување на Правилникот за индикации за остварување на право на ортопедски и други помагала.

Главен покровител на „Масовната средба 2018“ е Центарот за ортотика и протетика „Славеј“, кој ќе го обезбеди и организира просторот во нивниот двор, заедно со тематските и забавните содржини. Град Скопје го обезбедува автобускиот превоз на учесниците од внатрешноста на Македонија, а Мобилност Македонија од средствата од Министерството за труд и социјална политика за спроведување на програмските активности за 2018 година го обезбедува превозот со автомобили и комбиња за лица кои не можат да користат автобуски превоз или немаат организиран автобуски превоз. /МИА

притисни ентер