Интернет центарот за македонски јазик ја промовира македонската култура во САД

Интернет центарот за македонски јазик, http://makedonskijazik.org, минатиот месец одбележа десетгодишнина од своето постоење. Центарот е невладина организација базирана во САД, која им овозможува на луѓето од целиот свет да го учат македонскиот јазик како странски преку Интернет, со тутори или самостојно, користејќи мултимедијални материјали кои центарот ги произведува.




Во 2007 година, основачот на овој центар, д-р. Билјана Беламариќ Вилси, Македонка која долги години живее во САД, лингвист и педагог, го замисли како виртуелен центар каде заинтересираните за учење на македонскиот јазик и зачувување на неговата употреба во дијаспората ќе можат да најдат бесплатни квалитетни мултимедијални ресурси кои отсликуваат не само педагошки-препорачани практики туку и македонската култура и тоа користејќи компјутерска технологија на 21-виот век.

На Интернет страницата на овој центар можат да се најдат интерактивни туторијали за учење македонски јазик на почетничко ниво, каде граматика се објаснува аудиовизуелно низ низа примери во дијалози, кои се придружени со тестови за проверка на знаење, прости текстови со аудио снимки за вежбање на читање и слушање, како и посложени текстови во кои се објаснуваат делови од македонската култура. Наставници и тутори по македонски јазик можат да најдат и вежби со пополнување на празни линии кои се базирани на литературни, музички и филмски продукти од македонската култура но организирани според граматички теми кои се обработуваат на часови по македонски јазик како странски.

- Иако можеби претпоставувате дека најзаинтересирани за изучување на македонскиот јазик се деца или внуци на иселеници, моето истражување покажа дека тоа почесто се луѓе кои немаат македонско потекло, изјави за МИА Беламариќ-Вилси.

Според неа, тоа се животни партнери на Македонци (вереници, сопружници...) или пријатели. Понатаму има полиглоти, истражувачи, или лингвисти кои се заинтересирани за изучување на нов јазик и го одбираат македонскиот. И на крај, бизнисмени и припадници на интернационални организации кои ќе работат или веќе работат во Македонија.

Беламариќ-Вилси вели дека повеќето што го изучуваат македонскиот со материјалите на Центарот се од англиското говорно подрачје. Како најтешки граматички особености на македонскиот јазик им се удвоениот предмет, глаголскиот вид (свршен, несвршен) и минатото неопределено време. Но, вели, ако некој е мотивиран, ќе напредува, особено ако е во посета на Македонија.

- Она што често го слушам од студентите кои се во Македонија е дека често се обидуваат да зборуваат македонски, а Македонците им зборуваат на англиски. Иако така им е полесно на студентите, со тоа им се одзема шансата да го вежбаат она што го научиле и ако тоа се повторува често, тие ќе ја загубат потребата да го научат јазикот и со тоа и мотивацијата, оцени таа за МИА.

Согледувајќи дека во дијаспората постои потреба за зачувување на македонското културно наследство низ јазикот, д-р. Беламариќ Вилси исто така на страниците на центарот објавува традиционални детски песнички и игри како „Коледе“, „Две рачички“, или „Сакате ли војна?“ кои им се многу добро познати на децата од Македонија, но често не се пренесуваат од колено на колено во дијаспората, особено во делови на светот каде што нема многу Македонци.

Таа сето тоа го има почувствувано лично со своите три ќерки и сака да им овозможи не само ним, туку и на други семејства кои се во истата ситуација да ги запознаваат своите деца и нивните другарчиња со македонскиот јазик и култура во местата каде што животот ги однел.

За таа цел, таа исто така има дизајнирано и објавено неколку интерактивни игри, што децата можат да ги играат на компјутер и во кои компјутерот им се обраќа на македонски јазик, барајќи да комуницираат преку македонскиот јазик за да бидат наградени. Тоа е многу важен аспект особено за децата во дијаспората кои растат во делови каде немаат други допири со македонскиот јазик.

Уште еден извор на македонски јазик за деца во дијаспората се четири билингвални (македонски-англиски) книги за деца, кои се продаваат преку интернет страницата на центарот и до сега се многу добро примени од читателите. Неколку од нив се и аудио-книги достапни преку иБоокс. Книгите, како и веб страницата, го отсликуваат педагошкиот приод на Беламариќ-Вилси кон сите нејзини потфати - таа се потпира на аудиовизуелна помош да се долови значењето на зборовите, на често повторување на зборовите за полесно да се запаметат, вклопувајќи автентични делови од македонската култура како лични имиња, објекти од историско значење, или типично македонски начини на изразување.

Дејноста на центарот беше интернационално признаена со наградата „Пристап до јазично образование“ во 2012 од страна на Конзорциумот за изучување на јазици преку компјутери (ЦАЛИЦО), а Беламариќ-Вилси беше избрана за една од 40-те најуспешни Македонци во дијаспората во 2015 од страна на организацијата Обединета македонска дијаспора.

Земајќи ги предвид сите постигнувања и признанија на центарот и неговата работа, можеби најневообичаено е што сето тоа е постигнато на волонтерска база. Воедно, самото тоа е и своевидно признание за тоа колку им значи македонскиот јазик и култура на Македонците во дијаспората.

Статистика за центарот

Број на регистрирани корисници (во последните четири години) - 1.280. Најчести земји на посетителите (статистика од последните пет години): Македонија, САД, Австралија, Србија, Косово, Обединето кралство, Турција, Германија, Канада, Словенија, Италија, Франција, Босна и Херцеговина, Индонезија, Грција, Русија, Шведска, Швајцарија, Бугарија, Албанија...

Неда Димова Прокиќ

Мицкоски и Ковачевски ги промовираа своите први спотови во кампањата

На официјалниот старт на кампањата за парламентарните избори лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоскии Димитар Ковачевски  ги промовираа своите први спотови во кампањата

Стартува кампањата за парламентарните избори кои ќе се одржат на 8-ми мај. ВМРО – ДПМНЕ камапњата традиционално вечерва ќе ја старува со митинг од Oхрид, додека СДСМ и коалицијата за европска иднина стартот на камапњата за парламентарните избори ќе ја започнат денеска напладне од Музејот на современата уметност во Скопје, каде свое обраќање ќе има партискиот лидер Димитар Ковачевски..

„Гответе со Дракче“ - Полнети бабури со просо

Во среда (17.04.2024) во емисијата гостин ни беше Тања Турунџиева.

Состојки за денешниот рецепт:

1 главица кромид

2 моркова

1 црвена пиперка

1 црвен домат

1 главица лук

1 китка магдонос

3 бабури

САЛАТА

1 марула

1 краставица

1 брокула

1 карфиол

Погледнете како се подготвува овој рецепт:

Над 20 слаби земјотреси регистрирани во Турција

 Во турскиот град Токат денеска се регистрирани повеќе од 20 земјотреси, а најсилните беа со интензитет од 4,7 и 4,1 степени според Рихтеровата скала.

Најсилниот земјотрес бил во еден часот и шест минути по полноќ на длабочина од 9,97 километри, а вториот во два часот и 35 минути на длабочина од седум километри, соопшти турска Служба за управување со катастрофи и вонредни ситуации (АФАД).

Гувернерот на Токат, Нуман Хатипоглу изјави дека земјотресите не предизвикале жртви и материјална штета.

притисни ентер