Кривична пријава за поранешниот градоначалник на Крива Паланка

Секторот за внатрешни работи од Куманово до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против А.А. (57) и М.М. (67) поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување исправа“.


Како што соопшти денеска МВР, двајцата пријавени во периодот од јуни 2009 година до мај 2013 во два наврати ја злоупотребиле својата службена положба и овластувања. Првопријавениот, во тој период во својство на градоначалник на Крива Паланка, а второпријавениот во својство на тогашен директор на ДСУ „Ѓорче Петров“ од истата општина, постапиле спротивно на заклучоците и одлуката на Владата за проектот за изградба на 35 спортски сали.

- А.А. и М.М. на 29 мај 2009 година изготвиле и потпишале лажна исправа - Договор за инвестирање во изградба на спортска сала „Петар Поп Арсов“ со Агенцијата за спорт и млади како инвеститор на проектот. Заведувајќи го „договорот“ под три деловодни броја во три деловодника и тоа во оној при општина Крива Паланка, во ДСУ „Ѓорче Петров“ и во Агенција за млади и спорт, во договорот во член 7 став 1, навеле дека спортската сала наводно ќе биде изградена во дворот на ДСУ „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка, иако таму веќе имало изградено спортска сала, соопшти МВР.

Согласно склучениот договор, општина Крива Паланка се обврзала да го подготви теренот и да обезбеди пристапни патишта за почнување на изградбата, да изврши технички прием на функционалност на спортска сала, да издаде употребна дозвола, и да достави до Агенцијата за млади и спорт имотен лист во кој ќе биде впишана спортската сала.

Овие одредби од договорот воопшто не биле исполнети, туку спротивно на тоа пријавениот А.А. донел и потпишал Решение за локациски услови за градба и потпишал Одобрение за градење-изградба на спортската сала на друга локација, на катастарска парцела која дел била во сопственост на општината, а дел во сопственост на Република МАкедонија, без претходно да се изврши пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно.

По изградбата на спортската сала, двајцата пријавени вторпат ја злоупотребиле службената положба и овластување кога прифатиле и потпишале Записник за примопредавање на градежниот објект- спортската сала со Агенцијата за млади и спорт. Навеле дека таа е целосно завршена, иако не биле изведени градежни работи за доградба, реконструкција, паркинг простор, сообраќајници, согласно Одобрението за градење. Ова е констатирано во Записникот за извршен вонреден инспекциски надзор од страна на градежната инспекција. Со тоа е нанесена дополнителна штета на Општината, која во наредниот период треба да ги доврши овие градежни работи.

Констатирано е дека новоизградената спортска сала воопшто не била внесена во катастарскиот операт за КО Крива Паланка, а имотниот лист во кој требало да биде внесена спортската сала во сопственост на општина Крива Паланка никогаш не бил доставен до Агенцијата за недвижности при Владата. /МИА.

Макрон: Г-20 треба да постигне согласност за поканата за Путин

Претседателот на Франција, Емануел Макрон вчера дека земјите-членки на Г-20 мора претходно да се договорат пред да го поканат рускиот претседател Владимир Путин да Самитот на групата во Бразил во ноември.

- Поентата на овој клуб е дека треба да има консензус со другите 19 земји. Ова ќе биде работа за бразилската дипломатија. Ако таков состанок може да биде корисен, тогаш треба да се одржи, истакна Макрон на заедничката прес-конференција во Бразил со неговиот колега Луис Инасио Лула да Силва.

Бразил, актуелниот претседавач со групата Г20, која сочинува 80 проценти од светската економија, е против напорите предводени од САД да се изолира и казни Русија за нејзината инвазија врз Украина, тврдејќи дека украинскиот претседател Володимир Зеленски и западните земји имаат вина за војната.

Путин не присуствуваше на минатогодишниот Самит на Г-20 во главниот град на Индија, Делхи, избегнувајќи можна политичка цензура и ризик од притвор по наредба на Меѓународниот кривичен суд (МКС).

Во септември 2023 година, Лула изјави „нема шанси“ Путин да биде уапсен доколку присуствува на Самитот во Рио де Жанеиро. Набргу потоа, тој се обрати и изјави дека одлуката за евентуалното апсење на Путин ќе ја донесе судскиот систем, а не неговата влада./МИА

Украина: Соборени 84 од 99 руски беспилотни летала и проектили, оштетени три термоелектрани

Воздушна тревога е прогласена во текот на ноќта на целата територија на Украина.

Руски беспилотни летала и проектили синоќа гаѓаа електрани во источна и централна Украина, изјави денеска украинскиот министер за енергетика, а воздухопловните сили на земјата соопштија дека Русите истрелале 99 дронови и проектили на украинска територија, од кои успеале да уништат 84.

Воздушна тревога е прогласена во текот на ноќта на целата територија на Украина.

Варшава објави дека го засилила надзорот на полскиот воздушен простор поради зголемената воздушна активност.

Украинското воено воздухопловство соопшти дека уништиле вкупно 84 истрелани руски ракети, од кои 58 биле беспилотни летала „Шахед“ од иранско производство и 26 ракети.

Украинската енергетска компанија ДТЕК соопшти дека во синоќешните руски удари биле оштетени три украински термоцентрали.

Како што е наведено утрово, опремата на трите централи била тешко оштетена, а по нападот веднаш започнало отстранувањето на штетите.

Министерот за енергетика Герман Галушченко изјави дека во „силен напад“ ноќеска нападите биле насочени кон енергетските постројки во регионите Днепропетровск, Полтава и Черкас.

Гувернерот на областа Днепропетровск, Сергиј Лисак, изјави дека во текот на ноќта силите за противвоздушна одбрана собориле десет беспилотни летала над областа во регионите Павлоград, Криви Рог, Дњепар и Кајански.

Тој рече дека над Дњепар биле уништени четири проектили, дека се оштетени неколку електрани, а еден човек е повреден.

„Во Камјанск беше погодена земјоделска задруга, а пет лица се повредени, од кои двајца се во тешка состојба. Меѓу повредените има и петгодишно дете“, изјави гувернерот.

Вооружените сили на Полска објавија дека нејзините воени авиони биле подигнати за да го надгледуваат воздушниот простор како одговор на истреланите руски ракети во западна Украина.

Варшава во неделата објави дека руска крстосувачка ракета истрелана во правец на градовите во западна Украина навлегла во полскиот воздушен простор низ кој летала 39 секунди. /МИА

Полицијата изрече 207 санкции за брзо возење

Министерството за внатрешни работи вчера спроведе акциска контрола на територијата на земјава  за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што биле санкционирани 207 возачи.

Од нив шест возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 76 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 131 надвор од населено место, информираат од МВР.

Тие најавуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Воедно апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.

притисни ентер